Заклетва

„Сѐ додека го дишам овој воздух… мојот дедо, мојот татко, мојот син и ќерка, тоа не може да се случи!“ Како залог дека нема да ги промени Уставот и името на Македонија, Зоран Заев се повика на неговите мртви предци, живи родители и тогаш малолетни деца. Заклетвите, драги мои, се последниот инструмент на заштита на заедницата од неприфатливото и непредвидливото поведение на некој поединец. Воопшто, низ својот развој, медитеранските цивилизации и култури на кои им припаѓаат Македонија и Македонците, барале начин како да го дисциплинираат однесувањето на некој свој член, со создавање облигации што доколку таа единка не ги почитува, ќе мора да ги преземе последиците. Постојат многу такви инструменти за заштита на мнозинството од проблематичните поединци што Македонците ги практикувале како општо правило, пропис, канон, а денес, со писмените форми, и како пишани закони во кои заклетвата е доминантна. Најчесто на заклетва дека ќе ги почитуваат вредностите на заедницата, нејзините закони, традиција, култура, па дури и семиотика, и ден-денес се подложуваат највисоките државни функционери дента кога стапуваат на должност. Но многу држави во светот, љубените и примерните ни Американци, за сѐ што е добро, се колнат во Библијата и во нивниот жив живот. Значи, во традицијата на Америка постои двојна форма на заклетва, во која тој што се заколнува се обречува дека доколку ја прекрши дадената заклетва, ќе биде казнет од Бог, а доколку поради некаква причина „добриот Бог на одмаздата“ не го стори тоа, чинот на казна да го изврши самиот жив живот.

Воопшто, заклетвата како форма на облигација за некое поведение се практикува од најрана возраст, за дисциплинирање на девијантните членови на заедницата кај кои веќе е претходно јавно, недвосмислено и самопотврдено установено дека лажат и не ги извршуваат јавно превземените обврски онака како што се обврзале дека ќе ги извршат. Па, така, кога сме биле деца нѐ заколнувале или сме се самозаколнувале дека ќе го извршиме даденото ветување дури и по цена на животот на нашата мајка (како врвен човеков страв е животот на родителката мајка) и за таа цел се кажува магичниот ритуал: „жими мама, да умре мама до вечер ако излажам“. Јавно и пред сите! Во случајот со Зоран Заев, беше ставено под сомневање неговото поведение дека ќе ги извршува самопреземените одговорности онака како што се договорил со заедницата, па како гаранција дека ќе се придржува кон нив, за да го добие мандатот, односно правото да предводи и управува, освен вербалната заклетва, тој потпиша и писмена изјава кај претседателот на државата како врховен поглавар дека ќе се придржува до самоопределените обврски што претходно ги изрече јавно. И не само тоа, тој дополнително, самопоттикнувачки јавно посведочи дека не познава или дури дека не верува дека постои некој друг човек подготвен на такво нешто. Една година подоцна, тој истиот човек поттикнуваше други луѓе да го направат тоа, уценувајќи ги со нивната слобода, дополнително сите до еден избрани на функции со заклетва. Еве, да речеме, иако со крајно недоумие дека можам да разберам кога професори на универзитети што им предаваат на студенти архитектура, инженерство, хемија, лингвистика, земјоделство, математика, биологија, хемија, хрестоматија, мухамеданство, спорт, култура, историја, филозофија, само поради страв од нивната позиција што ја стекнале без компетенции и имаат гаранција дека нивната партија СДСМ или елитата на таа партија таа позиција ќе им ја преферираат и понатаму, па на прашања од формално, строго правна природа – одговараат дека не се правници.

