С8 уште имам голем отпор да пишувам што било поврзано со оваа пандемија. Мојот генерален став е дека секој треба да дава придонес во областа во која е стручен, а јас не сум ниту инфектолог, ниту виролог, а најмалку епидемиолог. Како педијатар спасував заедно со моите колеги и медицинскиот персонал деца заболени од други видови зарази, и тоа воопшто не беше ниту лесно ниту без опасност по животот. Меѓутоа, ова што ни се случува сега ги надминува границите на моите сфаќања за опасност, спречување, заштита, лекување итн. Сепак, најдов еден доста издржан најнов стручен труд за невролошките манифестации кај заболените од коронавирусот и мислам дека е добро овие сознанија да се споделат со пошироката јавност.
Студијата за која станува збор е објавена во списанието ЈАМА во април 2020, значи е една од најновите, и е од група кинески научници што анализирале 214 хоспитализирани пациенти токму во Вухан, примарното жариште на епидемијата, и тоа токму во центри за лекување заболени од ковид-19.
Како што многупати е нагласено, овој вирус главно предизвикува респираторни нарушувања и како последица на тоа има релативно висока смртност. Така, се нагласуваат симптоми како треска, кашлица, дијареја и замор, но најголеми се наодите на белите дробови, кои најточно се дијагностицираат преку компјутеризирана томографија.
Цел на овој напис се токму невролошките манифестации што биле истражувани кај болните од три центри во Вухан во периодот јануари-февруари 2020 г., а на пациенти што биле позитивни и се лекувале од коронавирусот.
Невролошките манифестации биле групирани во три категории: манифестации од централниот нервен систем (вртоглавица, главоболки, нарушена свесност, акутна цереброваскуларна болест, атаксија и конвулзии); манифестации од периферен нервен систем (растројство на вкус, мирис, вид или нервни болки) и манифестации од скелетната мускулатура. Растројството на свеста вклучува сомноленција (поспаност), ступор или кома, но и растројство на содржината на свесноста (конфузија или делириум).
Сите промени во нервниот систем главно се потврдени врз основа на субјективните симптоми кај пациентите и со најмалку можни дополнителни испитувања (на пример компјутер на глава, ЕЕГ или лабораториски анализи).
Што покажала анализата на податоците од овие 214 испитувани пациенти?
Средната возраст на болните била околу 50 години, околу 40 проценти биле мажи. Над 80 проценти од испитаниците имале најмалку една придружна болест (хипертензија, дијабетес, срцева или церебрална болест, малигно заболување). Најчест знак дека се болни била покачената температура (над 60 проценти), кашлицата (50 проценти) и анорексија (над 30 проценти). Од друга страна, кај 36 проценти од пациентите биле потврдени невролошки манифестации. Околу 25 проценти имале знаци за централно страдање, околу 9 проценти за периферно нервно страдање, додека околу 10 проценти имале знаци за проблеми со скелетната мускулатура.
Во првата група болни, кои пројавиле страдање на централниот нервен систем, 16 проценти имале вртоглавици, додека 13 проценти имале главоболки. Од оние со периферни симптоми, 5,6 проценти имале промени во вкусот и околу 5 проценти проблеми со осетот за мирис.
Од друга страна, 41 процент пациенти имале сериозно белодробно нарушување, додека полесно имале 59 проценти. Посериозни проблеми имале постарите пациенти и оние што имале придружни заболувања, особено покачен крвен притисок.
Невролошките манифестации биле повеќе присутни кај оние пациенти со сериозно страдање на дишниот систем и вклучувале церебрални крвавења, мозочен удар, промена во свесноста, повреда на периферните нерви, а поретко конвулзии.
Она што е битно е дека невролошките манифестации се јавувале многу рано, во самиот почеток на болеста.
Битно е да се нагласи дека болните со невролошки манифестации имале низок број на бели крвни зрнца, ниски тромбоцити, а високи вредности на уреа, во споредба со болните без невролошки проблеми.
Според сознанијата, ова е една од најпрвите објавени студии за невролошките манифестации кај болните со ковид-19.
Патофизиолошкиот механизам за невролошките растројства се претпоставува дека е сличен како при инфекциите со САРС и е резултат од инвазија на вирусот во човечкото тело преку дишните патишта во крвта, а следствено на тоа и во централниот нервен систем. Нискиот број бели крвни зрнца укажува на смалена имунолошка компетентност. Болните со мускулни проблеми имале покачени вредности на креатин киназа и лактат дехидрогеназа во крвта.
Иако бројот на испитаници во оваа прва објавена студија е релативно мал, битни се заклучоците до кои дошле научниците.
Ковид-19 не ги напаѓа само респираторните органи туку и централниот нервен систем и мускулите. Овие системи се повеќе засегнати кај посериозните клинички состојби, кај постарите пациенти и кај оние со придружни заболувања.
И да не се повторувам, мислам дека на невролошките растројства кај нас (а и во светот) помалку се обрнува внимание. Затоа написов нека послужи за потсетување кога постои болен со нејасни симптоми, кој од незнаење може да биде препраќан од една здравствена установа во друга.