(Повод: Централната пошта во Скопје номинирана на листата на најзагрозени споменици на културата во Европа)
Веднаш да поентираме – во сегашниов период, кога македонската самобитност, идентитет и култура се постојано атакувани од сите страни, а особено од соседна Бугарија, фактот што една ваква зграда, објектот на скопската пошта, изградена во епохата на социјалистичка Југославија, се предлага за споменик на културата којшто ќе ја претставува Македонија на европско ниво, е понижување и е рамно на саботажа. Ваквата номинација само ја потврдува идејата дека Македонија и Македонците се „од 1944 па наваму“, па и не ни можат да се претстават со некое друго културно наследство, бидејќи не го ни имаат, т.е. не е нивно?
Деновиве, со голема помпа од страна на високи претставници на македонската влада и на некои медиуми, македонската јавност беше информирана дека централната пошта во Скопје е номинирана на листата на најзагрозени споменици во Европа. На листата се номинирани вкупно седум загрозени културни добра: од Македонија, Австрија, Италија, Хрватска, Грција, Шпанија и Косово.
Логично е оваа номинација да предизвика интерес во јавноста, но веднаш се поставува прашањето зошто токму овој објект да биде номиниран и избран за оваа листа. Што претставува овој објект и во што се состои неговата културна и уметничка вредност?
Централната скопска пошта е дело на македонскиот архитект Јанко Константинов. Нејзината изградба е започната во 1974, а завршена во 1980 година. Таа е последен голем архитектонски проект во рамките на возобновувањето на Скопје по земјотресот од 1963 година. Како и повеќето градби од повоениот период изградени во Скопје и воопшто во Македонија, скопската централна пошта е типичен пример на модернизмот во архитектурата и тоа на неговиот најрадикален правец – модернистичкиот брутализам. Имено, конструкцијата на поштата изградена од армиран бетон претставува лотосов цвет, што во голема мера ја прави уникатна во регистарот на архитектонскиот брутализам.
Ова е нејзиното првично културно значење, директно поврзано и условено со вреднувањето на брутализмот како правец и движење во светската архитектура. Во повоена Југославија брутализмот цветаше како правец и не случајно макетата од поштата беше поставена во музејот МОМА во Њујорк, во рамките на изложбата насловена „Архитектурата во Југославија од 1949 до 1980 година – Пример за една утопија од армиран бетон“. Треба да се каже дека на изложбата во Њујорк, отворена во 2018 година, макетата на поштата беше претставена како дело од Југославија, изградено по скопскиот земјотрес, а Македонија воопшто не беше ни спомената. На оваа изложба, не случајно, не беа спомнати ни муралите во главната сала на поштата на Борко Лазески, коишто ја претставуваа македонската ослободителна антифашистичка борба во оригинален посткубистички стил. Всушност муралите насликани во 1981 година, кои за жал веќе ги нема, ја претставуваа втората и најважна културна вредност на скопската пошта, којашто е директно поврзана со Македонија и со развојот на нејзината уметност и култура како држава во рамките на југословенската федерација. Но во оваа номинација на загрозени споменици, оваа културна вредност на Македонската пошта, којашто не е директно поврзана со бруталистичката архитектурата на објектот, тешко дека може да се земе предвид. Имено, овие мурали со исклучителна историска и уметничка вредност беа неповратно уништени под сомнителни и неразјаснети околности во пожарот што се случи во 2013-та, кога со поштата раководеше партиски кадар на ДУИ. Така, на оваа листа, културното значење на централната скопска пошта е сведено само на нејзината детериорирана бруталистичка архитектура, т.е. на џиновскиот лотосов цвет, којшто ни во своите најдобри денови, кога армираниот бетон уште не беше поцрнет и грд, не комуницираше со околниот пејзаж во централното скопско градско подрачје и изгледаше како да паднал од некоја друга планета.