Без разлика на тоа што тој одговор води кон констатацијата дека ако не знаат елементарни работи од правото, не може да се наречат интелектуалци туку глупаци.
Еве да разберам дека обичниот граѓанин работник, земјоделец, административец, рудар, возач на автобус, актер, директор на зоолошка градина, градоначалник на општина, не е доволно образован и не може да ги познава сите закони и правни норми за да знае што е казниво, а што не. Ама нема нормален човек што не разбира што значи да даваш заклетва, а притоа да не се придржуваш на неа. Кој здраворазумен, морален или само пристоен човек се заколнува во мртвите предци, живите родители и малолетните деца, ако притоа не е подготвен по цена на сопствениот живот докрај да ги изврши обврските што ги има гарантирано со таа заклетва?! Кој дел од ова не го разбирате „О“ вие умни и учени професори, доктори, уметници, филозофи, архиепископи, реиси, владици, оџи и попови и „О“ вие простодушни во животот и скромноста чесни работници, земјоделци, рудари, домаќини и пензионери, па продолжувате да му верувате и да го поддржувате човекот што јавно се заколнал во животот на оние што сите вие меѓу себе бесрамно ги нарекувате најмили? Вие сте сведоци на таа заклетва и гаранција на нејзиното неизвршување. Тоа што сега сите стоите по страна и мислите дека нема врска со вас, дека вие сте само обични гласачи и дека немате никаква лична одговорност или споделено обврски и последици од заклетвата на човекот што го поддржувате, е само привид, лага и заблуда. Вие бевте гаранцијата дека тој човек ќе го прави тоа за што се заколнал.

Вие сте самоповиканите сведоци. Вие сте соучесниците. Сите вие што и покрај тоа што гледате со свои очи дека тој човек не ја исполнува дадената заклетва, продолжувавте да го поддржувате, некои од вас јавно, други тајно, едни знајно, а други незнајно. Но најголемиот дел од вас, самоволно, самосознајно и самоодговорно ја прифати лажната заклетва неколкупати гласајќи за тој човек и неговите следбеници на избори, по сопствен избор. Сите вие имате лична и несподелива одговорност, која се нарекува соучесништво. Може да побегнете од законот на државата, од канонот на заедницата, тоа не е проблем во оваа држава и со овој народ. Но само да ве потсетам дека крајната форма на заштита од вас и вашето поведение се Бог, за оние што веруваат во неговото постоење, и природата, живиот живот што има сопствена рамнотежа и сопствени правила, кои на крајот секогаш се немилосрдни кон оние што не ја почитуваат.
Подготвени ли сте на бегство од Бог и од природата? Бидете така и мислете си дека сте неутрални и немате ништо со ова. Но вие сте истите оние што на истиот начин лажно сведочевте и за оние пред Зоран Заев. Тие сте истите вие. Тоа сте вие и пак вие. И мене воопшто не ми е гајле за вашиот кумир од кој наскоро ќе се откажете и лажно ќе се заколнете дека не сте го познавале и дека немате ништо со него. Не ме интересира оној од кого ќе се одречете пред првите петли и повеќе од трипати. Некои од вас дури и лажно ќе клеветат дека го предупредувале, сугерирале за недостојноста од лажната заклетва. Ќе има и такви што дури и јавно ќе го напаѓаат оној во кој до вчера лажно се колнеа и веруваа. Ќе ве има и такви што ќе кренете и фрлите камен на него. Барем тоа е лесно да се предвиди. Ќе има и такви што лажно ќе се заколнат уште еднаш дека не сториле ништо лажно. Ве знаеме, вие сте истите тие, што на ист начин влегувате и излегувате од лажните заклетви.
Мене воопшто не ме интересира судбината на тој човек што во залог да биде на власт си ги дал коските на мртвите предци и живите животи на сопствените родители и деца. Тешко нему. Недостојно е воопшто да си го валка човек умот со такви луѓе. Но вие што го поддржувате тоа, вие ќе мора да се соочите со казна за вашето поведение. Оти утре, еве само утре, рано наутро, во понеделникот кога ќе биде избран новиот водач, и кога и тој ќе се заколне пред светата книга на правото и правдата на добриот му Бог и најмилото му семејство, вие сте тие што повторно ќе молчите пред лажните заклетви. Невозможно е постоењето на поединци што лажно се колнат, а потоа не се придржуваат кон заклетвата ако постоите вие што ја вртите главата кога се погазуваат вредностите на заедницата. Вие сте тие што ја рушат заедницата. Јас немам дилеми дека вие сте зли, неморални и неетички луѓе, подготвени за лична добивка да го жртвувате општото добро. А некогаш дури и доброто на вашето семејство, пријатели и колеги. Сите вие што сега молчите еден ден ќе мора да се соочите со фактот дека поради вас крваво страда мнозинството од македонскиот народ поради одземеното право на идентитет, достоинство, живот и постоење.

