Смрт… Премногу смрт… Премногу смрт за да се проголта како нормална појава. Болка, жал, неверување… Шок и зачуденост. Сочувства, солзи и вознемиреност. И онаа проклета мисла што секогаш чекори зад случена смрт. Дека и тебе може да ти се случи тоа.
Мене ми се случи. Многу смрт. Блиска смрт. Во големи количества. За нецела година. Случена смрт. Возможна смрт. Смрт во најава. Затоа не ми се пишува за смртта што ни се случува.
Бог да ги прости починатите. Сочувство за семејствата.
Не ми се паметува за пеколот во кој нè сместија, ама ние не се буниме. Само една мала забелешка. Многу одвратни луѓе ја газат земјава. Ќе ги посочам. Се сеќавате на оние што добиваа беснило кога почина малечката Тамара, кога се случија поплавата и трагедијата во Стајковци? Тие не бараа одговорност од властите, туку им посакуваа смрт. Сега, истите тие, добиваат хистерично беснило кон оние луѓе што бараат одговорност за трагедиите што ни се случуваат. Врескаат по нив да не политизираат. Одвратна лицемерност. Исто одвратно како на човек што му убиле дете да го лажеш дека знаеш кој е убиецот, само за да стекнеш корист за себе. Вакви одвратни луѓе се совршени да ги сместиш во книжевност. Достоевски да ти позавиди.
А да, одвратно се одмаздољубиви. Посебно ако им посочиш дека се одвратно лицемерни. Го видов тоа стопати досега. Со уставобранителите, со Камчев, со Алфа телевизија, со новинарите што не им се по волја и да не набројувам сега. Па уште јавно се закануваат. Денес им влеговме на Алфа, утре на Офф.нет. Затоа што нема кој да ги спречи, санкционира. Напротив, оние што се расфрлаат со годишни извештаи за состојбите во државите, го поддржуваат ваквото одвратно однесување. Не ми е гајле дали мене ќе ми се одмаздат. За мојата душа е полезно, а за тоа и Бога го молам, никогаш да не ме доведе демонот во ситуација јас да имам желба и моќ да се одмаздувам.
Кога сме веќе кај одвратни работи… Австрискиот канцелар Александер Шаленберг им се извини на вакцинираните граѓани. Тој ги нарекува послушни. Им се извини затоа што ќе морале да одат во карантин поради непослушните граѓани што одбиваат вакцинација. Баш така им се обрати. Демек, ќе бидат во карантин заради овие што не се послушни како вас, па мора и вие да страдате заради нив. Прости ми Боже, ама какво само психопатско однесување. Знаете што му е поентата, нели? Истата поента што ја има и нацистот кога му се заканува на родителот дека ќе ги убие неговите деца ако не каже кој во улицата крие Евреи. Или на маалски кретен што ужива да ги малтретира малите деца, па им се заканува дека сите ќе јадат ќотек, ако не кажат кој му крадел цреши од дворот. Или фрустриран учител што им вели на децата дека сите ќе пострадаат, ако не се пријави тој што му ставил мастило на столот. Слична е таа матрица.
Ќе се праша нормален човек, добро, зошто ваква изјава? Свесен ли е дека има секакви лудаци? Веќе утре може да бидат малтретирани, па и ликвидирани оние што не сакаат да се вакцинираат. Е па, тоа е и поентата на вакви грозни пораки.
Добро сега, не верувам дека него поентата му е токму таква, да започне терор врз невакцинираните. Колку и да е монструозна идејата, сепак некој треба да ја смисли. А западниве политичари, со исклучок на неколкумина, не се баш по мислењето. Приближно, профил на Заев и Филипче. Ги слушаат „повисоките од горе“. Ете, некој таков, „повисок од горе“, му има шепнато и на австрискиот цреп што да каже. Како што им шепнуваат да ги бркаат од работа невакцинираните, да ги затвораат по дома, да не ги пуштаат никаде да влезат, додека не дојдеме до концлогорите, нели, оти натаму фатиле. Ќе си речете, зошто да им соопштуваат вака морбидни муабети како онаа на Австриецот? Мојата претпоставка за која сум убеден дека е вистина, едноставна е, ама и морничава. Имаа цел да продуцираат паника. Им успеа. Потоа продуцираа конфронтации. Стимулираа нетрпеливост спрема невакцинираните. Паника дозирана со продуцирана нетрпеливост раѓа омраза. Таа омраза во еден миг ќе се излее по улиците. Сакаат да ги закрват луѓето до непрепознавање. Под силата на паниката, да удрат едни на други. Изопачената моќ сака целосна дехуманизација.
Туку, винтер ис каминг, што би рекле оние од „Игра на троновите“. Зимата доаѓа. Го видовме српскиот претседател, Александар Вучиќ, насмеан во Москва. Стои до Путин. Му соопштува на својот српски народ дека договорил ниска цена за гасот. Додека сите плаќаат по 1.000 долари, Србија ќе го добива само за 270. Србија ја реши проблематичната зима низ која, освен студ, ќе има и енергетска криза. Која веќе започна, оти календарски дојде пред зимата.
А ние? Што ние правиме?
Ние ќе добиеме датум, бе глуп. На 14 декември. Или во јануари. Европската Унија ќе ни даде датум за почеток на преговори. На Србија да не ѝ дадат? Нека си се интегрираат сега Србите во рускиот гас додека ние стануваме моќни и богати.
Така е, нас ќе нè спаси датумот. Нас ќе нè грее датумот. Тој датум ќе донесе струја и нема да има рестрикции. И ќе ни ги плаќа сметките. Датумот е огромен камин. Секој може да ги принесе кон него своите евроатлантски рачиња и датумот ќе му ја згрее душата. А кога на душата ѝ е топло, и телото се радува. Датумот е реактор, хидроцентрала, паричник полн светла иднина, салон за убавина и машина за перење на фантазија, датумот е алфа и омега, власт и опозиција, Боро и Рамиз, карма и каша. Датумот ќе те просветли со својата убавина, ќе те нахрани со својата дедомразовска вреќа полна европски вредности, затоа што датумот е фонд за иновации, шалтер за исполнување желби, Аладинова ламба во која живее духот на новата нормалност, вселенска станица во орбитата на прогресивната светлина и ако вакцината е нова религија, датумот е бог, на неговиот жртвеник мора да се заколе секој оној што различно размислува.
Туку гледам се разбуди интелектуалната бижутерија. Се разбранува океанот убавина, а? Започанаа пискотници против Данела. Не поминале ни дваесет дена од нејзиното преземање на главниот град, а хистеријата веќе се распосла насекаде. Се штанцаат колумни, твитови, фејсбук-статуси. Ако, убаво е човек да се разбуди по четиригодишен сон. Проблем е што додека тие спиеја, Скопје го живееше својот кошмар. Се надевам тоа ќе се промени, а бижутеријава нека вреска.