Нашата битка да ти била битка на Европа сама со себе. Да си го одржи зборот. Македонската приказна е тест дали на ЕУ може да ѝ верува Балканот поради: изгубеното време, очигледниот прогрес, решавањето тешки прашања. Крајно време е да ги почнеме заслужените преговори за членство и така ќе бидеме заеднички победници. Колку длабоки и просветителски мисли и зборови на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања. И длабоко трогателни. Во Брисел, гледам, се потресоа од зборовите на Димитров. Сон не ги фаќа. Особено по заканата од премиерот на „Северна Македонија“ дека ние повеќе не сакаме да „стоиме и чекаме“ и дека „ние дишеме, живееме и растеме со европските идеи и вредности и знаеме дека нема друг начин освен европскиот. Се обидувам да разберам. Дали фејсбук-министерот и сега вицепремиер и неговиот шеф меѓународните односи и дипломатија ги изучувале во вечерно училиште или на курс за шивачи и тишлери? Кој ќе ги знае. Или реално не се во состојба да ги согледаат вистинските неправди во светот за тоа какви се, а уште помалку да ги ценат причините за овие неправди поради епистемолошките ограничувања, пристрасности, а во некои случаи и целосниот дослух со причините за самите неправди. Да, ова се депресивни гледишта, но не си правиме никаква услуга кога се тешиме со илузии. Или дозволуваат да бидеме тешени со илузии.
Прекумерен идеализам, апстракција и празна теоретизација за глобалната (не)правда. Тоа се зборовите на Димитров и премиерот по нивната посета на Брисел. Нивниот концепт на правда што го заговараат во односите со Европската Унија не е неутрален аватар на моралот што дозволува јасен пат кон отстранување на неправдите. Нивниот јазик е чиста празна реторика, утопистички и наивен, за да може да размислуваат за сопственото соучесништво во неправдите што ги направија спрема сопствената држава, надевајќи се дека тоа ќе биде заборавено со нашето асоцирање во Унијата.
Очигледен стана јазот меѓу високоидеализираните поими за правда и реалното политичко искуство со кое се соочува оваа власт денес на патот кон Европската Унија. Јазот што се отвори е премногу широк, а правдата и политиката одеднаш изгледаат безнадежно во судир со интересите на членките на Унијата. Велат дека меѓународната правда преживува само таму каде што не ги загрозува виталните интереси на моќните држави. Што мислеше оваа власт кога влезе во авантурата со промена на името на државата? Или договорот за добрососедство со Бугарија? Ако воопшто нешто мислеше. Ова е местото каде што сме денес: политиката на моќ како со години надвладува над меѓународната правда и веројатно ќе го стори тоа и во иднина. Ваков дилетантизам и незнаење на надворешната политика се од колосални размери.
Во анархичен меѓународен систем без никакви вградени цврсти норми, со нарушен повеќедецениски кредибилитет на односите со ЕУ, да градите односи на доверба засновани на зборови и ветувања е повеќе од обична наивност. Зарем годините на неисполнети ветувања на ЕУ кон Македонија, уцените, условувањата не беа доволна опомена за оваа власт дека мора да пристапи крајно претпазливо во процесот на интегрирање, одбегнувајќи да ги стави под ризик идентитетот и националните интереси на својот народ. Довербата градена на политички ветувања ни се удри од глава. Се покажа дека прекумерниот идеализам и апстрактноста на разбирањето на глобалната правда се погубни на нашиот пат кон Европската Унија. Не ми плачете сега за некојаси правда и праведност и изневерени очекувања во свет штоп е раководен од односи на моќ и интереси. Светот, па ако сакате и Европската Унија не смее да биде идеализиран, а најмалку фетишизиран. Брисел, како многупати порано нѐ понижи, повторно доведувајќи ја во прашање нашата самопочит како држава и народ, нарушувајќи ни го чувството на национално достоинство.
Прашањето пред оваа власт е принципиелно: или ќе го признаеме поразот и ќе продолжиме да играме според непринципиелните правила на Унијата, жртвувајќи ги своите интереси во светот целосно обезличувајќи ја државата, или ќе ги „обновиме“ односите на прагматични основи, раководени од промовирањето и заштитата на нашите национални интереси. Колку за промена, Македонија еднаш ќе мора да биде способна да размислува и дејствува глобално. Мора да изгради алтернатива во глобалниот свет. Политичките лидери на Македонија, сегашни и идни, ќе мора да ја преоценат нашата геополитичка состојба и да направат попис на целите на надворешната политика и стратегиите со кои ќе ги постигне.
Секако, Европската Унија останува примарна цел на нашата надворешна политика. Без оглед што Македонија е уморна од европското менторство, а политичката соработка со ЕУ полека ја губи својата вредност во светлото на неможноста на блокот да дејствува како независен стратегиски играч на Балканот. Уценувачкиот и неправеден карактер на процесот на нашето приклучување кон Европската Унија несомнено ќе доведе до наше отуѓување од светот на заедничкото искуство, создавајќи колективно чувство на изолација, игнорирање, злоупотреба и свесна политичка манипулација. Може власта да продолжи да цмиздри и да кука над судбината на нашето асоцирање во Унијата, или пак незнаењето и сервилноста и нашето контрапродуктивно и ирационално однесување да ги замени со кохерентна стратегија за надворешната политика. Како суверена држава, мора да се вклучиме во играта на нациите за да ги заштитиме и зајакнеме нашите национални интереси. Оние што оваа власт ги заборави на патот кон Унијата. Реално, по фијаското во Брисел, нема да има враќање на „бизнисот како и обично“ со Европа. Доста е со лигавење и цмиздрење. Зашто за достоинството и идентитет се работи.