Јас знам дека истите вие утре ќе молчите и ќе соучествувате кога на пешачки премин ќе биде прегазено дете, кога на пазар ќе биде ограбена старица, кога на улица ќе биде натепана трудница или во банка за монета ќе биде понижен и поткусурен старец што може да биде вашиот татко. Вие, истите тие, лажно ќе сведочите на суд за туѓа меѓа, лажно ќе го обвините туѓото дете дека украло баничка со сирење, лажно ќе ја запишете регистрацијата на автомобилот што удрил во училиштен автобус. Вие сте тие што ќе соучествувате во масакри и терористички напади. Вие сте тие што ќе молчат пред силеџии, силувачи, педофили и злосторници од најдолен вид. Вие сте тие што нема да му подадете рака некому што ќе се најде под урнатините од некој земјотрес или на некој што го одвлекува надојдениот Вардар во некоја утрешна поплава. Вие сте тоа, драги мои. Може да ве лаже молкот. Ама препознаени сте. Видени. Осведочени. Вие сте тие што го носите најголемиот грев – гревот на молчењето и соучесништвото. Затоа, доколку сакаме да се спасиме од оние што лажно се колнат, мора прво да се спасиме од оние што лажно сведочат. Не е тоа ништо ново на овој свет. Многубројни се примерите низ историјата на човештвото. Во соседството и подалеку. Формално и неформално од Балтикот до Ирска и од Гибралтар до Урал. Но најдобар и најделотворен пример е повоена Германија со процесот на прочистување и соочување и самопризнанието на вината, кој трае до ден-денес. Тој систем на прифаќање лична одговорност за колективните грешки кај оние што не биле директни извршители на злодела против заедницата, туку биле волни и неволни свидетели и спомагатели, ќе мора во новата Македонија да се институционализира и формализира на национално ниво. Идните институции на македонската нација ќе мора да воспостават систем на прочистување на нацијата од соучесништвото со злосторниците и злосторството. На планетарно, државно, локално, официјално и неофицијално ниво, во сите форми на заедничко дејствување – семејствата, заедниците, универзитетите, училиштата, црквите, спортските друштва, културните институции, медиумите, насекаде и на секое место во татковината и во дијаспората.

И сосема за крај, не барајте од мене да поверувам дека вие сте само обични луѓе што се надевале на подобро и поубаво. Не барајте од мене да ве разберам дека сте верувале во што и да е чесно, а гаранцијата за тоа било лажно колнење. Не барајте од мене да ви поверувам и да соучествувам во перењето на вашата нечиста совест кога сте учествувале во нешто за кое знаевте дека е зачнато во лаги, уцени, насилство, крв, грев и измама. Што очекувавте да се роди од тоа? Убавина? Добрина? Милост? Или вера, љубов и надеж? Не барајте од мене да соучествувам и со тие што ќе се согласат да им простат на оние што нема да прифатат вина и одговорност. Покајувањето и простувањето на гревовите е лична работа и тоа не ме интересира. Тоа си е помеѓу вас и Бог. Кој и да е тој. За посредување помеѓу вас и вашиот Бог да ви издаде билет за во пеколот или рајот побарајте си поп, оџа или рабин. Или дури и владика или архиепископ. Секој според превозното средство и должината на патот од овој на оној свет. Останува моето незнаење кого ќе побараат македонските владици и архиепископи за патоводител низ нивните божји друмови? Јас немам време и желба да учествувам во туѓото спасување. На таа тема јас сум зафатен со своите грешки. И со составување на списокот на работи за кои молчев или молчам дури и сега. Зафатен сум со пополнување на прашалникот за моето соучесништво. И за моите гревови. И со секојдневната борба како да си простам самиот себеси што не направив нешто повеќе или барем нешто подобро. Мора да се знае, да се признае и прифати вина и одговорност. Ако сакаме меѓусебно простување и нов почеток. Во спротивно, ова ќе биде само уште едно ново паѓање надолу, отворање само уште на едно двојно дно. До следното пропаѓање. До следната лажна заклетва.

Авторот е режисер и универзитетски професор