Ако нешто научивме од актуелната пандемија на корона-вирусот, тоа е дека државата нема свои пари. Тоа значи дека сите програми за помош на стопанството, сите трошоци за лекување, секои сто евра што нам ни беа „подарувани“ пред изборите и секој минималец што државата го уплаќаше на сметките на работодавците, на крајот ќе ги платиме ние, граѓаните.
Покрај нас, сметката ќе ја плати и стопанството, кое конечно се состои од луѓе, така што и тој трошок повторно се сведува на единката, граѓанинот.
Како изгледа тоа во практика?
За да им помогне на фирмите да останат во функција, а на луѓето да не останат без работните места, Владата осмисли редица мерки што се сведуваат на прелевање пари од буџетот во џебовите на компаниите и на граѓаните.
Еден дел од мерките значи беа буквално префрлање пари на сметките за загрозените, додека другиот дел се состои од одложување на плаќањето на даночните обврски.
Од аспектот на државната каса, во овој момент, двете ставки придонесуваат кон создавање буџетска дупка што мора да се пополни бидејќи јавните буџети служат за финансирање на редовните трошоци на државата – плаќањето на полицијата, војската, судството, образованието, здравството, противпожарната служба, царината, инспекцијата, администрацијата, изградбата на патишта, пруги, болници, мостови, канализации и водоводи… За сето тоа се потребни пари.
Сега, кога поради одложувањето на даночните обврски на стопанството и очекуваниот економски пад, кои сами по себе ќе доведат до послаби даночни приходи, во буџетот ќе има помалку пари од планираното, и кога на тоа ќе му се придодаде и неочекуваниот трошок на плаќањето на борбата против пандемијата, јасно дека државата ќе нема пари за сите свои редовни функции.
За да не се случи лекарите и наставниците да останат без плати, а улиците да бидат затрупани со ѓубре, државата за пополнување на настанатата буџетска дупка зема заеми. Тие ќе мора да се вратат. Но како?
Има и такви што мислат дека државата на некој волшебен начин, со некакви сопствени средства, си ги финансира функциите, но сѐ што државата всушност поседува, се даноците.
И затоа, или даноците ќе одат нагоре или трошоците (услугите на државата) ќе одат надолу. Или во 2021 година ќе имаме повеќегодишен економски раст така што ништо од наведеното нема да ни биде потребно.
Кога ќе ја исклучиме последната опција, ни останува да погледнеме што реално нѐ чека во иднина, а што веќе сега почнува да ни се случува.
Најактуелната точка е минималецот. Преговорите за зголемување на минималецот веќе започнаа, но како и секоја година, конечната одлука ќе ја донесе Владата зашто синдикатите и работодавците секогаш се на спротивставени страни поради што де факто државата решава за износот на минималната плата.
Минатата година беше договорено годинава минималецот да биде изедначен со минималната потрошувачка кошничка, односно тој да биде кренат од сегашните околу 30 илјади динари на над 37 илјади. Короната го фрли договорот во канта за ѓубре, што значи дека првата и најдиректната цена на економското заздравување ќе ја платат најсиромашните меѓу нас.
Доколку минималецот воопшто не биде кренат, иако некаков раст веројатно ќе има, тоа ќе биде загуба од над 85 илјади динари по човек во наредната година. Тоа се речиси три цели плати што луѓето, кои денес примаат минималец, нема да ги добијат, а кои би ги добиле ако немаше пандемија. Тоа наедно е и сериозна разлика во квалитетот на животот, која нема да се случи.
Оваа заштеда во однос на претходниот договор ќе ја определат државата и работодавците, иако повеќе државата, зашто работодавците и така бараа даночно ослободување како надомест за повисок минималец. Би било погрешно да се тврди оти откажувањето од ваквото зголемување на минималецот во оваа состојба не е оправдано, но тоа не го менува фактот дека првиот товар паѓа врз оние што имаат најмалку.
Откога ќе си ги намали сите претходно планирани трошоци поврзани за повисокиот минималец, државата во наредната година ќе заштеди и на вториот планиран трошок – растот на платите во јавниот сектор.
Слободно може да се каже оти до овој раст, едноставно, нема да дојде. И тоа може да се оправда зашто, впрочем, платите во државниот сектор во просек се многу повисоки од тие во приватниот и ако сите други мора да го поднесат товарот на кризата, зошто државните службеници би требало да бидат поштедени, особено кога веќе сега имаат подобар стандард од другите граѓани? Но сепак, тие се втори на списокот на тие што ја плаќаат државната помош за фирмите и тоа треба да се знае.
Иако сѐ уште не е извесно, може да се очекува дека во наредната година ќе се соочиме и со раст на цените на разни државни услуги, од поскапување на комуналиите (струјата веќе се споменуваше) па натаму. За очекување е и хиперактивност на Даночната управа и на сите други инспекции, за да се соберат што повеќе пари во државната каса, а тоа најмногу ќе ги погоди најмалите претпријатија и нивните, повторно, најслабо платените работници.
Можно е да дојде и до раст на даноците, што зависно од видот ќе ги платат како граѓаните, со тоа што ќе им останат помалку пари да си го купат потребното бидејќи поголемиот дел од платата ќе оди за даноците отколку за намирниците, така и фирмите чии профити во секој случај ќе трпат, што конечно ќе се одрази на платите. За некакви растоварувања од давачките тешко дека ќе може да стане збор во скоро време, а има економисти што стравуваат дека и пензиите би можеле да бидат погодени.
Конечно, доколку сево ова нема да биде доволно, останува да се забави со планираната изградба на патиштата, пругите, електроцентралите, фабриките, насипите и болниците. Во тоа сме експерти.
Само стадионите нема да ги запоставиме. Претседателот деновиве повторно ни го вети тоа.
Колумната е преземена од српскиот весник „Данас“, а авторот е уредник на економската рубрика во весникот