За време на досегашната работа на мешаната историско-образовна комисија меѓу Македонија и Бугарија, и „двете страни“ во неколку наврати излегуваа со изјави што, во различни форми, сепак сумарно се сведуваат на заклучокот: „историска комисија утврдува историски факти“. Значи историски факти и ништо друго! И ваквата ограда веројатно има цел, од една страна, да посочи дека таа работа е строго научна (а науката е објективна), а од друга страна, дека тие не се политички претставници, што значи дека тие не се занимаваат со политика, туку строго со наука! Тоа веројатно на „бугарските претставници“ треба да им додаде тежина на нивните аргументи, а на „нашите претставници“ треба да им ја испере совеста, додека на нашата нација, пак, треба да ѝ ја „свитка кичмата“ пред непобитноста на фактите. Та, нели, пред фактите и боговите молчат, и кога ќе ти речат дека Гоце Делчев е асли Б`лгарин, нема што многу да се буниш, туку треба мирно да го прифатиш тој непобитен факт. И веројатно откако ќе се констатира тој „факт“, веќе утредента да се разбудиш како „освестен Б`лгарин“. Ќе треба многу повеќе од просторов дозволен во една колумна за да се докаже бесмисленоста на овој сизифовски потфат на двете комисии. Но да се обидеме да ги исцртаме барем контурите на оваа смешна заблуда.
Прво, целосно бесмислено е во доба на постмодерната, кога дури и во егзактните науки прашањето што е факт, а што не е, всушност е прашање на консензус и перспектива, а камоли пак во општествените, а особено во хуманистичките науки и историјата. Впрочем, потпирањето на фактите е дури и методолошки погрешно, затоа што теориската претпоставка во секое истражување е априорна. Ниту еден научник не пристапува да собира факти само заради фактите, туку тоа го прави секогаш од некаква теориска априорна претпоставка, на одредена хипотеза што им претходи на фактите. Но, комисијата, ете, ќе утврдувала „историски факти“!? Со тоа се покажува дека во оваа ера на мулти и плуриперспективност, комисијата всушност „утврдува факти“ според застарен (псевдо)научен пристап востановен уште од времето на просветителската наивна верба во разумот! Утврдувањето на фактите во историската наука, во својата суштина е контрадикција, затоа што во историјата нешто станува факт само од априорните претпоставки на историчарот и секако од политиката! Затоа, во крајна инстанца, историјата е политичка наука, политичка во смисла наука во која заедницата – полисот – минатото го гледа и креира од перспектива на сегашноста, особено од перспектива на иднината. Или како што би рекол Едвард Кар во својата одлична студија „Што е историјата“: „Фактите зборуваат само тогаш кога историчарот ќе ги повика“, и уште додава: „Верувањето во цврсто јадро на историски факти што постои објективно и независно од толкувањето на историчарот е смешна заблуда, но заблуда што тешко може да се искорени“. Ние, не само што не се обидуваме да ја искорениме туку и ја зацврстуваме оваа заблуда!
Второ, кога велам „наивна верба во разумот“, пред да ме прогласите за ирационален и антинаучен, да потсетам дека дури и современите науки, социологијата, особено еволуциската биологија, покажаа дека рационалноста (во смисла на способност за логицирање за решавање на проблеми) не е она што го издвоило човекот од другите видови и го постулирало на врвот на еволутивниот развој, туку неговата фантазија, неговата способност не за спознавање на реалноста туку за креирање реалност!
И мајмунот „решава проблем“, но нашата способност да решаваме проблеми, многу посложени од оние што ги решаваат мајмуните, се развила од една друга наша способност, а не од таа „мајмунска рационалност“, туку од фантазијата и способноста да создаваме светови што не постојат, или што би рекле – од способноста да создаваме митови! Таа наша митотворечка способност е клучна за развој на човекот како zoon politiкon. Мајмунот гледа лав и „резонира“ како и каде треба да избега за да се спаси, но само човекот може не само да избега, туку од тој лав да направи тотем и заштитник на својата заедница! Токму тој момент им го овозможил развојот и на заедницата и на човекот како суштество на заедницата и го одвел најдалеку на еволутивниот пат.
Општеството, културата, а со тоа и историјата се појавиле токму заради оваа наша митотворечка способност. Или како што би рекол Јувал Ноа Харари во неговата популарна книга „Сапиенс“: „Каква било човечка соработка на големо – било да се работи за држава, средновековна црква, антички град или древно племе – се темели врз заеднички митови што постојат само во колективната имагинација на луѓето“. Нема голема заедница, нема држава, црква, нема дури ниту племе без мит! И кога ќе ви кажат дека оваа нација наместо во историски факти, верувала во митови, не верувајте им! Единствено што сакаат е да направат да верувате во нови митови, по нивни терк.
И затоа, кога ви „буричкаат“ по таа колективна имагинација, кога ја бришат и препишуваат, кога некој друг, наместо вие и само вие, ви „утврдува факти“, тогаш ви ги бришат заедничките митови на кои се темели заедницата. Ја „декодираат“ и повторно ја кодираат – по нивна, не по ваша желба, се разбира. А како што потврди Б. Андерсон во „Замислена заедница“, секоја заедница, особено политичката нација, како современа заедница, е конструирана, „замислена“ и само како таква и може да постои во свеста (оттука и во реалноста) на оние што ја замислиле! На вашите митови имате право вие и никој друг. И да, во оваа митолошка смисла, историјата е целосен конструкт. Историчарот ги зема деловите од минатото и ги конструира од перспектива на актуелниот историски миг. Ги преферира оние „факти“ што му се вклопуваат, а ги игнорира оние што не му се вклопуваат во актуелниот наратив.
Таквиот актуелен конструкт ја креира реалноста за човечките суштества што споделуваат една заедница. А ако таквиот конструкт, тој мит, таа фантазија ја поттикнала и човековата еволуција, го овозможила човековиот напредок и ја создала човековата супериорност како вид, тогаш несомнено мораме да веруваме дека таа е и клучниот агенс во одржувањето на актуелната општествена, политичка заедница!
Ако „комисијата за утврдување факти“ има намера да ги утврди „вистинските факти“, да ги исчисти од секаква „пристрасност“ и „идеологија“, тогаш не ни останува ништо друго освен да ја укинеме оваа заедница. Впрочем, таквата заедница самата ќе се укине. Оти нема заедница, нема нација без митови. Со ваквиот „историски ревизионизам“ (исто така одамна напуштен во науката), нашава веројатно ќе биде првата нација со „објективна“, „непристрасна“ и строго „фактографска“ историска вистина, што и да значи тоа. Нација без митови е нација без своја приказна, a раскажувањето приказни е човековата differentia specifica. Оваа нација веќе одамна ја нема својата приказна за раскажување! Историската комисија само дополнително го оверува тоа!
Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија