Антиинтелектуализмот во Македонија не дава простор за натпревар на идеи, без оглед на нивната индивидуална вредност, а интелектуалната мисла, особено онаа критичката, дури и не добива можност за фер расправа во која ќе биде образложена. Такви расправи нема или вешто се фингираат со чудни ликови извадени од депоата на комунизмот и со експерти од секаков вид
Целата политичка кариера на Зоран Заев и неговите политички поддржувачи е базирана на антиинтелектуализмот, манипулација со фактите и искривување на вистината. Секоја глупост, или просечност во знаењето, или експертизата на оваа власт ја засилува општествената дисфункционалност и ја погребува интелектуалната критичката мисла.
Ниту Заев, ниту неговите следбеници можат да ја согледаат патологијата на антиинтелектуализмот и незнаењето, како и цената што ја плаќаме поради тоа, а која значи понатамошно пропаѓање на општеството. Ако може повеќе од ова во моментов.
Она што многумина во власта одбиваат да го признаат е дека проблемите што ги креираа се длабоко вкоренети во отфрлањето на критичкото размислување и знаење, преку директна тривијализација и манипулација со фактите. И, промоција на псевдоинтелектуализмот како доблест на нивната политика. Сѐ со една цел. Да не се засени интелектуалниот габарит на лидерот.
Антиинтелектуализмот беше во срцето на мекартизам во САД, со своите оркестрирани напади врз научници, интелектуалци и писатели. Мекартизмот беше практика на обвинувања за субверзија или предавство, без соодветно почитување на доказите. Се карактеризираше со зголемена политичка репресија и кампања што шири страв од комунистичко влијание врз американските институции и шпионажа од страна на советските агенти.
Зарем не ви заличуваат на ова новокомпонираните обвинувања на власта за секој што поинаку размислува и има критичко мислење за политиките што ги води, дека е русофил? Наклонет кон Истокот, кон Русија. Стариот добар мекартизам во ново модерно фолк-издание. Спакувано за 21 век. Изгледа надреалистички: повторно сме исправени пред предизвикот за диференцијација како во 1948 г.: кој е за Западот, а кој за Истокот. Како тргнале фали уште еден нов Голи Оток. Си имаат луѓето наследено искуство од своите предци. Новото историско не, на сите што размислуваат поинаку од нив.
Која е разликата меѓу мекартизмот и заевизмот во Македонија? И едниот и другиот се подложни на антиинтелектуализмот. И едниот и другиот се регресивни за општеството. И едниот и другиот се подложни на апстрактно креиран страв и претпоставена вина.
Без докази. И едниот и другиот се резултат на утилитаризам и арогантниот презир на интелектуалната мисла, образованието, слободното новинарство и независните медиуми. Нашиов има и дополнителна јавна алатка за да ја задуши и обесхрабри интелектуалната критичката мисла. Интернетот и социјалните мрежи. Во услови кога интернетот ефикасно демократизира сè, секоја шуша добива шанса да каже нешто, шири верзии и лаги во функција на политиката, а под маската на слободата на говор.
Па, така, свесно, наменски и политички мотивирано се исмејуваат, понижуваат и се потценуваат интелектуалците и експертите што размислуваат поинаку. Зар може да очекувате нешто друго од политиката испразнета од интелектуална сериозност, освен да манипулира со необразованото и некритичко гласачко тело и контролираните медиуми, гладни по скандали и, секако, пари.
Не случајно заевизмот во Македонија свесно гради скептицизам за улогата и мотивацијата на интелектуалците во политичкиот живот. Токсичноста на ваквиот однос кон интелектуалната мисла ја води демократијата кај нас до работ на авторитарен популизам. Во кој нема место за интелектуалците. Но има место за псевдоинтелектуализмот на квазиексперти и приучени „интелектуални“ шуплини. И, секако, за „трустот на мозоци“ од МАНУ, или како се вика по новото.
Кога ќе се ослободите од критичката интелектуалната мисла, ви остануваат овие интелектуални евнуси, чие незнаење се злоупотребува од лидерот за поддршка на неговите погубни политики. Само погледајте ги оние поединци што мислат дека се „вицкасти“ на социјалните мрежи за да добијат уште еден лајк за власта, коментирајќи сериозни политички прашања, и теми за кои немаат поим. Или доодените интелектуални „величини“ од социјализмот. Сите во функција на одбрана на заевизмот. Привид на слободна мисла, во држава што функционира како театар на апсурдот.
Јазикот на антиинтелектуализмот депримира и обесхрабрува во Македонија. Прави сѐ да ја пасивизира интелектуалната мисла, намерно загрозувајќи ја работата на оние во кои најмногу треба да се инвестира за да ја извлечат нацијата од својата контра продуктивната слабост. Антиинтелектуализмот во Македонија не дава простор за натпревар на идеи, без оглед на нивната индивидуална вредност, а интелектуалната мисла, особено онаа критичката, дури и не добива можност за фер расправа во која ќе биде образложена. Такви расправи нема или вешто се фингирани со чудни ликови извадени од депоата на комунизмот и експерти од секаков вид.
Одамна Македонија го изгуби интелектуалниот динамизам, а заевизмот успеа да го погребе.
Интелектуалната култура не се гради низ ајвар и корнишони-бизнис и тендери, туку низ квалитетни активности што ги хранат љубопитноста, креативноста и несогласувањата. Нив нема да ги најдете на „Калинич пазарот“, ниту во денешниве политички култури што го доминираат јавниот простор. Ниту во овој меритократски и сѐ повеќе технократски систем што произведува чудни елити, што сѐ помалку се софистицирани и интелектуално креативни, а се повеќе глупи, но „упорни“.
Вирусот на антиинтелектуализмот, или заевизмот, не само што го оштети, на крајот ќе го убие животот на јавната дебата, а со тоа и на демократијата во Македонија. Но кој да се грижи за тоа кога бизнисот и тендерите си врват. А политиката, таа е сведена на обична пародија. Како и сѐ во државава.