Деновиве, повторно се крена голема врева околу бугарските политики кон Македонија, иако тие се реалност веќе речиси два века. Трајна политика на Софија е дека нема Македонци, а ние сме само „неосвестени Бугари“ и, следствено на тоа, ако веќе нас нѐ нема, не може да има ни малцинство, ни македонски јазик, ни историја, ни традиција, ни култура… Процедурите за наш влез во ЕУ им даваат одлични можности да нѐ касапат колку што сакаат и да го докажуваат недокажливото, и логично е тоа што го прават, откако со нив потпишавме поразителни декларација (1999) и договор за пријателство… (2017). Нивна единствена „концесија“ е дека по Втората светска војна, Тито (или Коминтерната) нѐ „измислиле“ за некаков народ и тие седумдесетина години сега настојуваат да ги девалвираат. Ништо друго.
Наспроти нивното долгогодишно државничко искуство, нашите „политичари“ во надворешната политика се однесуваат како обични аматери. Факт е дека немаме дипломатска традиција ама треба да се учи. Триесет години независност се доволни да се сфатат многу работи, иако еден од најстарите занаети не се совладува лесно и брзо. Очигледно е дека во нашата дипломатија (ама и политика) се напикани деца, братучеди, соседи, пријатели… а ги нема способните што би ги бранеле македонските интереси на жестоката меѓународна (и домашна!) сцена. Кадровската политика секогаш ни беше за никаде, а по независноста е – катастрофална. За министер за одбрана беше поставен поранешен командант на ОНА, одметнат од македонската армија каде што имаше дадено заклетва.
Преку Австрија, јавноста дозна за документот на Софија околу нивните услови за нашето членство во ЕУ. Прашината ја крена опозицијата и, со право, обвини дека се крие документ што фрла дополнителен опул врз нашите преговори. Власта беше фатена со симнати панталони ама веста од Брисел требаше да ни ја донесе барем МИА. Ако била пратена, а морало, некој намерно ја скрил. Реакциите на овој документ, пак, повторно покажуваат дека нашите политичари не се достојни на моментите во кои се наоѓа државата.
Техничкиот преговарач, Маричиќ, објасни дека Европскиот совет едногласно одлучил да започнат преговорите со Македонија, за што гласаше и Бугарија и дека овој документ нема влијание врз таа одлука. Но тој, како и Брисел претходно, ја крие суштината дека документот е наменет за преговарачката рамка, која сега се подготвува, а нема врска со веќе донесената одлука.
Софија сака нејзините барања да влезат во неа, што нема лесно да оди ама има право на вето и ќе условува. Веќе најави дека нема да дозволи организирање меѓувладина конференција со која започнуваат преговорите. Значи, тие се условени со бугарските уцени, иако Маричиќ тврди дека не е така.
Не е точно ниту тврдењето на МНР и Димитров дека „оваа изјава има многу еднострани услови што се спротивни на договорот за пријателство… Македонскиот јазик е клучен и нераскинлив елемент на нашиот национален идентитет“. Министре, ние со договорот прифативме (1) дека имаме „заедничка историја“ што, ipso facto, значи дека сме еден народ. Нема два народа што имаат „заедничка историја“.
Меѓу Македонија и Бугарија само дел е таков, како и меѓу сите соседи на Балканот. Софија инсистирала на таа формулација за да докаже дека нема Македонци, а некои го прифатиле тоа и назад нема, и (2) дека јазикот не ни е автохтон, туку произлегува од Уставот. За „Мкд.мк“, Димитров вели дека „никогаш нема да прифатиме вметнување на антиевропски билатерални услови…“, а нив, ние веќе ги „вметнавме“ во документите со Бугарија, што значи дека секаде нѐ обврзуваат. Нема веќе исклучоци. Тоа е завршена работа. Во дипломатијата нема место за пишман-аџии.
И реакцијата на Пендаровски дека „бугарската изјава го истакнува ставот на една земја, а не е заеднички став на Унијата, нема запирање на преговорите“ не одговара на вистината. Претседателот добро знае дека Унијата работи под целосен консензус, дека преговорите не се започнати туку само се најавени и тоа без фиксен датум и, главното, дека сега се подготвува преговарачката рамка за Македонија. А што ќе влезе во неа, треба да почекаме за да видиме.
Брисел во никој случај не може (целосно) да го игнорира бугарскиот документ. Прашање е само колку и во која форма ќе прифати. Клучни се три работи: (1) ако Бугарија не ја прифати преговарачката рамка, нема почеток на преговори, (2) секоја земја-членка може да ги блокира преговорите во секое поглавје (од 35) или, сега, во шесте кластери, што ќе следува и (3) со новата преговарачка формула, земјите-членки се директно инволвирани во процесот и нивните злоупотреби ќе бидат реалност. Дека Бугарија и Грција максимално ќе го користат тоа, нема сомнение. Нашите страдања во преговорите ќе бидат неиздржливи и често непремостливи поради нивните нецивилизациски уцени. Словенија две години ја блокираше Хрватска околу границата во Пиранскиот Залив.
