Јани Бојаџи
Добро, пак се враќаме на почетокот. Тоа е. Чекор напред, три назад. Тоа е нашето движење низ времето и просторот, во меморијата на човештвото познато како историја. Драги мои, триесет години живееме во лага дека историското време се мери според линијата повлечена во она лондонско предградие викано Гринич. И откако на крајот од секој циклус измерен и според календарите на цезарот Јулијан или на папата Грегоријан за Македонците излегува кусо и од двете страни на времето, виновни ни се западното, источното, отоманското, а сега и американското царство.
Доста е. Три децении е доволно за да научиме многу работи, еве, да речеме, три работи, што за почеток ќе биде сосема доволно. Првата: историјата не се мери според часовници и календари, а уште помалку според низа настани што се случиле во времето додека ние сме дел од него. Историја е онаа што ќе остане по нас. И најважниот дел од оваа прва работа е тоа дека историјата нема да нѐ праша нас што сме правеле во времето додека се создавала, туку тие што ја создаваат и, што е уште поважно, тие што ја пишуваат. Гајле ми е мене за тие што дури и во името на нивниот добар господ бог, со нивната длабока религиозна посветеност, дури и со крстење и колнење во најмилото, ќе ве убедуваат дека нема историја, туку само сегашност и иднина и дека никој не видел фајде од тоа што било, туку од тоа што е и што ќе биде.
Драги мои, така зборуваат тие што немаат историја или се срамат од неа, ако евентуално ја имале. Точка по таа работа. Најпосле, во оваа неволја ние сме триесет години надвор од Западот, а далеку од Истокот само затоа што од нас соседите бараат да им дадеме историја. Никој од нас не бара ништо во сегашноста или во иднината. Така што останува и понатаму да си го поставувам прашањето: Кој дел од овој проблем јас не го разбирам? Ако историјата не е важна, зошто се запнале за неа дотолку што се подготвени и да се заглават во сегашноста, па дури и во иднината?! Не знам. Ќе напишам колумна кога ќе разберам.
Втората работа: зошто сме разочарани од сегашноста и неубедени во иднината? Па, поради историјата драги мои. Ние имаме триесетгодишна историја во која интелектуалните, политичките и бизнис-елитите, во недостиг од идеи и решенија за сегашноста во Македонија, нудеа подобро, едно утро, еден ден, таму некаде во некоја Европа. И ете, најпосле разбравме, за жал важните работи секогаш се осознаваат на најгрдиот можен начин, па во време на пандемија, на општ страв за нашите и животите на најмилите, недвосмислено и јасно сфативме дека таму некаде, во таа Европа, не царуваат братството, еднаквоста и слободата, туку единствено грижата, да ме извинете, за сопствените задници во сопствените заедници наречени држави. И точка и по ова прашање. Но, ние долго живеевме во самостигмата и самопропагандата дека сме најпростите, најглупавите и најсебичните суштества на планетата Земја. Дека сме будали што немаат милост за најблиските, а не пак за соседите, роднините и пријателите. Кога тоа, го имало секаде по светот.
Како се самопроектиравме за такви, драги мои? Кој ни ги создаде тие карактеристики? Пак истите тие интелектуални, политички и бизнис-елити од сите партии, касти и групи. Леви, десни, централни и центрифугални. Зошто? За да ги префрлат вината и одговорноста кај нас. Тие нѐ стигматизираа дека сме народ што не е способен за ништо. Тие триесет години ни создаваат етикета дека проблемот е кај нас. Триесет години нѐ држат во залог на нивната немоќ, неспособност и незнаење да го остварат својот дел од општествената поделба на местоположба и местозначење, дури ни во полза на самите себеси. Тие, кои нас нѐ обвинуваат дека сме некадарни за ништо и дека единствен спас за оваа земја е да нѐ променат, да донесат некој друг народ од не знам каде, во суштина дури ниту за себеси не направија нешто достојно. Да ми простите, дури не знаеја што би кажал академик Маџунков, ниту „како човеци да крадат“ и трупаат богатсво и моќ, па во овие три децении првобитна акумулација на капитал не успееја да произведат ниту еден Македонец милијардер. А можеа да крадат и акумулираат колку сакаат?! И во ова зло има нешто добро. Дотолку се корумпираа што на крајот ќе се изедат помеѓу себе и по сила на сопствената глупост ќе направат општествена профилактика, ќе се излустрираат дотолку што верувам дека тој македонски интелектуален, политички и бизнис-гној ќе биде онаа гориво што ќе ја мелоризира почвата од која ќе се родат новите Македонци, природна и силна класа, наспроти овие хибриди, кои по себе нема да остават ништо освен единствената полезност од сопствениот распад – ѓубривото.
