„Кога во иста реченица слушам за изгубени идеали, правна држава и Катица Јанева, ми доаѓа да се обесам на првиот облак во панталони“ Маја Ковски
Ја послушав Маја Ковски. Се обесив на облак во панталони. Сега сум мртов. Вака обесен и умрен, полесно дишам. Оти жив, не се издржува реалноста. Еве ме, шетам мртов низ неа, обидувајќи се да ја игнорирам. Луѓето ме загледуваат чудно. Некои се осмелуваат да ми го попречат патот. Што, зарем ме гледаш? Тоа ги прашувам.
Како мислиш, дали те гледам? Стоиш пред мене. Само сакав да ти кажам дека беше во право.
Ете, тоа не сакам да го слушам. Дека сум бил во право. Што ако сум бил во право? Каква сатисфакција имам? Ми се полни егото? Добро сум проценил? Што ќе ми го тоа? Сакав да погрешам. Да излезев глупав. Да ми се потсмеваа. Полесно ќе го поднесев тоа. Ќе се извинев, ќе признаев дека сум глуп и ќе ја пикнев главата во песок. Вака што фајде имам? Нема веќе Македонија. Нема ни Македонци. Останавме без историја. Без корен. А дрво без корен е огрев. Ни ги одзедоа симболите, хероите. Да можат и сеќавањата ќе ни ги земат. Тоа самото ќе си дојде. Заборавот. Со следните генерации. И зошто би се гордеел што бев во право? Кога објаснував, ме плукаа. Злоба ми фрлаа в лице. Омраза пуштена најсилно. Хистерија. Ти си платеник. Режимски полтрон. Поддржувач на диктатура. Така ми пишуваше духовната импотенција. Интелектуалната бижутерија. Оние што од дрвото никогаш нема да ја видат шумата. А ако некогаш ја видат, ќе ја запалат. За таму повеќе да нема шума. Оти кога требаше, заслепени од суета, самобендисаност и омраза, не ја видоа.
Добро, ќе кажеш нешто за криминалов?
Каков криминал? Нема веќе такво нешто. Профункционира правната држава. Моника е осудена.
Која бре Моника?
Како која? Онаа со марихуаната. Се сеќаваш кога во детството ни велеа, не оди таму, подметнуваат дрога во пијачката? Е па, Путин ни ја подметна Мери Џејн Моника во реалноста. И тоа преку свој таен вмровски дилер. Така удри директно во срцето на безбедносните системи на „Северџанистан“. И не само во безбедноста. Удрија по сè. Пенетрираа во високата политика, медиумите, академската фела, во отвореното општество, граѓанство, луѓенца. Ти си мислиш тоа е обична симпатична девојка со џоинт во рака. Само ти мисли си така. Мери Џејн Моника е високософистицирана, генетски модифицирана и хибридно програмирана, сајбер-дрога со специјални воени перформанси, која пенетрира длабоко во секое прогресивно либерално битие со една единствена цел, да го разбие прозападниот и евроатлантски имунитет. Кога сајбер-хибридот Моника пенетрира во едно тело, сосема го разорува здравиот организам.
Зарем не гледаш што се случи? Прв падна Боки. Во него најпрво пенетрираше дрогата. Почна да се преправа во маж. Уште тогаш требаше да се алармира. И така, великиот добротвор, наградуваниот од ЕУ, алката меѓу Пренки Зоки и Кејти Џејн, наеднаш се претвори во препариран Карл Лагерфилд. Тоа се првите симптоми на гнасната Путинова сајбер-хибридна дрога. Преку физичкиот изглед пенетрира во психичкиот систем. Препарираниот Карл Лагерфилд почна да халуцинира дека е Мартина Навратилова и се фати за рекет. Бидејќи така го советуваше Кејти Џејн. Оти и она се зарази. А Кејти му ги пренесе халуциногените ефекти на Пренки Зоки. Што ме гледаш така бело? Зарем не разбираш? Боки ја зарази Кејт, а Кејт му пренесе на Пренки, затоа што народот рекол, рибата смрди од опашката. Логиката вели дека без знаење на Зоки, не може да одлепи Кејт, а без помош на Кејт, не може Боки да има добар форхенд, ама во руските сајбер-хибридни дроги нема логика. И така Моника сосема го разори здравиот организам предводен од Пренки Зоки, правдољубиво балансиран од Кејти и естетски коригиран од Боки. Како резултат на тоа, логична е појавата на страшниот Кикифиркилиум Тременс.
Почнаа да се случуваат застрашувачки нешта. Од една телевизија исчезнаа сите новинари. Триминутни телефонски разговори се развлекуваа во дванаесетминутна перверзија во која нема индиции за никаков криминал. Професорки почнаа да се декларираат за глупачи. Граѓанството луѓенца западна во таканаречен ЕмилСЈОран синдром, кој предизвикува интелектуални „огледи за распаѓањето“. Луѓе се затвораа по кабинети на градоначалници и се самоповредуваа. Албино-луѓе, во потрага по загубените пигменти се губеа во кодот на Да Винчи барајќи го Леонардо. Слугата на Саруман, Владимир Путин, никогаш не бил толку блиску да загосподари со прстените. И тамам си мислевме заврши животот, се појави Фродо Багинс. Веднаш отрча кај Пренки Зоки и ги разменија волшебните ребуси.
Земи го ОЈО и направи од него ЈОЈО, изговори Фродо Багинс, и кога злото ќе дојде по Кејти, нека го заврти таа БРОЈО.
И ОЈО е ЈОЈО, врати Пренки Зоки, ама две врзани ЈОЈО се КЛИК КЛАК.
Па ги постави своите најдобри џедаи од ОЈО и тие фатија да си играат ЈОЈО, инаку позната терапија за одвикнување од тешки руски сајбер-хибридни дроги. Во меѓувреме Фродо Багинс го скри прстенот од Путин, слуга на Саруман, длабоко во желудникот на Кејти Џејн. И таа привремено исчезна за да биде недостапна за долгата рака на темните сили. Општеството сега полека излегува до Кикифрикилиум Тременс. Исчезнатите новинари се вратија. Секој од нив, поради храброто исчезнување, беше одликуван со титулата Бард Вејдер. Опасните по живот дванаесетминутни телефонски разговори, повторно поминаа фаза „сечи/лепи“ и се вратија во својата триминутна нормала полна индиции за прикривање убиство. На прославата по повод нивно нормализирање беа одново преслушани при што Пренки Зоки кај Пантеонот на амбасадорите жртвуваше 40 полицајци. Глупачите и глупердите повторно станаа професори. Граѓанството луѓенца излезе тивко од СЈОрановиот синдром и повторно влезе во владини легенди и подрумски агенди. Рускиот сајбер-хибрид Моника ќе биде цела година третиран во лабораториски услови за да се открие тајната формула кодирана во неа што ја нападна дуалистичката божественост на Пренки и Кејти. Од слободоумното граѓанство луѓенца само Боки ќе биде задржан на неколкугодишен медицински третман, зашто ЈОЈО процени дека тој, како домаќин на нарковирусот, сè уште покажува индиции на нестабилност, бидејќи, како што брифираат господарите на прстените, постојано повторува, „и јас сакам сваровски-судството да ми дизајнира прстен во желудникот“.