Но сите овие факти не му пречеа на Институтот за истражување во животната средина, енергетика и градежништво од Скопје да ја номинира токму зградата на скопската централна пошта на листата на најзагрозени споменици во Европа. Веднаш се поставува прашањето од каде пак овој Институт, којшто е всушност бившиот Институт за градежништво, да номинира споменици на култура на европско ниво, иако во државата има институции коишто се за тоа задолжени, како што се Управата за заштита за културното наследство, Националниот центар за конзервација или, пак, Министерството за култура. Но очигледно така функционираат работите во Македонија. Институтот поднел предлог и тој бил прифатен. И така централната пошта во Скопје, сведена само на својата соголена поцрнета бруталистичка архитектура, се најде на иста листа заедно со Дечанскиот манастир од Косово, со ренесансни градини од Италија, со средновековни капели од Шпанија и со пет острови од Егејско Море со исклучително археолошко наследство. Сите овие споменици, т.е. културни добра, датираат од постари историски епохи, од праисторијата до ренесансата, само македонскиот преставник – скопската пошта – датира од крајот на повоениот период – од дваесеттиот век. Веднаш да поентираме – во сегашниов период, кога македонската самобитност, идентитет и култура се постојано атакувани од сите страни, а особено од соседна Бугарија, фактот што една ваква зграда изградена во епохата на социјалистичка Југославија се предлага за споменик на културата којшто ќе ја претставува Македонија на европско ниво е понижување и е рамно на саботажа. Ваквата номинација само ја потврдува идејата дека Македонија и Македонците се „од 1944 па наваму“, па и не ни можат да се претстават со некое друго културно наследство, бидејќи не го ни имаат, т.е. не е нивно? Каде се многубројните антички градови како Хераклеја, каде е црквата „Света Софија“ во Охрид, најзначајниот споменик на културата во целата западна цивилизација од 11 век, сите во очајна состојба? А има и толку други значајни споменици на културата во Македонија коишто ги покажуваат македонската самобитност и идентитет, а се најмалку исто толку загрозени колку и скопската централна пошта?
Но, како што се вели, едно зло не доаѓа само, за жал. Се поставува следното прашање: Врз основа на кои критериуми организацијата „Европа ностра“ со својата партнерска организација, Европската инвестициска банка, којашто ги доделува грантовите за номинираните загрозени споменици – културни добра, решила да ја стави поштата на својата листа заедно со Дечанскиот манастир и со грчките острови? Дали е ова случајност? Одговорот може да се најде во изјавата на господинот Гај Калус, извршен потпретседател на „Европа ностра“, кој за номинацијата на скопската пошта на листа на најзагрозени споменици во Европа ќе каже: „Преку нашата широка паневропска мрежа на членови и партнери ќе мобилизираме разновидна експертиза и ресурси за да помогнеме во спасувањето на овие места т.е. споменици, кои треба да бидат препознаени како моќни вектори за одржлив развој, како и витални алатки за мир, дијалог и помирување помеѓу различните заедници. Заедно можеме да го направиме тоа“. Една реченица што многу кажува. Ај што господинот Клаус ноншалантно им даде на Македонците во Македонија статус на „заедница“, одземајќи им го националниот идентитет, тој ни посочува и дека скопската централна пошта со својата бруталистичка архитектура треба всушност да биде сфатена како „алатка за дијалог и помирување“. Помирување на кого и заради што? На Македонците како една „заедница“ со фактот што најзначајната уметничка вредност на поштата – муралите на Борко Лазески се неповратно уништени и за тоа никој не треба да преземе одговорност? Или пак помирување со фактот дека ние Македонците како „заедница“ треба да се помириме со фактот дека во Европа треба да бидеме претставени со овој осакатен и изгорен споменик на бруталистичката архитектура од повоениот период, бидејќи ништо подобро и немаме? Додека Косово, кое не е ни признаено во Обединетите нации како држава, се преставува со прекрасните фрески од Дечани, коишто се врв на средновековната уметност на европска почва, а коишто, патем кажано, не се ни дел од културното наследство на косовските Албанци, Македонците и Македонија се претставуваат со еден реликт од југословенската утопија – скопската централна пошта.
Не сме ли и самите ние Македонците ништо повеќе од еден реликт од југословенската социјалистичка утопија и токму затоа во Европа се претставуваме на ваков начин? Дали е овој потег носталгија за југословенската утопија или само уште еден одраз на македонската немоќ?
За жал, овој чин на понижување и сопствено негирање, којшто толку добро оди во прилог на тоа што го заговара нашиот источен сосед, не е ни прв ни изолиран случај. Да ја споменеме номинацијата на курбиновската црква на пробната т.е. тентативна листа на светското културно наследство на УНЕСКО. На оваа листа, на која Македонија е единствената земја во Европа што има само едно заштитено културно добро, т.е. Охрид и Охридско Езеро, Министерството за култура кон крајот на 2020 година ја предложи црквата „Свети Ѓорѓи“ од Курбиново, бисер на византиската уметност и култура од 12 век. Но, за жал, наместо да повика видни експерти византолози од Македонија да подготват соодветно стручно образложение за културното и уметничкото значење на овој наш веројатно најзначаен споменик на културата, македонската држава претставена преку Министерството за култура, во УНЕСКО испрати еден нестручен и аматерски напишан текст, преполн со погрешни податоци и неточни стилски анализи. Дури и димензиите на црквата се погрешно напишани. А имателот на курбиновската црква, Македонската православна црква, сѐ уште не е ни информиран за номинацијата. Тешко може да се замисли дека вака подготвената номинација ќе биде успешна…
На крајот се поставува прашањето: Кво вадис, Македонијо? Каде одиш, Македонијо? Има ли светло на крајот во тунелот? Одговорот зависи од нас, Македонците.
Д-р Панче Велков, инженер конзерватор, професор по заштита на културното наследство