Во сегашната не многу јасна, дури и конфузна политичка ситуација во која се наоѓа Македонија, пред оставка на старата и формирање нова непозната влада, пред можни предвремени собраниски избори, чинот на прифаќање решение што ќе биде на штета на македонските национални интереси, или ќе отскокнува од резолуцијата усвоена во македонското собрание, би можело да го преземе само личност што е платеник, човек на странска (антимакедонска) испостава или, пак, некој што е целосно непресметлив
Лавиринтите на европската интеграција
Ситуацијата во која се наоѓа Македонија во однос на Европската Унија може народски, сликовито, да се спореди со односот на девојка што е вљубена во своето момче, а тоа долги години бега од неа, не сака да ја види. Тука со своето влијание се и родителите на младиот, кои во своето богато семејство не сакаат да примат сиромашна, неука и компромитирана невеста. Како во турска серија, во тој семеен галиматијас се замешани и соседите, кои ја сакаат девојката за својот син, зашто таа иако е компромитирана, сепак е убава и пожелна, не исклучувајќи ги и соседскиот инает и желбата за докажување сиромашниот да излезе поербап од богатиот. Замешани се и многу кумови, но не на свој туку на туѓ трошок, на кои не им е гајле што друг ја плаќа цената.
Што е важно во моментов во односите на релацијата Македонија – Бугарија и Европската Унија? Најважно за Македонија е што државата се ослободи од масовната хистерија што од час на час ја предизвикуваа и ширеа Зоран Заев и Бујар Османи, како и нивните поддржувачи, околу одржувањето на Првата меѓувладина конференција и датумот. Нивните оптимистички изјави, беа газење во матна вода, во кал во кој не ги пропаѓаа само своите нозе, туку со себе го влечеа цел народ заинтересиран за европските интеграции. Присутна е надежта дека поминаа стресните денови и месеци кога датумот беше наметнуван како битка за живот или смрт. Без датум – потоп, со него уште поголема хаварија. Спласнаа тензиите од дезинформации, од лицемерни гостувања, од бесрамни ветувања. Тоа е добро барем за општото колективно здравје, нарушено од протеините што ги лачеа Османи, Груби и разни експерти, универзални сезнајковци, главно антимакедонски настроени.
За Бугарија е важно што врз темелите што ги постави Бојко Борисов на зградата со Договорот за пријателство, сега претседателот Румен Радев со компанија подигнува високи скали, кат по кат, кои Македонија тешко ќе ги искачува. Притоа затвора врата по врата, која од која поблиндирана. Сега Румен не е во позиција да руменее како што му руменееја (му се вцрвуваа) образите на Заев од среќата што го гледа и гушка Борисов при нивните братски средби. Румен не е румен кога говори за Македонија, тој е човекот со камено лице и уште поцврсти ставови. Од трета страна, Европа како Европа: богата, дотерана, лицемерна, фригидна во однос на жешката македонска љубов желна за прегратки во заедничка постела.
Што треба да прават Македонците по новото вето, по уште едно, којзнае кое по ред, изневерување од љубимата им Европа? Да тажат што не добиле, а можеа да добијат, или да се радуваат што не изгубиле, а можеле да изгубат? Што сега да прифатат, што да одбијат од плановите, предлозите и патоказите пишани со букви или нумерирани со бројки, како 5 плус 1, на пример? Има ситуации во кои понекогаш се наоѓа човек кога, што и да направи, ќе згреши. И обратно, што и да не направи, пак може да биде погрешно, епилогот да биде неповолен и лош. Во таква ситуација сега е Република Северна Македонија (порано само Република Македонија).
Основната дилема е дали да се брза и да се врши пресија за решение како што беше досега или да се почека, да се остави прашањето да ја прележи зимата? Првата опција, прифаќањето брза игра, се покажа како неефективна, залудна и контрапродуктивна. Наместо да ги подобри односите меѓу Македонија и Бугарија, таа ги влоши, ги донесе до усвитеност. И покрај понижувачкото однесување на своите претставници, не ја помрдна Македонија ниту за сантиметар во позициите наспрема администрацијата на Унијата. Можеби не ги влоши, но никако не ги подобри. На таква опција сѐ уште играат Бујар Османи и Артан Груби, кои, по пропаднатиот декември, најавуваат дека спорот може да се реши уште во јануари идната година, за еден месец отсега. Голем дел од јавноста во тоа брзање и во залагањето на споменатите актери гледа политика што може да им нанесе голема штета на македонското прашање и на Македонците како најмногуброен народ во Република Македонија.
