Повремено се случува да ѕирнеме преку „плотот“, кај соседите, па да се воодушевиме како интелектуалците таму без влакна на јазикот им се обраќале на нивните политичари. Следува очајување дека ние немаме такви колумнисти/личности, иако состојбите се речиси идентични (на социјален, економски, политички, еколошки, културен план). Некои заклучуваат дека „само треба да се сменат имињата на државите, местата и политичките протагонисти – и лесно ја добиваме и нашата приказна за Струга, Центар, Матка, Чаир, Охрид, Шапка, Осогово, Ѓорче, Скопје… Единствено немаме повеќе вака грлати и јасни интелектуалци! Кај нас, комоцијата на клиентелизмот е најважна!“
Ајде да видиме како пишуваат погрлатите и похрабрите од нас, кога ќе им пукне филмот. Познатиот хрватски колумнист Дежуловиќ вака му се обрати на претседателот Милановиќ: „Накусо, баш како и државата чиј претседател сте и сите нејзини органи на прогон, Вруја е денес курац. Затоа одите малку у курац, посетете го и разгледајте наоколу, па можеби ќе дојдете до некои сознанија. Погледнете го од Дубац тој накажан бетонски курац кој ви се подига и добро утро ви вели: тој прекрасен залив е земјата чиј претседател сте и врховен ова, како се вика, орган на гонење. Гонете се во прекрасната Вруја, претседателу на Република Хрватска, вие јадно и бедно глувче.“ Колумната се однесува на подлабоки проблеми со кои се соочува земјата, но поводот е „еден обичен селски гузоња“, кој не само што своето бетонско гумно го ѕида на државна земја и во државното море туку и во самото срце на општото место на хрватската национална митологија. За полесно разбирање, направете аналогија со она што им случува на Струга и на Охрид. Сакате цитат од Ведрана Рудан, хрватска феминистка, писателка и колумнистка читана од неколку милиони читатели? За денот на државноста напиша: „Некои од нас што примаме честитки, не можеме, а да не почувствуваме во хрватскиот желудник огромно хрватско гадење. Каква е тоа земја во која претседателот му ги враќа одликувањата на обвинет за воени злосторства, а кој никогаш не беше правосилно осуден?… Јасно ми е дека за Милановиќ не треба да се зборува премногу… Што да се стори за тој дивјак да престане да ја срамоти Хрватска и сите нејзини чесни граѓани? Да го пратиме на лечење? Во лудница? Или е само глупав? Или е само бахат? Или е глупав, бахат и зол? Како да му објасниме што стори? Да го напоиме со сулфурна киселина? Да му ги врземе рацете со бодликава жица? Да му ставиме селотејп на устата и да го пуштиме низ Драва?“
Сега да се вратиме дома, кон доминантниот дискурс. И ние имаме коњи за тркање и гузоњи на позиции. Принципот е ист, сè друго е исто на еколошки, социоекономски, политички, културен план. Но нашиов „глушец“ е шампион во категорија што тешко се среќава на другите простори: тој не може да запре да се лигави пред секој помоќен од него, прв е во распродавање – не на заливи, туку на цела држава сосе име, историја, јазик и култура, па и територија. Да го употребам јазикот на Дежуловиќ, овде Македонија отиде у курац, а за нашиов не знаеме дали е глуп, бахат, зол и лаком – или сето заедно. (Се надевам ова нема да биде редактирано, бидејќи само парафразирам, користам метафори и си поставувам реторички прашања.) Кога работите ќе стигнат до ова дереџе, кога никаков друг пристоен, разумен, аргументиран и културен начин не помага, дали пцостите и ваквиот речник смее да излезе од приватната сфера и да се прелее во јавната? Ете, во Хрватска (во ЕУ) може и тие колумнисти добиваат аплаузи во регионот. Дали нам овде ни е тоа дозволено, особено ако фокусот се стави не само на мафијата (на урбаната или на селските гузоњи) туку се однесува на слонот во собата, демакедонизацијата и распарчувањето на сè што нè чини нација? Не дека јас или сличните на мене не сме способни да напишеме вакви текстови, ама ризикуваме да ни стават минус како на небањати и националисти, бидејќи слонот го нарекуваме слон, а силувањето – силување (и дупење во здрав памет)! Како инаку да го коментираш славењето на Охридскиот и Преспанскиот договор на некаков „Преспа форум“? Што да речеш пред бесрамното лигавење пред техничка влада и партиски лидери среде Софија? Како да реагираш пред уште едно велепредавство што се одвива пред наши очи? Но нашите медиуми не живеат овде – тие се „европски“ и политички коректни до степен на национален мазохизам. Кај нив, стравот од (надворешна) цензура или санкции поради наводен навредлив јазик или дури и говор на омраза е реален. Всушност, на власта ѝ е дозволено да се однесува како манијак и егзибиционист, а и нејзините медиумски перјаници, мегафони и додворувачите на „меѓународната“ имаат лиценца за лов на вештерки, што сум го искусила безброј пати. Искрено, речникот и стилот а ла Рудан не ми лежи, но првпат јавно (на Фејсбук) опцув додека уште ме печеа очите од солзавецот и не можев да дојдам до здив од шок-бомбите вечерта на потпишувањето на Преспанскиот договор. „Прогресивните“ кафеави сахиби дополнително ме нападнаа што сум ширела лажни вести за фината и демократска полиција, која млатеше народ собран да протестира против насилно менување на името. Оттогаш, признавам, пцостите ми стануваат дел од речникот, како противотров на сета пропаганда и будалштина што ни ги пласираат низ политички и медиумски канали. Нашите (анти)Дежуловци се карикатурални ликови како некои професори, архитекти и новинари/колумнисти, на кои им е дозволено да повикуваат на смрт, крв, бесење, онанираат јавно, а најголем дострел им е погребувањето НЕ на власта, туку на Македонија, па уште и уринираат врз нејзиниот олтар како израз на највисока европска самосвест. Локалните „дежуловиќи“ се на страната на моќта, легитимираат и урбана мафија, и грабеж и корупција. Затоа, пристоен човек се прашува дали сака да биде македонска верзија на Дежуловиќ?
