Коронавирусот на западната цивилизација (2)

Oд кадe генијалноста на некои богаташи да имаат богатство и поголемо отколку буџетот на цела една сиромашна африканска држава? Дали е тоа пронајдокот на западниот либералкапитализам слободниот пазар, кој едни ги крева до небо на крилјата на капиталот, а други ги турка на работ од егзистенцијата. Со право човек се прашува, на пример, од каде им е таа моќ на Ротшилдови да владеат со американската државна валута, а потоа и со Светската банка и со Монетарниот фонд? Ним се обиде да им се спротивстави Кенеди, донесувајќи закон за сопствена федерална валута, за што плати со животот. По само неколку месеци откако почна да функционира законот беше убиен во атентат. Оваа дигресија е потребна, драг читателу, за да се увериме во фактот дека на еден или на друг начин планетарниот живот како судбина го држат во еден добар дел во раце богатите.

Екстра богатите што ја диктираат дозата на сиромаштија во светот. Оттука не е тешко да заклучиме дека и една мастодонска воена организација како што е НАТО, покрај неговата скапа рекетарска членарина од членките, е во добар дел финансирано од Ротшилдови и компанија, а сè со намера да ги брани нивните банки и будно да внимава случајно да не се крене на нога светскиот пролетаријат со некоја нова Октомвриска револуција, која ќе го врати комунизмот на сцена и ќе го збрише нивниот шпекулантски стекнат капитал.
Искрено, никогаш не сум им завидувал на богатите. Секогаш сум знаел дека се и тие создадени од прав и во прав се враќаат, бидејќи тука интервенира правдољубивата смрт. А сè си мислам до кај ќе стигнуваше нивната ароганција да не постоеше таа.

Со неа сиромасите се дури и задоволни, бидејќи како што дошле голи на овој свет така и се враќаат на небо кај Создателот, каде што уште ги чека, како што велат и Исус и Мухамед, и награда за земното страдание. А на богатите, драг читателу, тешко им се заминува, бидејќи не можат да го понесат со себе натрупаното богатство, а и кога ќе стигнат горе ќе мора да застанат на вагата на Страшниот Суд, каде што ќе биде измерена секоја нивна прашинка тешка од гревот кон сиромаштијата. Потоа, пак, откако ќе бидат измерени ќе бидат качени на камили и ќе мора да поминат со нив низ иглени уши за да стигнат и да им се приклучат на сиромасите на свадбата на Јагнето Исус во Небесниот Ерусалим. Оваа библиска парабола, иако изгледа така, не е празна метафизика, бидејќи е есенцијална и раскажува за тоталитетот на егзистенцијата, која на крајот ја дефинира божјата правда, а во која добар влог, како што веќе рековме, има госпоѓата смрт, што е за жал на богатите непоткуплива. Не е, да речеме, коруптивна како што е тоа нашата влада. Итн.

И никогаш не сум помислувал да крадам, драг читателу, ниту сум учен на тоа како што сега ги воспитуваат некои политичари, ако не сите, и тајкуните децата од мали на дарвинистички методи на егзистенција. Се сеќавам, кога бев на шест-седум години, како минувајќи го џадето со вреќа полна зелје за опрасената маторица најдов една акт-чанта. Веројатно испадната од некој мотор, недобро прицврстена. Беше тешка како камен. Го откопчав патентот и видов дека е набиена со снопчиња пари. Со нив можеа да се изградат неколку убави куќи. Кога стигнав дома пред заод сонце му ја покажав на татко му, гол сиромав, кој беше неколкупати затворан за неплатен данок на државата. И како изреагира тој? Што мислиш драг читателу? Ги оџагори исплашено очите и ми нареди бргу-бргу чантата полна со пари да ја однесам во полиција во блиското гратче Пехчево.

Така и направив. Тоа беше педагошка лекција од типот на оние на Макаренко. И потоа како можам јас да бидам корумпиран, да одам во политика, да бидам дел од мафијата и да крадам дерејќи му ја кожата на народот. Па сепак, признавам дека некогаш ме фаќа желба да бидам крадец на богатството што го натрупале некои тајкуни цицајќи им ја како тавтабити крвта на сиромасите. Ама со една единствена цел, да им го вратам на тие од кои е ограбено тоа. Тогаш, се разбира, помислувам на Робин Худ.
Ама феноменот на кражба, на цицање на крвта и потта на послабите и сиромашните, драг читателу, како што знаеш не се однесува само на поединци тајкуни и силнички групи што бескрупулозно, потпомогнати и од корумпираните институции го прават тоа, туку во одредени историски околности се однесува и на цела една цивилизација. Како што е тоа случај, имено, со модерната западна либералкапиталистичка цивилизација со која се занимаваме во оваа колумна.

