Пред околу дваесетина години, студентите од православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје беа во посета на црногорско-приморскиот митрополит Амфилохије во Цетинскиот манастир. Домаќините со задоволство ги пречекаа гостите од Македонија, според протоколот, на крајот студентите беа срдечно примени од митрополитот Амфилохије. Во текот на приемот дојде до непријатна случка кога еден од домаќините ги поздрави студентите со зборовите: „Добре дојдовте наши браќа, јужносрбијанци!“ За волја на вистината, митрополитот Амфилохије изрази неодобрување, забележувајќи дека станува збор за Македонци, а не за јужносрбијанци. Инцидентот беше простен во духот на христијанската вера, но не и заборавен, бидејќи перманентно еден мал дел од Црногорската црква, а во голем дел од српската сиве овие години не забораваат да нѐ „потсетат“ на великосрпските аспирации и „хегемонии“.
Што може да се заклучи од оваа случка? И покрај добронамерноста на митрополит Амфилохије, македонските студенти се соочија со великосрпската идеја, која тлее во црногорската митрополија, но и во Пеќската патријаршија. Далеку од тоа да хипергенерализираме, но фактите се во прилог на искажаното. Српската патријаршија не смогна сили да ја признае Македонската црква и создаде паралелна црковна организација во Македонија на чело со Јован Вранишковски. Имаше и има обиди, македонското црковно прашање да се сведе на ниво на канонски правила, но и малите деца знаат дека станува збор за национално, а не за црковно прашање. Српската црква со своето дејствување се манифестира како потпора на српскиот конзерватизмот, и тука не мислиме на позитивен културен конзерватизам, туку во изразување претеран национализам и шовинизам – што е во противречност со самите христијанските вредности.
Да направиме компарација! Во 2006 година започна процесот на консолидирање на црногорската нација, најпрво со независната на црногорска држава и прогласувањето на црногорскиот јазик за службен јазик, но црковното прашање – како најкомплексно, остана нерешено. Во 2017 година, Црна Гора стана членка на Северноатлантската алијанса и е на добар пат да стане членка на Европската Унија – ако се земеме предвид анализата на „Политико“, според која, Црна Гора има 90 отсто шанси да стане рамноправна членка на ЕУ до 2027 година, притоа не треба да се заборави дека Црногорците се најбогатата нација во Западен Балкан. Меѓународното позиционирање на црногорската држава, ги поттикна Мило Ѓукановиќ и црногорската елита да се нафатат на решавање на трнливото црковно прашање. Следствено, Ѓукановиќ го најави формирањето на автокефалната православна црква во Црна Гора, а црногорскиот парламент го усвои Законот за слобода на вероисповед, кој пропишува дека верските објекти и земјиштето што го користат верските заедници ќе станат државна сопственост. Законот предизвика масовни протести и влошување на политичко-општествената состојба.
Колку и да е контроверзен, законот го продолжува процесот на националното консолидирање на црногорскиот народ, го намалува влијанието на Пеќската патријаршија во Црна Гора и создава идни услови за пренос на верските имоти во сопственост на Црногорската црква. Црковното прашање е од егзистенцијално значење за црногорскиот народ. Не треба да се заборави изјавата на српскиот патријарх Иринеј дека се создава нова црногорска нација, а српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека ќе инсистира на единството на српскиот народ и нема да дозволи откинување на националното српско ткиво. Вучиќ исто така обвини дека некој се обидува да го асимилира српскиот народ во Црна Гора. Изјавите на патријархот и премиерот потврдуваат дека Српската црква и државата ја негираат посебноста на црногорскиот народ, но искажувањето на Александар Вучиќ за откинување и асимилирање на национално ткиво е апсурдно.
Всушност српската држава преку Пеќската патријаршија спроведуваше вековен процес на одродување на Црногорците и внатрешни поделби, кои предизвикаа бесмислена ситуација кога жителите на едно црногорско село, по успешниот референдум за независност на Црна Гора, најавија дека го продаваат селото за да се преселат во Србија. Српската елита отсекогаш ги злоупотребувала историските врски помеѓу црногорскиот и српскиот народ, меѓутоа една подлабока анализа ни покажува дека црногорскиот народ има различна етногенеза од Србите и сопствена историја, територија, култура и традиција, кои денес во 21 век се негираат.
Српската елита, која се стреми кон модернизација и напредок на својата држава, ќе мора да собере храброст за да се ослободи од национализмот поради кој во минатото српскиот народ страдаше, а денес предизвикува антагонизам. Српското општество ако навистина се стреми кон европска перспектива ќе мора да ја признае црногорската самобитност, да дозволи признавање на Македонската црква и да се соочи со постоењето на косовската држава. Доколку тоа не се случи, ќе бидат оштетени српските интереси. Ѓукановиќ е стара политичка лисица, која етапно ја реализира националната платформа и сосема е за очекување Црна Гора, која ќе влезе пред Србија во Европската унија, да го услови српското членство во ЕУ со признавање на Црногорската црква, со што се појавува можноста за црногорско вето за српската евроинтеграција.