Летото 2021 господово ќе биде по многу нешта значајно. Но денес нема да проговорам за државата Македонија и нејзините шанси да преживее. Ќе пишувам за двајца Македонци, за Блаже и за Данче.
Годината 2021 е година во чест на Блаже Конески. Немав среќа да го знам него лично, но сите што го познаваа него, ми зборуваат за неговата големина, човечност, добрина, тага, за неговата научна ширина, но и за тоа дека тој беше „постојан жител во куќата на поезијата“. Оваа година ќе има различни настани, сите со една единствена цел: одбележување на стоте години од неговото раѓање. Нешто што треба сите да нѐ израдува.
Меѓутоа, истовремено, нетранспарентно, без никакви траги, со цел да се скрие намерата, подло, кукавички, се случува, заткулисно, нешто друго. Тоа, поврзано со Конески, ме потсети на неговите стихови:
„Ќе дојде време на лажни пророци
Што божем во мое име
Ќе ве збираат по плоштадите
Ќе креваат врева до небеси,
Ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Што дека прогласуваат
Дека ве спасуваат!…“
Последниот удар, во името на Конески, во годината во чест на Конески, што се подготвува да се направи на Филолошкиот факултет што го носи името на Блаже Конески, се „реформите“ на факултетот со кои престануваат да постојат катедрите по македонски јазик и македонска книжевност. УКИМ, МАНУ и други институции се формирани заради македонскиот јазик и македонската книжевност. Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, а тоа го знаат подобро тие што се многу повеќе упатени од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци во светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам. Се брише сѐ што носи македонско име, се урива македонистиката на Филолошкиот факултет. Темелникот на македонската државотворност. Жалосно.
Второто лице е Данче. Дипломиран електроинженер, заедно студиравме на УКИМ. Нашата генерација полека ја троши седмата деценија од животот, но, ете, Данче пред две години се запиша на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и започна со нејзините студии по македонски јазик. За да покаже, со личен пример, дека помладите треба да учат македонски јазик. Данче е меѓу подобрите студенти, веќе заврши две години. Парадоксално, може да се случи Данче да заврши факултет, но во моментот кога ќе се случи тоа, Катедрата за македонски јазик на која се запиша кога ги почнуваше студиите веќе да не постои. Зар е можно тоа? Се чини, тоа е можно само во Македонија.
Како ќе заврши ова лудило? Ќе дојде ли време за достоинство и спокој? Или како во финалето на Марковиот монолог од „Песјо брдце“:
„Ковајте ми коња наопаку,
клајте барабани на ветар да бијат,
нека ги страши уште мојот призрак,
да не ја видат мојата смрт.“