Врвот на Српската православна црква на средба со највисоките достоинственици на Руската православна црква пред некоја година побарал поддршка за расчистување на односите со Македонската православна (расколничка) црква и поддршка во постапката против архиепископот г.г. Стефан и негово разрешување. Ситуација недостоинствена за православието, каде што политичкото дејствување произлегува директно од под плаштот на верскиот, метафизички конфликт. Ова случување може да се смести во рамките на често фаталниот склоп од политика и религија, каде што третиот чинител е насилството. Досега не е познато каков бил одговорот на рускиот патријарх и неговите соработници од одделот за надворешни работи.
Како да се одговори на овој пресек на политиката, религијата и насилството? Дали човекот мора да ја брани верзијата на секуларизмот или тивко да го прифати лизгањето во некој друг вид теизам?
Ставот дека животот без бог нема смисла, дека не значи ништо, христијаните го бранат со идејата дека таа (бесмислата) е нужна последица на атеистичкиот поглед на светот и човекот во него како уште еден животински вид. Наспроти тоа, некои мислат дека единствено таквото атеистичко поимање на човекот, вистински ни овозможува да бидеме луѓе.
Постојат голем број докази за постоењето на Господ, тврдат извесни теолошки доктрини. Но сето тоа предизвикува одредено сомнение кај мудрите филозофи. Бидејќи, ако за една работа постои еден доказ, сите други не ни се нужни. Но ако се повеќе докази, тогаш сигурно не се несоборливи, постулираат категорично.
Интернетот и глобалните медиумски алатки во голема мера ги артикулираат и раздвижуваат општествените норми и го насочуваат и формираат нашето поведение како објективен корелатив на технолошко-информацискиот подем, епоха што по либерализмот на духот што преовладува во него слободно може да се окарактеризира како галактички постмодерна.
Во времето кога се раѓаат една нова култура и едно ново поимање на митологијата и нејзиното распоредување во кибер-просторот, во кој нема граници ни власт и во кој врховниот мит, поимот „бог“ е веќе вгнезден (според Гугл) во над 45 милиони страници, практично нашите души и нашите информациски тела општат со „оностраноста“. Па, така, несвесно и без своја волја, се дигитализирани верата и надежта, при што и ние сме трансформирани во облик на чиста апстрактна егзистенција, која е „осветен“ дел и функција на комуникациските медиуми. Темпото и динамиката на настаните и содржините од нашето секојдневие, исполнето со шокантна непредвидливост, и од нас бараат да се сообразиме со ритамот на промените и својата перцепција, капацитет и концентрација да ги насочиме кон неограничените можности на виртуелните трансформации.
За мене Бог е компјутерот, и вселената и секое сегашно минато и идно совршенство ќе ги вградам во него, ќе изјави во едно од ретките интервјуа гуруто на информатичките метаморфози Бил Гејтс, со што всушност ја антиципира и можноста за виртуелизација на верата и претворање на надежта во бројки. Црква на интернет е една од многубројните изуми на технолошко-информациските преобразби. Бог претворен во бројки и со кого ќе можете да комуницирате без прелиминарни ритуали и посредници.
Освен практичните аспекти на овој најнов изум на постинформациската епоха, битно е да се напомене за демократскиот потенцијал што оваа брилијантна идеја ја претвора во моќно орудие со кое верниците ќе можат да се навикнуваат на различностите, да вежбаат толеранција и да негуваат почит кон другите. Виртуелната црква е убава можност за нивелирање на последиците од многубројните шизми, кои се причина за големи омрази и делби, вгнездени во менталната структура на верниците како духовни хипотеки што се потенцијален извор на голем број недоразбирања и конфликти. Во тој хипотетички амбиент, Македонската православна (виртуелна) црква, продолжувач на Охридската архиепископија, претворена во бројки и со помош на глобалната медиумска инфраструктура, преку „Хотбрд“ или некој од многубројните сателити, ќе се доближи до верниците во Канада, Америка, Австралија, Нов Зеланд и со едноставни математички операции ќе ги избегне стапиците што ѝ ги поставуваат Грчката и Српската црква и без посредство на руската арбитража ќе повика на галактичка виртуелна екумена.
Од фактот дека Бог е нужен како извор на смислата на светот и животот – произлегуваат теолошката аргументација и идејата дека е нужен и за создавањето и одржувањето на космосот и за обезбедување на моралната рамка за нашата егзистенција. Во тој домен религијата одиграла важна улога во развојот на она што денес го нарекуваме цивилизиран живот, и тоа градејќи го убедувањето дека да се биде човек мора да се подразбира нешто повеќе отколку да се биде само живо суштество. Слободата на изборот и одговорноста за последиците нѐ прават луѓе повеќе од што било друго, а Бог е неопходен како извор на моралните вредности: без него би западнале во морален нихилизам. Верата не е верување во некое метафизичко битие.
Таа е проживеана, субјективна посветеност кон нешто што би се нарекло бескрајно барање и усовршување, како што е совршен нашиот небесен татко, кој во беседите напоменува „сакајте ги непријателите свои и молете се и за прогонителите и негаторите свои“. И уште нешто на патот кон совршенството и самопочитта – етичките барања не зависат од божествената наредба туку од начинот на кој се структурира субјективноста. Начинот на кој се структурира немоќната моќ на животот, која ја нарекуваме совест.
Бог е виртуелен многу пред да се измислат компјутерите и нивниот виртуелен свет и, според извесни филозофски толкувања, и теистите и атеистите се еднакво далеку од Бога, само што едните веруваат во Бог, а другите во БезБог.
И сѐ додека има македонски народ, нашата света црква не треба да стравува за својата иднина, зашто освен што има цркви и манастири со традиција, какви што немаат голем број православни цркви, има и многу нови патишта и начини како да се опстои да биде канонски рамноправна со другите во Христовата екумена.
Господ и религијата немаат врска едно со друго, бидејќи Господ, како и Македонците на овие простори, постои подолго од религијата и смешните атласи, а дебати, недоумици, негирања, подлости и малициозни коментари ќе има секогаш.