Светската пандемија на коронавирусот е пресвртна точка во светската историја. Не само што индексите на берзата и цените на нафтата паѓаат туку се руши и светскиот поредок што го познаваме.
Дури и по првите месеци од пандемијата, некои глобални геополитички промени се веќе очигледни и во голема мера неповратни. Се движиме кон нов свет во кој секој ќе ја гради својата иднина на сопствените цивилизациски темели. Дали и ние? Како ќе изгледа може да нагаѓаме. Но факт е дека стариот светски поредок е минато, а контурите на новиот се навестуваат.
Како и да заврши борбата против коронавирусот, јасно е дека пандемијата ги погреба глобализацијата, отвореното општество и глобалниот капиталистички систем. Паднаа главните митови за глобализацијата: ефективноста на отворените граници и меѓузависноста на земјите од светот; можноста на наднационалните институции да се справат со вонредна состојба; одржливоста на глобалниот финансиски систем и светската економија како целина кога се соочуваат со сериозни предизвици; супериорноста на либерализмот наспроти бескорисноста на централизираните држави, социјалистичките режими и дисциплинските методи за решавање акутни проблеми.
Глобалниот неолиберализам е спуштен на колена, а со тоа и неговата тотална идеолошка доминација, неговата „очигледност“ како глобален метанаратив, апсолутизацијата на слободниот пазар, парламентарната демократија и идеологијата за човековите права, долар-империјализмот, глобалните берзи и надзорот на светските медиумски елити.
Не верувам дека повторно ќе имаме шанса да го видиме оној добро познат неолиберален танц на познатото политичкото дуо, Тачер и Реган, со кој длабока ги трансформираа своите општества и станаа главни промотори во вметнувањето на неолиберализмот во јавните политики. Тоа ќе биде минато во светот по коронавирусот.
Кризата со коронавирусот барем за неколку години ќе ги натера повеќето влади да се свртат навнатре, фокусирајќи се на она што се случува во рамките на нивните граници, отколку на она што се случува надвор нив. Очекувана ќе биде селективна самодоволност на државите, со оглед на ранливоста на синџирот на снабдување; уште поголем ќе станува отпорот кон масовните миграции; намалени ќе бидат подготвеноста или посветеноста за справување со регионалните или глобалните проблеми (вклучувајќи ги и климатските промени), а сѐ во функција на нужната потреба да се стават сите расположиви ресурси во обнова дома и справување со економските последици од кризата.
Многу држави ќе се соочат со сериозни тешкотии да закрепнат од пандемијата и економската рецесија. Ќе расте бројот на неуспешни држави, станувајќи несакана карактеристика на новиот свет.
Она што кризата со корнавирусот нема да го промени е фундаментално конфликтната природа на светската политика. Во секој случај, оваа криза ќе ја промени меѓународната структура на моќ на начини што можеме само да започнеме да го замислуваме.
Кризата, најверојатно, ќе придонесе за постојаното влошување на кинеско-американските односи и слабеење на европската интеграција. Односот меѓу САД и Кина ќе остане доминантен во дефинирањето на геополитиката во 21 век. Кина сериозно се подготвува да го обликува 21 век, онолку колку што САД го формираа 20. Во моментов геополитиката е жртва на ривалството, конфликтот и политички опортунистичкиот национализам на овие две држави, околу справувањето со кризата и вината за нејзино ширење. Како и да заврши овој ривалитет, доминантните моќни држави веќе нема да можат да ја заштитат својата безбедност дејствувајќи сами. Транснационалната закана од ковид-19 ќе ги натера овие држави да ја сфатат важноста на моќта на другите.
Токму на овие основи ќе биде изграден новиот мултиполарен свет со целосно нова безбедносна архитектура. Можеби нема да биде повеќе самоодржлива и адаптабилна како сегашната, но дефинитивно ќе биде различна во менаџирањето и решавањето на конфликтите. Во овој нов модел, Западот, САД и НАТО, (доколку НАТО сè уште постои), ќе бидат само еден фактор покрај другите.
Со оглед на состојбата со пандемијата, многу аналитичари сметаат дека начинот и брзината со кои ЕУ ќе се справи со неа ќе ги детерминира нејзините изгледи да опстои, или да креира ризик од нејзино постепено распаѓање. Доколку Европската Унија не може да обезбеди повеќе фокусирана помош за своите 500 милиони граѓани, националните влади може во иднина да вратат повеќе моќ од Брисел. Подемот на национализмот во Европа може да стави крај на веќе замрзнатото единство на ЕУ и на шенген-системот.
Од друга страна, Русија има историска шанса да забележи зголемување на моќта, како резултат на наглото опаѓање на Западот и неговата внатрешна геополитичка фрагментација. За разлика од Индија, која се очекува да биде најтешко погодена од кризата со коронавирусот, заедно со Иран. Овие држави ќе влегуваат во каскадни кризи што може да ги соочи со сериозни политички потреси. Тука се и социјално ранливите монархии на Заливот, кои ќе бараат начини да преживеат во сегашното опкружување со ниска цена на нафтата. Исламскиот свет ќе мора да се соочи и со проблемот на новата парадигма на самоорганизирање, како одговор на новата дистрибуција на моќ во светот.
Откако ќе помине кризата, светот, веројатно, нема да стане покооперативен. Ковид-19 ќе создаде свет што е помалку отворен, помалку просперитетен и помалку слободен. Не мораше да биде на овој начин, но комбинацијата на смртоносен вирус, несоодветно планирање и некомпетентно лидерство го постави човештвото пред нов предизвик.
Пандемијата на коронавирусот нѐ соочи и со сериозен јаз на лидерство на глобално ниво. Се виде дека луѓето сега бараат авторитативни лидери дома, кои прво се грижат за своите граѓани. Демократијата се покажа како неефикасен систем во време на епидемии, кога нужно се неопходни брзо и решително дејствување и, секако, алтернативни, порепресивни модели на управување.
Каде сме ние во оваа приказна? Како по обичај никаде. Нашите приказни отсекогаш други ги пишувале. Ние само ги потпишуваме. Одамна е еродирана нашата автономија како држава да одлучуваме за прашања од внатрешен и меѓународен интерес. Затоа нашите политичари развија култ кон „пенкалото“, како средство на понизност и полтронство.
Сега сме оставени сами. Сега зависи од нас какво сценарио ќе креираме за нашата иднина во светот по коронавирусот. Немам големи очекувања дека оваа влада има каква било стратегија и знаење кризата да ја искористи за обнова и креирање на нешто подобро и похумано. Или дека кризата ќе ја натера да нѐ врати на напуштените историски траектории. Оваа траекторија по која се движиме во моментов лесно можеме да нѐ лизне во нешто многу лошо.
Италијанскиот комунистички теоретичар Антонио Грамши, во триесеттите години од минатиот век ќе запише: „Стариот свет умира и новиот свет се бори да се роди. Сега е време на чудовишта“. Точно, сега повторно е време на чудовишта. Но што кога тие ќе бидат поразени. Каде ќе бидеме ние во новиот свет што ќе се роди? Во НАТО сигурно, а можеби и во ЕУ. Ако опстанат во тој нов свет. А ние и понатаму останеме безалтернативни.
Смртоносниот вирус со себе носи смрт, болка, ужас, паника, тага, страв…, но и иднина. Каква ќе биде нашата? Како тргнало, никаква.