Од друга страна, културата на јавен говор има длабоки корени во она „молчењето е злато“. Затоа кршиме прсти и се премислуваме пред на будалата да му кажеме дека е будала, а на криминалецот – криминалец. Познавам врвни професори и интелектуалци што се плашат сè уште да го изговорат зборот „велепредавство“ или „воено злосторство“ – затоа што имало други пофини начини на комуникација. Тој тебе со уривање на државата и со содржина од канализациски цевки, ти него на Вие. Ние не сме ни свесни колку сме „пацифицирани“, анестезирани, културни и (лажно) „фини“ кон скотови и битанги. Можеби затоа, ФБ-постовите на Апасиев прават да им се крева косата на глава. Му ги затворија сите ТВ-студија: бил фашист, црнокошуљаш, популист и не бил левичар по мера на уредникот. Не, не е дека немаме вистински Дежуловиќи или Ведрани, но тие не виреат кај политички коректни медиуми и лицемерна јавност што се згрозува над вистината кажана без обланди. Ај да видам барем еден маж/жена да му напише на Мерко дека е сељачки гузоња што користи блиски врски со зелениот Али за да биде шериф во Струга! Ќе прават триста анализи, истражувања, со експертски и правнички јазик ќе вртат како дождот околу Крагуевац, но лажната пристојност мора да владее. Од неа ни зависеле мирот и безбедноста, плус европската иднина… Ведрана напиша: „Објективното новинарство е често колку што е гола жена што дрка на главниот плоштад на главниот град на Саудиска Арабија. Новинарите се секогаш на страната на своите господари. За жал, живееме во време во кое немаме поим кои се вистинските господари на медиумите“.
Со години сум во доброволен егзил од контролираната и идејно празна медиумска, па и јавната сфера (знам дека во меѓувреме сум канселирана, но тоа сосема ми одговара). Остана само колумната и она што ќе го напишам на Фејсбук – додека не ме замолчеле. Често помислувам дека и ова е бесполезно и треба да дигнам раце. Но токму тогаш (на најнеочекувано место) некој ќе ми каже „Само напред, професорке! Гајле да немате, само продолжете со одбраната на Македонија.“ Продолжувам повеќе по инерција отколку со план. Но некои се незадоволни: „Секоја чест за дијагнозите, но немате решенија, не давате терапија!“ Ако како научник не дадов решенија, како ќе дадам во колумна? Ако кажувањето на вистината (Македонија е „у курац“, уште неродена, според Заев и неговата политика на Бенџамин Батон) не е револуционерен чин и аларм, тогаш не знам што да ви кажам. Седете дома и нервирајте се за кратенката на ФФМ и фудбалските дресови, додека онаа будалетинка зборува дека имаме ист јазик, меѓународно признаен како два и дека сме ист народ во две држави. Стара е приказната за улогата на интелектуалците (како авангарда и како лидери на промените), за нивната одговорност, па и предавството, како и бајката за месии, и верба во поединци, кои чудесно ќе ги решат проблемите пред кои народот молчи и ведне глава со децении. Новинарско прашање неодамна гласеше: дали сум ѝ дала доволно за Македонија? Никому не му е грижа што сум дала како професор, едвај некој и да го знае мојот научен опус; акцентот е на јавната сфера. Активниот ангажман од над 25 години им бил малку заедно со сите хајки и предавства.
Единственото што не сум го направила е седнување во фотелја и самозапалување, нешта што нема никогаш да ги сторам: првата затоа што не сум на продажба, а втората затоа што би било будалесто кај народ што се преправа дека спие. Можеби треба да размислам за менување на стилот на пишување, па тогаш други ќе ме запалат како вештерка, во согласност со извршната наредба на врховниот командант Бајден. Ако преживеам, ќе морам да отворам блог и да пишувам книги во кои сите ќе ги испратам каде што заслужуваат… Колку да се знае дека и овде имало луѓе што не се помириле со судбината и небиднината.