Цивилизацијата што изворно сè уште сме навикнале да ја викаме западноевропска, подразбирајќи ги под тоа модните и главно колонијалистички европски држави. Но во таа слика бргу-бргу се вклопува и Америка, особено по Хирошима и Нагасаки каде што ги фрли во август 1945 г. своите атомски бомби и на тој начин отворено ја објави својата доминација на светската сцена со новиот постхитлеров фашизам. Тука на колективен план дојде до израз Ничеовата волја за моќ, енергична, сурова и моќна. Апсолутно дарвинистичка според својот нарав. И што е важно, ако е важно, американскиот „демократски“ фашизам и со своето протејско лице се покажа многу повитален од германскиот. Впрочем, како што вели и еден од јунаците на култниот роман на Норман Мајлер „Голи и мртви“, генерал Камингс, Германците за разлика од Американците не ги бидува и не се родени за фашизам. И површната компаративна анализа ќе го докаже тоа.

И, значи, во заклучок, сега кога зборуваме за западноевропската либералкапиталистичка цивилизација, мораме кон неа да ја приклучиме и вашингтонска Америка и да ја викаме Евроамериканска. Тука, нејзината европска половина, рака на срце, е во културолошка цивилизациска смисла неспоредливо далеку поиспеглана и поставена на цврста основа. Таа е како одлежано, добро дестилирано старо вино, а американската е сè уште на ниво на шира, или, ајде, штотуку преточено и сè уште нелегнато, зовриено вино. Сеедно. Мојата (хипо)теза е, пак, драг читателу дека евроамериканската западна либералкапиталистичка цивилизација, што го покажува и сликата на актуелната пандемија во светот, не е само болна од коронавирус туку таа е и негов главен производител. А тоа го диктира нејзиниот незаситен нагон за материјален профит. Нејзината речиси митска, метафизичка лакомост.

Тука мораме да констатираме дека сепак Америка на некој начин предничи пред Европа, чиј бран на колонизација низ светот, главно во Африка и во Јужна Азија, поодамна се повлекол, односно сега е заменет со некои пософистицирани и маскирани со целофанот „демократија“ средства, додека колонизацијата на светот што ја врши денес Америка е во основа дива и во многу случаи отворено варварска: Блискиот Исток, Авганистан, Виетнам, распадот на Југославија испланиран од ЦИА, бомбардирањето на Србија, поддршката на албанскиот тероризам во Македонија, сè до нејзината клучна улога во идентитетската ликвидација на Македонците во Преспа… Сè ова јасно го отсликува варварскиот дел на американската цивилизација денес.

Па и сегашната пандемија низ светот мириса на нејзино масло. Оти веќе и на врапчињата им е познато дека подлиот коронавирус е произведен во американските смртоносни лаборатории во кои знаењето го дава Сатаната, а не Бог. Билјана Ванковска во својата колумна на таа тема и наведе еден американски експерт и интелектуалец, кој го потврдува тој факт. А излегоа и други на површина.
Така, коцка по коцка кога ја склопуваме сликата на западната, сега либералкапиталистичка цивилизација, драг читателу, гледаме дека таа совршено како кинеските Јин и Јанг е составена од половините на култура и варварство. Во Америка тој контраст е и поочигледен и драстично изразен, отколку во Европа во која е повешто маскиран и криен. Оросписки, како што би рекол нашиот Цепенков, кој пред сите нас ја даде со еден потег цивилизациската слика и ја дијагностицира психолошката болест на Вавилонската ороспија.

Таа нејзина болест што е предмет денес на модерните психолози, пред сè оние од школата на психоанализата, и антрополози е нарцизмот. Се разбира, ариевскиот нарцизам за посебна раса, како оној на Евреите во Стариот завет, кои и Бог, Јахве, го прогласија за личен колективен имот. Со еден збор тоа е цивилизација што себеси се прогласува, сосе сите свои идеи, правила и норми за тоталитет во кој мора да се вглобат, а за нејзина добивка, сите преостанати во светот. Така всушност, драг читателу, и почна нејзиниот планетарен колонизациски проект под изговор да се цивилизираат нецивилизираните, варварите.

