Додека пишувам на темава, Европа заседава и треба да одлучи дали ќе се задвижи напред во поглед на одбраната и со тоа ќе негира три работи. Прво, критиките за утопија во контекст на одбраната. Второ, дали ќе ја зацврсти решеноста за геостратегиска автономија и ќе даде нов инпут во таа насока. Трето, дали и како ќе го изменаџира потенцијалниот конфликт со НАТО-приоритетите и целите на способности што Алијансата им ги дава на земјите членки.
Попрецизно, од понеделникот министрите за надворешни работи на ЕУ одлучуваат за тоа дали ќе го прифатат стратегискиот компас за иднината на европската одбрана. Со тоа, за првпат Унијата вади документ во кој најконкретно досега ги подвлекува заканите со кои се соочува. Последното е многу битно, бидејќи сѐ што ќе се прави подоцна (освен ако не се замешаат политикантство, политичка коректност и сл.) ќе се прави за да се анулираат или намалат овие закани. Овој документ од околу 28 страници, покрај тоа што ги подвлекува потенцијалните закани на регионално рамниште за Унијата, посебен акцент става на два државни субјекта – Кина и Русија. Настрана од непосредната анализа на документот, кој, верувам, ќе има уште голем број интерпретации, она што сакам да го понудам е реална анализа (во согласност со просторот) на воените капацитети на ЕУ во согласност со стратегиските цели.
Во една од претходните колумни споменав дека политичко олеснување за Унијата кон градење сопствен одбранбен капацитет е излегувањето на најголемиот кочничар за тоа, Обединетото Кралство (ОК). Но истовремено тоа е и голем хендикеп, бидејќи ОК е сила со респектабилен капацитет. Независно од тоа, дури и со ОК во своите редови, европската одбрана (каде што сите земји-членки ќе дејствуваат здружено заедно) ќе има сериозна фалинка. Поинаку кажано, европските сили (ако може да се зборува за такво нешто) се со ограничена можност за автономно оперирање, како во поглед на немање капацитет за стратегиски аеропревоз така и во поглед на немање капацитет да се изведуваат операции на далечина. Дури и класичните експедициски операции, европските сили имаат проблем да ги реализираат без присуството на САД (пример се операциите во Африка).
Во таа насока, конфликт од регионален размер со сили на Русија, Кина, па дури и Иран, засебно, за ЕУ е погубен ако е без САД. Само колку за илустрација, недостигот од автономен воен транспорт ја намалува маневрабилноста на вооружените сили (в/с) на членките на Унијата. Ова е сериозен предизвик за Унијата поради две причини. Прво, најголемиот дел од воената мудрост (што може да се види од студиските програми или плановите за обука на земјите-членки) е граден врз претпоставката за изведување експедициски операции што имаат фокус на постконфликтен менаџмент или транзициски операции од конфликт во мир (народски, да бидам попрецизен, она што политичарите уживаат да го кажат мировни операции). Рамката во тие операции била или стабилизација или, пак, противтерористички операции, но како дел од противбунтовничката агенда на САД, или, пак, како сили на НАТО, но под мандат на ООН. Да преведам, во практика тоа значи изведување ограничени операции против помали и послабо вооружени соперници. Така, на пример, тоа беше случај со бунтовниците како талибанците или поретко ИСИС во Авганистан или дел од операциите предводени од САД, односно Садам Федаините во Ирак или, пак, српските вооружени групи во раните фази во Босна, или некои сили што не соодветствуваат со системот во Африка и сл. Дури и тогаш, претпоставката била или е дека ќе имаат стратегиско разузнавање обезбедено од страна на САД. Вториот многу посериозен проблем е засиленото и забрзано окрупнување на конвенционалните капацитети на Русија и Кина. Во практика, на пример, европските сили не можеа засебно да изведат автономна воздушна кампања во Либија, како дел од НАТО-силите што изведуваа операции под мандат на Советот за безбедност на ООН (резолуција 1973), без САД да им обезбедат воздушна поддршка и т.н. 24/7 воздушни орбити (само проверете ги политичките маневри што САД мораа да ги направат за домашна употреба за да ја оправдаат воената поддршка на европските партнери). Проблемот со Русија и Кина по ЕУ е во тоа што и двете земји имаат капацитет да развијат операции што на краток простор (регионално во сферата на интерес на ЕУ) и за кратко време може да претворат конфликт од низок во конфликт со висок интензитет (од повремени операции до тотална војна).
