Неотчетност и корупција се продуктот на патрон-клиентелистичкиот систем, воспоставен од СДСМ и за кој СДСМ ќе мора да се одлучи!
Во кој правец се движи Македонија? Кои се перспективите, на сите нивоа, во 2021 година? Дали имаме сила и капацитет да се повратиме од кризата и рецесијата? Се чини се доближуваме до крајот или до почетокот на крајот на не само политички систем заснован на патрон-клиентелизам и корупција, без разлика дали тој крај е со расчистување или со пропаѓање со банкрот, како во случајот на Грција. И се чини дека 2021 година е годината во која одлучуваме каков ќе биде крајот.
Аналитичари сметаат дека земјава таа точка ја пропуштила во 2009 година, кога технократскиот реформатор Никола Груевски, во контекст на светската финансиска криза, ветото на Грција за членство во НАТО и растот на внатрешните јазови, стана корумпираниот автократ Никола Груевски. Сега е сличен контекст, со светска здравствена и економска криза, со вето на Бугарија за членство во ЕУ, раст на внатрешните јазови, и прашање е во која насока ќе појдат Зоран Заев и СДСМ. И повеќето показатели сега се споредливи со 2009 година. Според глобалните индикатори за управување на Светската банка, Македонија има подобрување во политичка стабилност и квалитет на регулатива, на исто ниво сме по владината ефективност и владеење на правото, а полоши сме во гласноста и отчетноста и во контролата на корупцијата. Неотчетност и корупција се продуктот на патрон-клиентелистичкиот систем, воспоставен од СДСМ и за кој СДСМ ќе мора да се одлучи!
Во 2012/2013 година, во „Да, отпор, но за чии лаги“, пишував дека СДСМ, по Петар Гошев, се развиваше не како политичка партија заснована на идеологија, туку како патрон-клиентелистички систем, кој потоа го пресликаа сите други партии, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ. Тој систем е заснован на принципот „земи таму, дај ваму“ или „систем на размена каде што гласачите во замена на политичка поддршка се стекнуваат со добивки од јавниот процес на одлучување“.
Покрај односот „земи-дај“ меѓу патронот и клиентот, постои и асиметрична моќ меѓу нив, што создава услови за (внатрепартиска) авторитарност. Во тој систем нема судир на идеологии или идеи, нема левици, центар или десница, туку судир околу самата власт, како начин на контрола на јавните ресурси. Во партијата изборите не се одвиваат од членството кон раководството, од „базата“ кон врвот, туку обратно. Раководството ги поставува општинските раководства, ги избира учесниците на партиските конгреси, кои потоа го избираат лидерот. И на пропорционалните листи за пратеници во Собранието се вклучуваат избраните од лидерот, кои му возвраќаат со негова поддршка. Ваквиот партиски клиентелистички систем, општо земено, го пресликаа сите поголеми и помали политички партии во земјава. Клиентелизмот, како општоприфатена партиска практика, дури јавно се демонстрира во извештаите за отчетност – за финансирање, каде што политички партии ги навеле донациите од партиските членови што се вработени како државни службеници. ВМРО-ДПМНЕ во 2006 до 2009 година, со воведувањето доктрина на народна или демохристијанска партија, беше во обид на градење идеолошки пристап наместо клиентелистички принцип. Ваквиот систем се вклопи во социоекономскиот амбиент на висока невработеност, каде што клучниот производ на партиите стана вработување на своите поддржувачи.
На ваквиот систем му се потребни јавни ресурси за одржување, а во нивен недостиг системот се контролира со сѐ поголема централизација на моќ. И затоа Македонија од полуконсолидирана демократија во 2009 година како Хрватска, сега е транзициски или хибриден режим.
Бидејќи се потребни јавни ресурси за одржување, два момента во 2020 година го забрзуваат крајот на патрон-клиентелистичкиот систем: ковид-19 и најновата блокада на нашето пристапување во ЕУ. Ковид-19 предизвика здравствена, но и економска криза, на глобално ниво и кај нас дома. Во влошени глобални и домашни услови станаа понагласени владината неспособност и неефективност. Тоа мора да се компензира со забрзано надворешно задолжување, каде што Македонија достигна 60 проценти надворешен долг во однос на производот. По тоа ниво на задолжување, може и повеќе, но поради зголемениот ризик, тоа ќе биде сѐ потешко и поскапо. Кога тоа ќе се исцрпи, ќе се пристапи кон распродажба на преостанатиот државен имот. Најавите за продажба на државни претпријатија се повеќе во насока на намалување на загубите (расходна страна), а на приходната страна се најавите за продажба на земјоделско земјиште (што е позитивен чекор) и на легализација на марихуаната. Доколку ништо не се промени, на крајот ќе завршиме со банкрот, како Грција.
Тука е и ветото на Бугарија за нашето пристапување во ЕУ. НАТО претходно, а сега ЕУ ја имаше улогата на „светлата иднина“ што требаше да ја одржи мотивацијата додека земјата тапка во место или назадува. Сега е сѐ поизвесно дека „тоа е сѐ, народе“ и мора да се соочиме дека прогресот зависи од нас.
Македонија во 2021 година се наоѓа на раскрсница меѓу неколку сценарија и сите се вртат околу подготвеноста да се расчисти со патрон-клиентелистичкиот систем. Најдоброто сценарио е расчистување, суштинско расчистување со клиентелизмот и неспособноста, борба против корупцијата и воспоставување владеење на правото. Неповолните сценарија се заживување на ЕУ-сонот по секоја цена или играње на поларизација и конфликт. Во нерешителност во расчистување, Владата може да се одлучи да направи уништувачки потези со Бугарија, само да ја врати магијата на ЕУ. Тоа, секако, ќе поттикне поларизација и зголемена можност за внатрешни конфликти. И, секако, тука се можностите за натамошна ескалација на внатрешната поларизација до ниво на конфликт. Првите знаци во 2021 година се мешани.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #2020 #2021