А потоа испадна на површина неверојатниот парадокс, дека „варварите“, оние домородните, ги цивилизираат новодојдените варвари, кои во својата цивилизаторска стратегија од еден контрапункт со име лакомост, како во фугите на Бах, дејствуваа во два паралелни текови на директна физичка присила за покорување и искористување (отворен тип варварство), и на асимилација со акултурација на домородното население кај кое дошле како неканети гости. За тоа посебно пишува во својата двотомна фасцинантна студија „Антропологија на смртта“ сјајниот француски антрополог Луј Вансен Тома. Јас еднаш, ако се сеќаваш драг читателу, таа книга како лектира му ја препорачав и на месје Тимоние, кој толку многу обожава, небаре е Лао Це, да ни држи лекции по цивилизација и демократија. Добро, ама јас сакам повеќе да ги слушам тие лекции од устата на Волтер, Монтењ, Иго, Ромен Ролан, Монтескје, Малро, Ками, Сартр…отколку од него и Макрон.

А на германски план повеќе од Гете, Шилер, Ниче и Шопенхауер, на пример, отколку од внуката на фирерот Меркел.
Туку, да не се отклониме со оваа дигресија од сјајниот, вистинскиот и нелицемерен Французин Тома, кој многу добро ги проучил како антрополог техниките со кои се служи западната цивилизација за сопствена цел и корист. Вели: „Постојат повеќе техники за уривање на културата и општествата (од страна на таа цивилизација. м.з.): колежи или асимилации, потиснување или туркање во резервати, искористување, потоа уништување, па и стерилизација.“

Потоа францускиот антрополог говори и за оној таканаречен „културен“ начин на уништување на други народи под претекст дека се преведуваат од варварство во култура, „благородната“ мисија што си ја припишува себе западната нарцистичка, ариевска цивилизација: „Другиот начин на уништување, вели Тома, не е толку успешен, дури и ако е изведуван во ’поблагородна перспектива‘. Политиката на потиснување ’ограничување‘ на Индијанците на долна Калифорнија, имала цел, според мисионерите (слични на нашите Соросови невладини м.з.), да ја спаси душата и паствата да ја научи на земјоделство, сточарство, на уметност, на ’здравите вредности‘ на јудео-христијанската цивилизација. Првата последица од тоа била увезената зараза (сипаници, вариола, стомачен тифус), додека појавата на загадената вода предизвикувала дијареа и дезинтерија. Идејата била да се принудат Индијанците да ги напуштат своите предци, богови, верувања и сите вредности на нивната традиција…“ Итн.

А зарем не се случи тоа и со нас Македонците, драг читателу, во Преспа, третирани како Индијанци. Сеедно. Заклучокот на Тома е формулиран во депресивното (само)прашање: „Со право можеме да се прашуваме има ли пострашна смрт од онаа која се состои во лишување на еден народ од идентитетот.“ Тоа ни се случи и нам во Преспа, драг читателу, под менторство на западните цивилизатори кои ги искористија како алатка нашите квислинзи од типот на Заев, Димитров, Шекеринска… И, секако, невладините на Сорос и УСАИД.

Уште редица примери на таква сурова акултурација и лишување од изворниот идентитет на домородното население наведува Тома во својата студија, која во својата студија, која во својот епицентар на истражување и промислување ја има темата на смртта; на индивидуата, но и на колективот, на цели народи, а во крајна инстанца и на светот. Студија-книга која е par exellence есхатолошка и во многу нешта потсетува на Откровението на апостол Јован во Новиот завет за крајот на светот. Крајот што, според многу знаци, имено, денес го моделира и предвестува материјално екстремно лакомата западна либералкапиталистичка цивилизација на еден садомазохистички начин. Оти, да те потсетам, драг читателу, и Маркиз де Сад и баронот Мазох се архетипски цивилизациски производ на Западот.

Барем се психолошки и културолошки официјализирани од него. Факт јасен како ден. Па и коронавирусот што беснее сега низ светот, и тој се вклопува во таа садомазохистичка слика. Оти некогаш во средниот век, па и потоа, до модерната либералкапиталистичка епоха на материјалниот профит, пандемиите доаѓаа како „божја“ сила од нигде. Чумата доаѓаше со глувците излезени од бродовите, кои неа ја разнесуваа низ светот. Сега пак таквите глувци директно доаѓаат од банките и капиталот на лакомата либералкапиталистичка цивилизација.

Така пристигна сега и коронавирусот како нејзин ментален ентитет на искривената психа. Како недостиг воопшто од душа по онаа кобна средба и трампа на Фауст со Мефистофел. Вирусот со геополитички и експлоататорски мирис. Фактот што коронавирусот пуштен од лабораториите на ЦИА и Пентагон се појави во Вухан во Кина јасно го дава на показ тоа. Намерата е да се девастира главниот американски и воопшто западен либералкапиталистички економски моќен ривал. По цена опасниот вирус да се врати, како и што се случи бргу тоа, и кај нив. Да. Ама, гледај чудо: необјатната по простор и популација Кина речиси експресно се справи со вирусот, додека Западот и преостанатите региони сè уште мака мачат со него.

(продолжува)