Во времиња кога во фокусот на вниманието на јавноста се несреќи, политички жешки теми, шпекулации, конфронтации, озборувања, турбуленции, постојат теми за потсетувања на кои секогаш можеме да се навратиме, како на особен вид мали духовни енклави, деконтаминирани и исчистени од црни хроники, дневно-политички кичерај, лажни револуционери, гнасен јазик – либертинаж, говор на омраза, простотилак. Тоа се мали духовни островца на кои можеме да се засолниме и одново да се вратиме на врвиците на нормалноста. Таков еден волшебен остров е Белапаис…
…Здебелени многувековни стебла од извесниот вид кипарис, околу траги од древната опатија (игуменија), во средина импресивно реставрирано здание во готски стил од 12 век, тврдината Белапаис, опкружена од лазурот на епското Медитеранско Море, остатоци од фракталнато мемориско минато, кое, еве, токму сега ме стигнува. Простор, бескрај побрз од времето, содржина што ја очекува својата нужност во мојата екстравагантна и пребирлива збирка на мемореми.
Македонски џез-балади – полчасовно фуриозна пијанистичка проминенција, во рамките на пригодна програма, по повод свечен датум, годишнина на Северен Кипар.
Концертниот клавир пристигнува неколку дена порано и е поставен централно врз сцената аранжирана за таа пригода во тврдината Белапаис, основана и изградена во 12 век од монаси од Августинскиот ред, што во 1206 година, преоѓа во владение на Премонстратенсискиот ред.
Кралот Хју Трети е главниот добродетел на опатијата и е одговорен за зданието, поточно остатоците какви што ги гледаме и чувствуваме денес. Кралот Хју умира во Тира на медитеранскиот брег на Палестина, но неговото тело е донесено и спалено, според негова желба, токму овде, во Белапаис на Кипар.
На неколку часа пред настапот ги допирам клавишите и го чувствувам пулсот на пијаното. Мал пробен сет џез-апстракција, неочекуван склад со медитеранскиот бескрај. Меланхолијата од македонските вечни песни ги допира древните ѕидини на Белапаис и одекнува над лазурот. Духот на Отело, Рембо, Св. Павле, Варнава, сето тоа го чувствувам како силен поттик пред настапот. Величествено.
„За Ѓорѓи Сугаре“ е темата со која го започнувам настапот. Баладата за 16-годишниот војвода, за кој плачат ридја и долини во Македонија прозвучува волшебно. Се обидувам да продрам под формата и да пронајдам и допрам нешто од скриениот емотивен слој. Темата ја снемува под напливот на имагинативна деконструкција што го разбива складот на совршената форма и мелодија. Формата останува глагол, и од песната останува само финиот одек од старата македонска балада, што на моменти прозвучува како арабеска. Песната „За Ѓорѓи Сугаре“ се претвора во возвишена музичка џез-апстракција и одекнува преку ѕидините на гордиот таинствен манастир. Медитеранот конечно е допрен од изворно македонско трагично чувствување на светот низ музичка апсолутна слобода на неповторлива џез-апстракција. Низ вознесот, во вид на причина што ѝ претходи на последицата, шеснаесетгодишниот Војвода Сугаре, за кого некогаш плачело Мариово, станува дел од фуриозното темпо и импресивна музичка џез-натструктура.
Гледајќи ги фотографиите, забележувам дека мојот костум е бел, што е некаков свечен знак, несоодветен на мојот карактер, кој ги претпочита темните загасити нијанси.
„Мост ми ѕидале девет мајстори“ е следниот чекор. Првите тонови го допираат и безмалку го прекинуваат аплаузот, кој ми се чини неверојатно долг. Или можеби е во прашање мојата вродена скромност, која ракоплескањата не ги доживува како награда туку како камерна патетика.
Трагичната балада за деветте браќа мајстори, и како ритам и како звук прилега, како продолжение и се вклопува во пригодната свеченост на оваа парче копно, каде што низ трагите од многубројните вкрстувања на цивилизациите се насетува и духот на поетот Рембо, вознесен од медитеранскиот топол здив занемел, го оставил перото и се престорил во неимар, магијата на зборот ја остава и доаѓа. Токму овде, среде море, на божествениот Кипар, магијата на зборот ја заменува со обид да создава и гради материјалната видлива цивилизација.
И македонската носталгија оваа вечер, конечно, се ослободуваат од совршеното единство на форма и содржина и се претвора во лирски апстрактни џез-балади. Силата на естетската сугестија и македонскиот мелос го облагородуваат Медитеранот.
„Летачки прсти танцуваат врз пијаното“, читам еден од насловите во дневниот печат, кој ни е разделен за време на летот во авионот. Внимавам да не се возгордеам. Мислам на враќањето дома.
Репортажа, блогерски стил, мелодија пренесена низ зборови, сеќавање помешано со емоции, расказ што само се насетува. Мултимедијалноста, поврзувањето на музиката и пишаниот израз, минимализам во раскажувањето, тоа беа целта и состојките на ова кратко прозно писание, најпрвин насловено ЏЕЗ-СКИЦА ОД МАКЕДОНИЈА, сѐ во духот на современите раскажувачки трендови што се присутни и на нашата книжевна сцена.