И трета работа: зошто мислиме дека многу долго трае оваа борба за Македонија? Кој ни го полни умот со заблуди за тоа дека слободата, татковината и државата се стекнуваат со декларација за независност, формирање влада и селектирање фудбалска репрезентација? Кој нѐ манипулира дека цел свет е против нас и дека ние не заслужуваме да имаме своја земја и своја држава? Кој? Пак истите тие гореспоменати интелектуални, политички и бизнис-елити. Зошто? Еден дел со намера да нѐ одвратат од идејата дека имаме право на сопствен избор и сопствен живот за тие да ни ги навлечат нивниот избор и нивниот живот, во кој ние сме нивните робови и слуги, а не слободни луѓе со волја и ум да прават тоа што тие сметаат дека е од нивна полза и за нивно добро. Другиот дел од незнаење, необразование и примитивизам својствен за сељачишта новобранци, за штотуку окотени жолтоклунци, кои на најнечесен начин се докопале до капитал, кој до овој момент им овозможува сѐ да купат и сѐ да продадат.
Тоа е нашата најголема несреќа, што нѐ управуваат трговци. За жал, или за среќа, драги мои, сега, заради емпиријата и историјата не се срамам да признаам, па дури еве и да напишам, од таа група на политичари трговци, бакалџии и зарзаватчии настрана останаа едвај неколкумина, меѓу кои се двајца комуњари, Глигоров и Црвенковски, и поранешниот претседател Иванов. Сите други државата ја доживуваа како тезга, а народот како стока за на пазар, сосе овој последниот стокопродавач Пендаровски. За премиерите нема што да се зборува. Од Љупчо Георгиевски, кој себеси на крајот од мандатот се дефинира како средно богат бизнисмен, чие единствено вработување во животот беше четиригодишното премиерување. Никола Груевски својата кариера ја започна како министер за трговија и тој ја направи најголемата зделка во новата македонска историја – ги размени државата и нацијата за приватната слобода.
Зоран Заев е бизнисмен што кариерата за започнал на зеленото пазарче во Горни Милановац, како продавач на чушки и френки, како што ги доживува државата и нацијата. За „тија људе“ поимите етика, морал, чест, достоинство, правда, доблест и храброст во свое име се непозната работа. Тера инкогнита, во која наместо нив, денес талкаме сите ние, непознати и незапознаени ниту со самите себеси, а ниту со оние што заедно со нас лутаат по таа непозната грутка на јадот, разочарувањето и гневот, во тишината на невремето некогаш наречено само земја Македонија. Драги мои, не знам зошто е тоа толкаво разочарување? Деновиве плус и со онаа несреќна депеша на американскиот претседател Џо Бајден, кој се закани со црни листи за сите што ќе се спротивстават на американските интереси. Аман, па човекот убаво си напишал: интереси! Кој дел не го разбираме? И колку е тешко со една земја што е толку голема и толку моќна и има толку многу интереси, ние да не можеме да си го најдеме и нашиот мал, едноставен и еден и единствен интерес: да постоиме како Македонци во земјата Македонија? Па, толку ли е тешко да му се сневиди? Ама тоа е, кога нѐ управуваат абдали, кои и најголемата сила ја доведоа до ситуација да се грижи за нас повеќе од колку ние самите за себеси. Не знам како сите што се уплашија од тие црни листи одеднаш заборавија дека тие се одговорни за сите црнила во оваа земја? Не знам како не помислија дека тие се црната листа – лично. Не знам како не им полета низ умот дека наивен е стравот од црната листа на Америка, кога веќе си се запишаа за век и веков на црната листа на Македонија. Зарем навистина мислите дека не знаеме дека вие, некогашните и сегашните интелектуални, политички и бизнис-елити сте црната листа што три децении на овој народ и на оваа земја им ја зацрнуваат историјата, им ја зацрнуваат сегашноста, а на пат се да им ја зацрнат и иднината. И црното во очите. Па, дури и црното под ноктите.