Другата опција сосема логично го наметнува прашањето зошто да се брза кога има и време и простор за натамошни предлози за решенија. Конечно, зошто експресно да се бара почеток за нешто што треба да се случи по 15-20 или повеќе години, ако воопшто дотогаш не се случи нешто сосема друго, неочекувано? Зошто се инсистира на брз почеток на преговори на сопствена национална и државна штета за одлука што треба да минува низ илјада филтри додека дојде на дневен ред интеграцијата на Македонија во Европската Унија? Која е тука логиката, каде е тука разумот? Чии интереси се во прашање, кој ги диктира тие услови?
Кон забавената опција клони и предлогот на премиерот Кирил Петков, новата политичка надеж на Бугарија, уморна од проблеми, криминал и корупција. Јасно согледувајќи какви слонови ќе треба да турка со голи раце, Петков, единствен високопозициониран политичар досега, барем формално, иако неискусен, внесе дипломатска смиреност и сталоженост во погледите кон Македонија и недоразбирањата со неа. Барем засега, не дотури масло на огнот туку го намали пламенот. Неговиот предлог за шестмесечна „пробна љубов“ меѓу двете земји може да се гледа како обострана, но и македонска шанса за „разумни компромиси“ (Ѓорге Иванов).
Особено се интересни предлозите за формирање повеќе комисии во кои ќе учествуваат повеќе луѓе, повеќе умови. Нема сѐ да биде во рацете на еден или двајца луѓе, како што беше досега, ќе се избегнат флоскулите дека Заев или Османи ја продале (предале) Македонија. Освен ако не им била намера тоа да го сторат, за што има сериозни индиции и чаршиски трачеви. Заев од едни побуди, Османи од други, партиски и тесно национални.
Од товарот за можно предавство ќе бидат ослободени новата македонска влада и нејзиниот нов претседател. Стратегијата и тактиката кон Бугарија што љубоморно ги чуваа само за себе СДСМ и ДУИ ќе станат општи, транспарентни, чисти, повеќе ќе приклонуваат кон општост, одошто кон изолираност во тесните партиски и лидерски кругови. Наместо дезинформации, ќе владеат вистински информации, ќе се види дека Македонија не е во сопственост на две партиски клики, слични на касти.
Во сегашната не многу јасна, дури и конфузна политичка ситуација во која се наоѓа Македонија, пред оставка на старата и формирање нова непозната влада, пред можни предвремени собраниски избори, чинот на прифаќање решение што ќе биде на штета на македонските национални интереси, или ќе отскокнува од резолуцијата усвоена во македонското собрание, би можело да го преземе само личност што е платеник, човек на странска (антимакедонска) испостава или, пак, некој што е целосно непресметлив.
Интеграцијата на Република Македонија кон Европа зрее цели три децении.
Патот кон ЕУ не е измислица на Зоран Заев, Никола Димитров, Бујар Османи, Артан Груби, Денко Малески и слични, како што две-три години се наметнува во јавноста. Историјатот на таа голема идеја кажува дека уште по прогласувањето на независноста во јануари 1991 година, државата преку првото повеќепартиско собрание го истакна членството во Европската Унија како еден од нејзините главни стратегиски интереси. Остварувајќи ја оваа определба, државата се легитимира како партнер од доверба и сојузник на Унијата, кој мина низа етапи во односите, приближувањето и интегрирањето. Но не излезе ништо важно од таа отворено искажана љубов. Напротив. И покрај сите документи во корист на ЕУ, на Македонија ѝ се лепат стремежи кон руски или кинески прелет.
Поранешниот претседател Киро Глигоров, кој поседуваше исклучително голем број меѓународни информации, во приватните средби, почетокот на разговорите за прием во Унијата го лоцира во 2014-та, а приемот во 2026 (2028) година. За едниот датум не излезе во право, најверојатно така ќе биде и со вториот. А тие предвидувања беа во 1997-1998 година. Оттогаш досега протече многу вода низ Вардар, многу фурни леб изедоа министри и пратеници што решаваат за судбината на државата и на граѓаните. За цело време ЕУ ги затвора вратите, ѕида ѕид сличен на Берлинскиот за македонските граѓани. Бугарија политички и национално се врати во времето на цар Борис и диктаторот Тодор Живков, а Македонија ужива во кризата, политичка, економска, енергетска, криминогена. И морална, како круна на сите кризи.