Поразителен е фактот кога човековиот живот ќе го сведат на бројка, на статистички податок, една безначајна бројка во бесконечниот низ бројки, со која можат да си манипулираат како што си сакаат, да се пазарат и поткусуруваат.
Ти Човеку си бројка, само бројка, без име и презиме, без корен, тотално обезличена бројка, ко да не си постоел, ко да не си индивидуа со сѐ свое што го носиш, ко да немаш душа, личност… Твојот живот се сведува на статистика… И што е важно, нели, во ваква констелација кој си и што си, што си бил, што си направил. Ти си само една бројка во билтенот на црната хроника на заболени или починати, во списокот на (не)симпатизери или (не)гласачи, на (не)подобни… Ти си само бројка што ја ставаат во барабанот на дневнополитичките поткусурувања и со која си манипулираат според потребите на оние што одлучуваат за нашите животи и која се користи како арсенал во меѓусебните расправии во оваа наша психолошко-биолошка и политичка војна.
Уште ако си и во „ризична“ група, што значи уште „понебитен“, кому му е гајле за тебе, кој покрај ковид имаш и уште неколку хронични болести или си веќе „остарен“ како изветвен мантил што треба да се фрли на буниште, зашто своето си го отслужил…. Важно е само оние „битните“, „избраните“ да се безбедни, да се спасат, да си го (про)живеат животот… Нив и онака не ги напаѓа вирусот.. Нив и онака животот им е инфициран со вирусот на аздисаноста, а оние другите „хроничните“, тие се и без тоа (нај)слабата алка, која не е ништо значајно, тотално небитни… Ќе си заминеш од овој свет и ќе те сведат на број, кој покрај ковид имал и уште неколку хронични болести или бил „стар“ дооден, што значи, со други зборови, и онака си бил готов, само товар на Фондот за здравство, за пензиско осигурување, па, да бидам докрај цинична, ако не те убиел ковидот, секако ќе те убиела болеста што си ја носел или староста, така што кога ќе те вбројат во статистиката на починати или инфицирани, и ќе го нагласат тоа гласноговорниците во своите изјави дека покрај ковид си бил и хронично болен или стар, за оние „избраните“ да не се грижат воопшто и да бидат спокојни, зашто тие не спаѓаат во таа категорија и можат слободно да си уживаат.
Важно е дека тие „избраните“ можат да си продолжат со животот, со журките, со дружбите, со кампањите, со политичките игри и надмудрувања, да аздисуваат и да не се грижат воопшто што некоиси таму десетина луѓе дневно го загубиле животот и сто и шеесетина, сто и седумдесетина дневно се инфицирале. Тие се имуни, недопирливи, вакцинирани против сите болештини, а најмногу вакцинирани против човечност, емпатија, одговорност.
А, пак, оние исплашените и одговорните, ех, тие се посебна приказна за себе… Тие се оние што се „изманипулирани“, оние „наивните“ што лесно се „лажат“, „заплашуваат“…Тие нека живеат во занданата на сопствените стравови, нека живеат во карантин, нека се плашат и нека се грижат и за себе и за сите други… Кој им е виновен што не знаат да уживаат во убавините на животот?
А што е со вирусот? Тој вирее само во посебни околности и услови… Не напаѓал или можеби напаѓал луѓе со маски, не напаѓал за време на избори и изборни кампањи, не напаѓал претпладне, туку само попладне и за време на полициски час, не напаѓал на партиски митинзи бил непартиски и аполитичен, не напаѓал на верски празници, бил атеист, не напаѓал на забави и собиранки, не бил многу друштвен, не напаѓал на езера, плажи, мориња, базени, по ресторани, кафулиња и клубови, не напаѓал на работа или напаѓал, ама само одредени професии и одредени категории вработени, не напаѓал по обложувачници и казина, на свадби и фамилијарни веселби.
