Познатиот психијатар Алфред Адлер, современикот на Фројд и Јунг, бил еден од првите теоретичари што тврделе дека редоследот на раѓањето е битен за подоцнежниот развиток на личноста. Тој тврдел дека првородените речиси секогаш го собираат „кајмакот“, т.е. добиваат најмногу внимание, љубов и стимулација од страна на родителите. Тоа го аргументирал анализирајќи многу успешни луѓе во светската наука и уметност, за кои се потврдило дека биле првородени. Првородените деца стануваат „детронизирани“ по доаѓањето на второто, па може да се почувствуваат малку игнорирани, зашто сега вниманието се дели, поради што може да развијат таканаречен „синдром на средно дете“. Единците, како и последните родени деца во семејствата, може да бидат многу разгалени, што несомнено влијае на подоцнежниот развој на личноста.
По Адлер, во психологијата, генерално, развојот на личноста и редоследот на раѓањето стануваат контроверзни теми. Во поново време, најсоодветна процена на карактеристиките на личноста се врши со инструментот наречен „Големите 5 лични црти“, кои се однесуваат на особините: отвореност кон новини, совесност, екстроверзија, невротизам и љубезност.
Во 1996 година познатиот психолог Франк Саловеј сугерирал дека редоследот на раѓањето има силен ефект врз големите пет црти на личноста. Тој тврдел дека првородените се посовесни и социјално доминантни, помалку љубезни и помалку отворени кон нови идеи, споредено со последните родени во едно семејство.
Во мај 2020 г. се отвори голема дебата за тоа дали е важен редоследот на раѓањето, а ова прашање особено се актуализира кога се работи за близнаци.
Идејата дека редоследот при раѓањето длабоко пенетрира во свесноста на родителите, а тоа влијае на карактеристиките на личност ја актуализира проф. Брент Робертс од Универзитетот во Илиноис. Низ светот анкетите на родителите потврдуваат дека нивните најстари деца го преземаат лидерството, среднородените имаат улога на медијатор, додека најмалите напросто грабаат по внимание во секоја можна околност.
Сепак, најновите истражувања ја разнишаа оваа идеја за важноста на редоследот на раѓањето и личните карактеристики.
Најсеопфатната студија за ова прашање е направена вклучувајќи повеќе од 20.000 испитаници од три различни држави. Студијата покажала дека редоследот при раѓањето не е важен за ниту една од петте најбитни карактеристики на личноста, мерени преку најупотребуваниот психометриски инструмент „Големите 5“, т.е. отвореност, совесност, екстроверзија, невротизам и љубезност.
Во таа насока, една студија од 2019 г. објавена во списанието „Личност и индивидуални разлики“ укажува дека нема доказ за поврзаноста помеѓу редоследот при раѓањето и цртите на личноста.
Истражувачите сугерираат дека дури и близнаците се развиваат врз основа на фактот кој е поголем и поздрав на самото раѓање. Така, се случува првородениот близнак да го преземе лидерството.
Кој е главниот кај близнаците?
Уште во самиот тек на бременоста, еден од близнаците се позиционира како главен (близнак А): се поставува на посигурна положба во матката и така останува до 34-та гестациска недела и добива поголема тежина од неговиот брат близнак. Вториот близнак (Б) чека скриено оној првиот да го пројави првото движење.
Дури и по 8 години овој редослед А и Б кај близнаците останува ист. Тие несвесно се договараат за нивниот меѓусебен однос, така што едната личност од парот ќе се постави како вистински лидер во многу ситуации во животот. Истражувањата укажуваат дека полот, тежината и висината при раѓањето имаат голема улога во тоа кој од близнаците ќе биде прв т.е. доминантен.
Второродениот близнак вообичаено е помал, но исто така и со поголем ризик за развивање здравствени проблеми како што се респираторен дистрес, неонатална траума и инфекција, делумно поради помалиот простор што го имал во самата матка, затоа што првиот зафатил поголем простор. Со ова објаснување, редоследот при раѓањето навистина е битен поради самата тежина на раѓање.