Кога Пендаровски смета дека „не треба да се плашиме дека… ќе го изгубиме правото нашиот јазик да го нарекуваме македонски“, изгледа превидува оти ние токму во декларацијата и договорот со Бугарија, прифативме дека нашиот јазик не е автохтон. Прогласивме дека е тој според Уставот на земјата, што значи уставна категорија, а уставите се менуваат. Самите го избербативме јазикот и сега ќе си го сркаме тоа што сме го дробеле. Најмногу што можеме да добиеме во ЕУ е иста формулација, а тоа е и целта на Софија, која е свесна дека повеќе не може да добие: нашиот јазик да биде македонски, со фуснота дека е таков според Уставот на земјата. Не како сите други – хрватски, француски… туку со опашка.
Тоа е срамна деградација, која покажува дека тој не е изворен. А ако не е таков, може да биде само – дијалект. На бугарскиот, де. Во секој случај, нашиот пораз ќе биде целосен. А ако бараме јазикот да биде без опашка, ќе ни го покажат договорот, на кој стои наш потпис дека се согласуваме со неа.
Прекрстена држава и на пат кон федерализација, јазик со опашка, народ оспорен… така изгледа некогашната македонска држава денес.
Во интервју за еден домашен медиум, Пендаровски вели дека „и во минатото кога сме имале недоразбирања со Бугарија, сме ги решавале преку отворена соработка“. Би било добро претседателот да посочи барем еден таков пример од суштинско значење, а бил решен во наша корист.
Такво нешто нема и нема да има, особено во процесот на преговори за ЕУ. Меѓутоа, не е најважно што бугарскиот документ се криел. Ние и без тоа знаевме сѐ. Загрижувачко е што никој од политичарите не кажа што сториле по еден таков исчекор на Бугарија? Очигледно ништо. Тоа е нашата трагедија. Кога ќе нѐ удри по глава оваа бугарска иницијатива и нашите ќе се освестат, ќе биде доцна бидејќи ЕУ веќе ќе има преговарачка рамка, со вклучени бугарски барања. Чаре нема да има.
Признале ние или не, се наоѓаме пред нова блокада, која, патем, е сосема очекувана и одамна најавена од Софија. Ова што го бара Софија од Брисел беше формулирано во одлука донесена од бугарската влада, која, потоа, ја финализира парламентот во декларација. Тоа стана официјална бугарска државна политика на која ние реагиравме недоветно, со срамна фразеологија, како да не разбираме што се случува и каде тоа води. Па, еве, стигна кај што требаше. Софија се подготвуваше за ваква офанзива, а ние, по обичај, спиевме.
Народот треба да ги знае фактите: (1) Бугарија го поддржа отворањето на преговорите со Македонија и тоа не го оспорува бидејќи ѝ одговара; (2) таа активно се подготвува за истите тие, ќе уценува околу датумот и ќе спроведува тактика на одложување за да обезбеди погодности; (3) Бугарија веќе ни објави војна на која ние немаме ниту реакција, а камоли одговор; (4) текот на преговорите ќе биде неподнослив за нас бидејќи Софија ама и Атина речиси на секое поглавје ќе имаат неприфатливи барања. Како резултат, преговорите ќе траат долго, а можеби и со децении. По никоја цена Бугарија нема да се откаже од своите историски синдроми околу Македонија и Македонците: ова ѝ е последна шанса за нивно наметнување.
„Среќна“ е клаузулата во договорот дека Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања ќе поднесува „едногодишен извештај за својата работа“. Тоа значи дека е предвидено таа да работи повеќе години и сегашните уцени на Софија, веднаш да капитулираме на историски план, кој е клучен за идентитетот на Македонците, треба да се отфрлаат со индигнација. Проблемите што ги разгледува таа не се дневнополитички туку крајно компликувани и вековни и затоа бараат долго време за решавање.
Иако ние се залажуваме дека капитулантските договори со Бугарија и со Грција ги решија меѓусебните проблеми, овој потег на Софија потврди дека со нив само се актуализираа истите тие и сега започнуваат нашите нови крвави маки.
За крај, и една финта. За разлика од нашиот аматеризам, Бугарија е држава со сите нишани. Свесни за големата врева кај нас околу нивниот документ во Брисел, Борисов ни прати видео дека бендисал наша песна за коронавирусот. Тоа сега е хит во нашите медиуми. Поуспешна пропаганда за намалување на штетата, не може да се замисли.