Еден клан во Министерството за надворешни работи (МНР) осамостојувањето на Македонија го искористи како шанса за реализација на своите кариеристички, материјални и лукративни амбиции, цели и интереси. Ги препишаа правилниците од Сојузниот секретаријат за надворешни работи на СФРЈ (ССНР), но одредбите од нив ги „наштелуваа“ така што би можеле да остваруваат максимална лична корист на штета на македонската држава, која по осамостојувањето имаше мошне мали девизни резерви! Енормно ги зголемија коефициентите на чија основа се утврдуваат платите на вработените во македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство (ДКП), така што како отправници на работите имаа поголеми плати од амбасадорите! Суверено, волунтаристички одлучуваа за напредувањето во кариерата на дипломатите, притоа мошне често тоа се вршеше на основа на лукративни договори со кадрите што ги распоредуваа во ДКП! Македонската дипломатија уште на почетокот започна да функционира на погрешен начин! Подетално за тоа во мојата неодамнешна објавена книга „Криво насадена дипломатија“.
Нормализирањето на состојбите во македонската дипломатија треба да започне со приспособување на платите на вработените во македонските ДКП за воспоставување корелација со платите во државата! Не е нормално платите на амбасадорите и на другите високорангирани дипломати што работат во ДКП да се два-три пати поголеми не само од платите на министрите, пратениците, туку и од платите на премиерот, претседателот на Собранието и шефот на државата! Платите и привилегиите на вработените во ДКП се главна причина за политизација и партизација на дипломатијата! Тројца поранешни министри за надворешни работи станаа амбасадори, што е невообичаена и мошне ретка појава во светската дипломатија, а веќе се најавува дека и други бивши министри за надворешни работи се подготвуваат да одат за амбасадори! Во медиумите се шират шпекулации дека и еден поранешен македонски премиер ќе одел за амбасадор!? Покрај платите, и привилегиите што ги имаат амбасадорите и другите високорангирани дипломати што работат во ДКП се причина за „навалицата“ за амбасадорските функции. Амбасадорите имаат на располагање службени возила и резиденции за кои трошоците ги поднесува македонската држава, а право на бесплатно користење станови имаат и сите вработени во ДКП!
Покрај привилегиите што ги дава македонската држава, дипломатите во ДКП уживаат и привилегии што во согласност со Виенската дипломатска конвенција ги дава земјата на приемот (бесцарински увоз, ослободување од данок, дипломатски имунитет и сл.). Тврдењата дека трошоците за живот во развиените земји се високи и затоа дипломатите треба да имаат големи девизни плати не држат вода! Глобализацијата придонесува цените на многу прехранбени производи во развиените земји да бидат дури пониски од оние во Македонија! Во спомнатите земји високи се кириите и цените на услугите, особено цените во луксузните ресторани. Меѓутоа, сопругите на амбасадорите имаат право на процент од платата на нивните брачни другари, така што тие би требало да имаат обврски да приредуваат ручеци или вечери во резиденциите, што од една страна придонесува за реклама на македонските специјалитети и пијалаци, а од друга страна битно се намалуваат трошоците за репрезентација!
Прв чекор што треба да се направи за деполитизација, односно за департизација и професионализација на дипломатијата е воспоставување корелација на платите на вработените во ДКП со платите на вработените во Македонија! На тој начин ќе се елиминираат притисоците на политичарите да одат за амбасадори! Колку е важна спомнатата корелација на платите во ДКП и во државата ќе го наведам случајот со платите во СФРЈ во седумдесеттите години од минатиот век.
Во тоа време во Југославија се живееше американски: платите беа високи, така што не постоеше интерес да се оди во дипломатијата, првенствено поради неатрактивноста на девизните плати на вработените во ДКП. Доколку брачниот другар на вработениот во дипломатијата беше вработен, со одењето на работа во ДКП финансиски беше во загуба, така што не постоеше интерес да се оди на служба во ДКП. Сличен беше и случајот со платите и во времето на југословенскиот премиер Анте Марковиќ. По завршетокот на мојата дипломатска мисија во Варшава, во 1990 година, како специјален советник во ССНР имав поголема плата отколку како втор човек (отправник на работите) во југословенската амбасада во Варшава!
Со воспоставување корелација на платите во ДКП и во Македонија, што всушност би требало да значи намалување на платите во ДКП, ќе се спречи можноста за лукративни договори меѓу некои моќни политичари и/или моќници во МНР со оние што се распоредуваат во ДКП. Нималку не беше случајно тоа што во ДКП се распоредуваа само луѓе што за моќниците од МНР или од политиката беа „кокошки што несат златни јајца!“. Најдобар пример за тоа се некои амбасадори што, спротивно на законот за надворешни работи, се оставаа на должност во странство десетина, па и повеќе години! Релативно големите плати на вработените во ДКП овозможуваат перење пари и во дипломатијата!
За да се спречи злоупотребата на буџетските пари, треба да се внесат прецизни и конкретни одредби во правилниците за користење на службените возила, за репрезентација и сл. Треба да се спречи можноста службените возила да се користат за лични потреби! Во тој поглед некои амбасадори се однесуваа крајно неодговорно и недомаќински!
За ефикасно и рационално функционирање на дипломатијата, постои потреба за оптимализација на бројот на ДКП. Во минатите три децении дипломатската мрежа во странство се ширеше стихијно и без јасна визија за потребите и можностите на државата! Во повеќе наврати сугерирав да се зголеми бројот на нерезидентните амбасадори, за намалување на трошоците за одржување на ДКП во некои помалку значајни земји. Кој е резонот за амбасада во најмалата прибалтичка држава, Естонија?
Постои потреба за добро осмислена, функционална и рационална систематизација на работните места како во МНР, така и во ДКП. Едно време во македонското МНР имаше поголем број заменици и помошници на министерот отколку во поранешниот Советски Сојуз! Поради лукративни причини, во голем број амбасади беа назначувани министри-советници, така што имаше случаи во амбасадите да има само амбасадор и министер-советник, што е неразбирливо за земји со традиционална дипломатија! Во ДКП треба да постои фиксна систематизација на работните места!
Македонската дипломатија, за жал, нема систем за напредување во дипломатската кариера! По осамостојувањето на Македонија, во дипломатијата се преземат кадри, по партиска припадност, од другите државни органи и/или институции, без каква било верификација на знаењето на кандидатите за меѓународната проблематика! Во поглед на дипломатските рангови/звања постои целосен волунтаризам! Во втората половина од осумдесеттите години од минатиот век, дипломат од романската амбасада во Варшава во една пригода ми рече дека за секој дипломатски ранг мора да учи колку што е потребно за завршување една година на факултет! Корифејот на југословенската и хрватската дипломатија Будимир Лончар, кој е длабоко навлезен во десеттата деценија од својот живот, се наоѓа на чело на службата што подготвува кадри за хрватската дипломатија! Вакво нешто во Македонија е мислена именка!
За да нема каква било забуна и да бидам обвинет за демагогија, би сакал да напоменам дека во еден факс што како амбасадор на РМ во Полска го пратив до министерката за надворешни работи Илинка Митрева напишав дека платите на вработените во македонските ДКП не смеат да бидат „табу-тема“!
На крајот би сакал да нагласам дека е крајно време за отстранување на огромните штети што спомнатиот клан им ги нанесе на македонската дипломатија и македонската држава!
Авторот е амбасадор во пензија