Кога близнаците се двополови, значи машко и женско, тогаш женското ја презема лидерската задача, независно од тежината на раѓањето или од редоследот. Во студија што опфатила 850 пара близнаци направена уште во далечната 1962 година, заклучено е дека редоследот на раѓањето кај близнаците немал влијание на личните карактеристики, вклучувајќи ги и социјабилноста, одговорноста и доминацијата. Во согласност со студијата од 2020 г., пренаталната изложеност на тестостерон може да објасни зошто женските близнаци ги преземаат подоминантните црти. Дополнително, девојчињата вообичаено зреат и се развиваат побрзо отколку машките.
Одамна научниците се интересирале за близначки студии, кои би биле златен стандард за испитувањето на влијанието на генетиката и околината врз развојот на самопочитувањето и личноста.
Меѓутоа, во објавените студии нема еднозначност ниту идентични искуства. Не постои идентична фамилија, како околински фактор, дури ниту тогаш кога близнаците се одгледуваат во едно исто семејство, нагласува Родика Дамијан, професор по социјална психологија од Универзитетот во Хјустон.
Близнаците кога се споредуваат со неблизнаци делат повеќе околински извори, вклучувајќи време и енергија од страна на мајките дури и пред раѓањето. Мајките на близнаци мора да го делат вниманието помеѓу паровите, понекогаш еднакво, но понекогаш не. Тоа значи дека околината во која растат близнаците сепак не е идентична.
Кога мајката не е присутна, тогаш близнаците се свртуваат еден кон друг за безбедност и грижа, така што се развива едно емоционално поврзување (атачмент), кое е слично како во односот дете/возрасен. Близнаците се гледаат едниот со другиот како во еден вид безбеден рај, сигурна основа од која ќе го истражуваат светот и затоа тие стануваат вознемирени кога ги разделуваат еден од друг. Личноста се развива делумно врз база на овие односи близнак со близнак. И тука редоследот при раѓањето прави разлика. Иако родени само за 60 секунди временска разлика, близнаците може да имаат сосема различни улоги. Но овие улоги сепак се менуваат кога тие ќе излезат од нивниот свет. Можеби затоа теоријата за битноста на редоследот на раѓање не е сосема применлива, туку е побитен начинот на кој близнаците се споредуваат меѓусебно.
Во последните пет години објавените студии на оваа тема не ја потврдуваат како битна улогата на редоследот на раѓањето. Една ваква студија е објавена во Аналите на Националната академија за наука на САД, а користела многу издржани статистички калкулации. Она, пак, што го покажува една од сличните студии, изведена во Германија, е дека редоследот на раѓањето може делумно да влијае на нивото на интелигенција. Првородените, генерално, имаат некоја предност во интелектуалниот коефициент за 1-2 поени. Тоа се објаснува со фактот дека родителите на првородените деца им даваат поголема ментална стимулација, поголема енергија и внимание отколку на нивните следни деца.
Во последната студија спомнатиот психолог Франк Саловеј од универзитетот „Беркли“ во Калифорнија прави дистинкција помеѓу „технички“ и „радикални“ револуционери. Имено, техничките револуционери се првородени и имаат за нијанса повисок IQ (тука спаѓаат Алберт Ајнштајн, Исак Њутн), додека радикалните биле последни по редоследот на раѓањето (на пример, Дарвин или Коперник). Меѓутоа, потврдено е дека последните по редоследот на раѓањето повеќе преземаат ризици во спортот, додека првородените остануваат попретпазливи.
Дури и кога редоследот на раѓањето не го структурира развитокот на личноста, ние не сме имуни на таквата размисла. Благодарение на културните обичаи спрема првородените, тие сепак најмногу го наследуваат семејниот бизнис или богатството.
Во класовите на престижниот универзитет „Харвард“ во 2020 г. од запишаните студенти 40 отсто се првородени, 32 отсто најмали во семејството, 14 отсто се средни деца, додека единци се околу 12 отсто. Тоа не значи дека првородените ќе стекнат повисоко образование. Основно е дека плаќањето на студиите за првородените го истрошува буџетот на семејството, па за следните деца семејството ја нема истата економска моќ.
Затоа, родителите нека размислат колку љубов, внимание, енергија и поддршка му даваат на секое од сопствените деца. Децата никогаш не треба да почувствуваат дека се занемарени или помалку сакани во едно исто семејство, зашто тоа сепак има последици врз нивниот понатамошен развој.