Напаѓал само строго „селективно“ – НАСЕКАДЕ. Со 20 заразени дневно прогласувавме карантин, а сега речиси со 200 отворивме сѐ, организиравме избори, се забавуваме, се дружиме. Со 20 заразени и без ниту еден починат ја затворивме државата, а сега со над 11.500 заразени и над 500 починати ќе ги отвораме училиштата. Па како да најдеме логика во нелогичноста? Како да најдеме логика во овој глобален, не само наш, биолошко-психолошки експеримент, во кој ни се тестираат границите на издржливост на толеранција на нелогичности и контрадикторности и во кој сега треба како заморчиња да бидат инволвирани и нашите деца? Кој е тој „маж“ што ќе ја преземе одговорноста ако нешто тргне наопаку во нашиот биолошки, социјален и психолошки експеримент? Како да донесеме разумен, издржан суд, ако сме постојано зафрлани како пингпонгарско топче на континуумот меѓу две контрадикторни крајности, чекајќи го вториот, третиот или не знам кој по ред бран на ова современо цунами. Или можеби ја чека(в)ме уште третата кулминација од првиот бран???
И така, додека чекаме „експертите“ да се договорат каде и како напаѓа или не напаѓа вирусот, која кулминација од кој бран ја чекаме, ме бараат деновиве и медиумите да дадам свој став како психолог за почетокот на учебната година за време на пандемија, про или контрааргументи за одржување настава со физичко присуство или онлајн…
И јас најискрено го кажав мојот став – НЕМАМ СТАВ. Токму така – немам став и тоа е ИМАЊЕ СТАВ. Немањето став е имање став. Многумина со немањето став за ништо далеку дотуркале, дури и до врвот на општествената хиерархија, кариери изградиле, стекнале моќ да ни ја режираат стварноста и да ни ги диригираат нашите мали, „безначајни“ животи. Колку помалку имаш свои ставови, толку подалеку и повисоко одиш… Ова е време на луѓе што немаат став за ништо, кои не се оттука, кои живеат надвор од времето, но затоа, пак, многу убаво си живеат. Најдобро си живеат тие со лоботомирани мозоци, со амнезија, со симптоми на деперсонализација и дереализација, не знаат кои се, каде се, што се, кои немаат став за ништо. Така и јас решив да немам став и со тоа да си го кажам ставот. И сега неминовно ми се наметнуваат прашањата.
А каков став да имам јас како поединец во ова сеопшто лудило? Каков став да има еден човек во оваа шизофрена состојба, во овој галиматијас од контрадикторности, нелогичности, недоследности и невидени парадокси? Во оваа наша папазјанија што и да кажеш ќе бидеш осуден и распнат, етикетиран, исполитизиран.
Затоа мојот став е – НЕМАМ СТАВ за глупоста, за непрофесионалноста, за аматеризмот, за селективноста, за политикантството, за неодговорноста, за нелогичности, за демагогијата, за парадоксалноста, за сеопштото лудило… Ставови се градат со детални, сеопфатни анализи на стручни лица, експерти во сите области, со проверени факти, од релевантни извори, а не во ваква какофонија на глупоста и лудилото, на манипулации и нелогичности. Ставови се градат со макотрпна, сеопфатна анализа, а не со дневнополитички и утилитаристички акробации и со следење на јавното мислење на фејсбук-статуси. И затоа не барајте мој став.
Ако некому му е потребен, нека ме ангажира како професионалец во мојата област и ќе добие мое стручно мислење, моја експертиза и не само моја експертиза туку и на мои колеги и на многу други стручни лица од разни области… Ако не, нека (пре)бара на Фејсбук – има „експерти“ за сѐ од психологија, образование, здравство, па до квантна физика. Во оваа експанзија на фејсбук-експерти, кога секој може да биде експерт за што си сака, и онака никој не го есапи мислењето на струката за ништо. Ова е време кога никој не знае ништо, а сите знаат СЀ.
А за почетокот на наставата на 1 септември или не, мојот став ќе го кажам тогаш – на 1 септември, со тоа што ќе одлучам дали ќе го пратам моето дете на училиште или не. Тоа е мое неприкосновено право како родител пред сѐ, а потоа и како психолог…
Марија Младеновска-Димитровска, м-р по психологија