За да се разбере оваа перспектива на анализата и да ме сфатите за каков дискурс зборувам, најдобро ќе биде да се анализира т.н. „петдневна војна“ во Грузија. Осоколените грузиски сили, кои навистина изградија сериозен воен капацитет, но на експедициска основа и основа за здружено војување со САД, се втурнаа во авантура против Русите со конвенционален и одбранбен капацитет. Па, наместо да избегнуваат директен и масовен контакт, го сторија токму спротивното и за пет дена загубија речиси половина од целокупните капацитети.
Вториот предизвик за воената компонента на Унијата е (ако под претпоставка дејствуваат унитарно) поморскиот конфликт во т.н. индопацифички театар на операции. Иако Франција, како најмоќен воен гигант во ЕУ (сега без ОК), има сериозни економски и дипломатски амбиции во овој регион, барем засега нема соодветен воен арсенал што може да ја поддржи таа амбиција според концептот на „политика на долгиот стап“. Во таа насока, она што според сегашните капацитети во практика би можеле да го очекуваме од воените сили на ЕУ е да изведуваат операции со понизок интензитет (од скалата на конфликтот), и тоа во одредена фаза. Ако спектарот на конфликтот условно и во оперативна смисла го опишеме како фази од 0 до 5, тоа би било на следниот начин. Нула е фаза на мир и оформување (состојба на мир, мирно времена дипломатија). Еден е фаза на одвраќање (одредени спорови имаат потенцијал да прераснат во кратки слаби конфликти или да експлодираат во целосен конфликт, а дипломатски се лансираат проекти за превентивна дипломатија). Во оваа фаза се прават маневри, се вршат набљудување, извидување и собирање информации, или пак се изведуваат маневри како вежби. Два е фаза на зграпчување на иницијативата (условно кажано, каде што спорот се изострува и веројатноста за оружен судир е реална – сега на пример ситуацијата со Украина, каде што се задвижува дипломатија за конфликт-менаџмент). Во оваа фаза контакт помеѓу силите е извесен или се случил. Три е фаза во која во согласност со меѓународното право започнува оружен конфликт, се изведуваат конвенционални и неконвенционални операции преку воздух, копно, вода и сајбер-просторот (дипломатски се прават напори за конфликт резолуции-разрешувања, мирења и сл., а токму овде ЕУ-силите се најслаби во споредба со заканите и амбициите).
Четири е фаза на стабилизација. Тоа е период кога воената доминација на една од страните е воспоставена, територијата е запоседната или окупирана (правен термин, додека во современиот дипломатски речник се користи терминот „административно управување на територијата“ за да се избегне негативниот термин на де јуре (според IV Женевска конвенција од 1949 г.). Во оваа фаза в/с дејствуваат или како окупациски сили или, пак, сили за постконфликтно дејствување ако има мандат на СБ на ООН. Последната фаза, пет, е транзиција – предавање на власта на локалното население.
Во последните две фази Унијата е доста силна, но под услов ако има доминантен партнер – САД. Ако на дадениот проблем му пристапиме со анализа од аспект на оперативната мудрост, би заклучиле дека либералната елита во ЕУ не успеа да креира политика со која ќе изгради капацитет што на Унијата ќе ѝ овозможи да го користи капацитетот на в/с во целосен максимум за проекција на моќ како придружен сегмент на дипломатијата, економијата и информациската компетитивност.
Она што уште повеќе застрашува настрана од сѐ е фактот дека воените лидери, оние што треба да ја извојуваат победата во потенцијален конфликт во кој би влегле силите на ЕУ, во изминатите 30 години се изградени како воини што не зборуваат за војна и конфликт како нивните соперници Кинезите и Русите. Тие зборуваат за кризен менаџмент, евакуација, невоени хуманитарни операции, мировни операции и сл. Иако хумано и демократски, за да ја сфатите поентата ќе дадам пример кога еден мој колега на факултет се обиде да ми покаже колку перото е помоќно од мечот. Кога го однесов мечот за да се соочиме со перото, најверојатно го знаете исходот. Да заклучам, далеку дека таа максима нема поента во одреден момент, но реалноста е многу посурова од приказната и мудрувањето.
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на
Државниот универзитет во Аризона, САД.