Слично како и во истоимената книга на Лиман Баум, волшебникот од ЕУ е потрошен балонист, кој ги продал сите карти за циркусот на демократијата, а единственото нешто што Македонија го доби за поглед во циркусот се бесплатните зелени очила, кои жителите на таа „смарагдна“ земја маѓепсана од неолибералните богови веќе ги гази на протести, во пар со маските
Ако има народ што се наоѓа во најнесреќна положба на Земјината топка, тоа е македонскиот народ. Историјата не памети за друг таков пример, кога еден ист народ се разделува на разни спротивни правци, еден од друг потуѓи, а кога ќе се додадат кон ова личната и имотната несигурност, гнилата турска управа, која од своја страна ги помага делбата и порокот на народот, можете да си замислите каква мрачна слика претставува онаа Македонија чии разни претенденти ги гледаат во неа својата моќ и величина…
Вака отприлика еднаш пишувал „Балкански гласник“, весникот на македонските интелектуалци, трговци, занаетчии и печалбари во Белград, чија цел била да ги воспитува своите сонародници ум(стве)но, морално, национално и политички.
Оттогаш поминале сто и дваесет години, па, сепак, илјада деветстотини и втората година (кога излегува весникот) заличува на сегашната. Се чини, доволно е да се изземе „турска“ од надлежноста, па да остане гнилата управа во денешната слика (или, еднакво верно – гнилата слика на денешната управа). Во сликата на таа/оваа Македонија еднакво се присутни и поделбите, разнебитувањето и несигурноста, како и разните претенденти што сѐ уште „ги гледаат во неа својата моќ и величина“…
Транспарентни се сознанието и чувствувањето (и без рангирањето на Транспаренси интернешнал) дека останавме сираци на Балканот, узурпирани од корумпирани елити, а предоцна е да се обвинуваат султанот или (младо)турците за тоа и сè потоа и по нив: истечен е рокот за рекламации на неслободи поради стари режими, без оглед на нивниот датум и траење.
На листата на демократијата, Македонија одлучно (за)останува југоисточно од рајот, а дотаму патот води низ долгото чистилиште на дефектната демократија (каква што е Бугарија), или по скратениот пат за лична употреба – со бугарски пасоши. Но, затоа, Бугарија може да ѝ „позавиди“ на Македонија за присната монголска врска во чување на рушвет-традицијата, а со Панама нѐ дели само „каналот“.
На крајот на патот (или каналот), сепак, не постои никаков волшебник од Оз или ЕУ, што и да е поверно или поблиску.
Слично како и во истоимената книга на Лиман Баум, волшебникот од ЕУ е потрошен балонист, кој ги продал сите карти за циркусот на демократијата, а единственото нешто што Македонија го доби за поглед во циркусот се бесплатните зелени очила, кои жителите на таа „смарагдна“ земја маѓепсана од неолибералните богови веќе ги гази на протести, во пар со маските.
По големите неосновани очекувања, следуваат поголеми разочарувања, а потоа и самозалажувања. Умот се полни со струганици, а срцето со игли. Но вистината е неумолива: зад лажно големите ликови во малите лажни претстави конците ги влечат окрупнети „ситните“ интереси на капиталот.
Така се случува кога животот не пишува романи, басните да го пишуваат животот, а алегоријата е нивна водечка фигура. Затоа и служат: да нè воведат во изразните средства на животот, пред тоа да го направи искуството, за подобро (и полесно) да „читаме“ низ него. Така и навреме непрочитаните басни нужно стануваат прочитана историја.
Така се случи и целта на патот до ЕУ да стане поважна од самото патување, а средствата оправдани во име на целта да станат замена за алатот на трудот.
Така се случи и „Страшилото, Лимениот дрвосечач и Плашливиот лав“, поточно безумноста, бездушноста и кукавичлакот да ни (о)станат верното друштво на патот до „ветената“ земја.
Така се случи и македонското (не)време, кое започна со ураганот во Југославија, да истекува во постгротескна состојба – на горчина, тегобност и мачнина…
Но некаква магија останува уште во сопствените чевли(чки), иако долго (ќе) трае тоа патување, каде што водилка е сопствениот недостиг, како во книгата за Дороти.
Таму, патувањето до бараните вредности е симболично, но овде е вистинско, а без вистинска преродба и одвнатре нема да станеме подобри ниту како индивидуи, ниту како заедница и општество, во или надвор од ЕУ. Тоа е најкраткиот пат до претставата за ЕУ како земјата на Оз и, поважно, до самите себе – како носечки алегории на изгубените човечки вредности.
Уводникот од онаа непотпишана статија во „Балкански гласник“ заклучува:
„Сите Македонци – ќе ги благословат своите денешни благодетели – ако го изменат начинот на својата работа, или ќе ги проколнуваат – ако бидат причина за продолжување на денешната состојба, кои клетви порано или подоцна ќе ги унесреќат нив, како што клетвите на нашите родители н8 унесреќија нас, па немили и недраги скитаме по туѓите земји барајќи лек за својата болна душа, несознателно вовлечени во нивните канџи, се враќаме во својата татковина не како носители на прогресот, братството и слободата, туку на развратот, антагонизмот и ропството.“
Секој еден се потпишува на тоа патување, на еден или друг начин.