Сега, што да се прави? Ништо, освен наспроти ова црнило, да продолжи нашата борба за бело видело, за бела слобода, бела правда, бела сегашност и бела иднина. Нема друг начин да се одбраниме освен со нашето постоење во сегашноста и иднината. И сосема за крај, да се вратам повторно на времето. Драги мои, Македонија и Македонците се движат низ своето историско време точно така како што треба, точно така колку што треба и точно со кого треба. Да немате сомневања во тоа. Не верувајте кога ви кажуваат дека три децении се долго и неподносливо историско време. Како за пример: првото српско востание против османлиите се случило во 1804 година и со прекини траело до 1815 година. Востанието во Грција е кренато во 1821 година и траело до 1929 година, кога во Едрене е потпишан мир помеѓу Русија и Турција и им е признаена автономијата на тие мали територии пејоративно нарекувани пашалаци. А дури во 1833 година, Србија го добива и правото на сопственост на својата мала земја од Белград на север до Крагуевац на југ. И сѐ до 1912 година, и Србија и Грција воделе војни со Империјата, склучувале и раскинувале сојузи со Русија, Германија, Австрија, Франција и Англија, а на крајот и со Америка, де бивајќи на страната на едните, де на другите. Така е тоа во историјата. Освен тоа, и двете земји поминале религиски, политички и класни крвави борби. И неколку граѓански војни. Грција водела војни со Турција, Бугарија и со Италија и изгубила територии и население што живеело од Кавказ на исток до Египет на југ и Неапол на запад. А својата последна граѓанска војна ја заврши во блиската 1949 година, кога во оваа форма на политичко уредување е создадена и изградена како современа држава. Таа држава што свето постоење го проектира од Хомер и Хесиод, па до денешен ден, и која била извор на цивилизациски достигнувања што ја формирале денешната западна цивилизација, својата последна јазична реформа ја има направено во 1976 година, кога во официјална употреба е воведен јазикот што и официјално се нарекува новогрчки.
И двете земји ги промениле по неколкупати и општествените уредувања. Србија во 1919 година се откажала од сопствениот суверенитет и право да се нарекува Србија и прифатила да биде Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна Кралство Југославија, а од него се изведени Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Сојузна Република Југославија, па Државна заедница на Србија и Црна Гора, а дури на 5 јуни 2006 година е прогласена Република Србија. Србија и Србите имале неколку граѓански војни, со стотици илјади жртви и меѓусебни антагонизми и поделби, кои траат и ден-денес. Само за време на Втората светска војна, Србите се поделиле на партизани, четници, недиќевци и фашисти и четири години војувале секој против секого. Србите во 1995 година беа прогонети од Хрватска и поделени во неколку држави, Босна, Хрватска, Црна Гора и Косово. Не го пишувам ова за утеха на грешниот, туку за ум на грешниот, кој не сака да разбере дека историјата не е она што го паметиме ние денес или она што се случило вчера или завчера. За историите на државите нема вечност, трајни пријателства и трајни непријателства и непроменливи договори. Панта реи. Така рекол гркот Хераклит од Ефес, град што некогаш бил најголемото грчко пристаниште на светот. Денес Ефес е во Турција, се наоѓа на копно, затоа што морето се повлекло, и во него не живеат Грци. Ниту еден единствен. Живеат Турци, природно. Сѐ тече и сѐ се менува. На еден или на друг начин. Порано или подоцна. Трпение – спасение, запишал Македонецот Марко од Мариово, некогаш богат и населен крај. Денес пустелија во која не живее никој.
Авторот е режисер и универзитетски професор