Се мислев за што да ти пишувам денес, драг читателу. По Черчил. Илинден и во Крушево и во Пелинце замина. И тоа личеше на погреб, а не на свеченост и славење. Оти можат ли изроди да слават херои. Имаат ли тие морално право на тоа? Оти нели е срамно како претседател да речеш дека најславната личност на Илинден, Гоце, е етнички Бугарин, а потоа да држиш говор за тој свет празник и неговите мартирски светци. Кажи, драг читателу. А! Или може грешам? Оти ако си раскрстил во себе со секое чувство на срам и грев, ти не може да ѝ припаѓаш на сортата на хомосапиенсот, туку на некоја друга безрбетна сорта на Галапагос и во еволуциската тетратка на Дарвин. Толку. Сакав денеска да ти пишувам за северна на изродите како пар екселанс фашистички проект на бриселовашингтонска Европа, но тоа го оставам за следната колумна. Сепак, на некој начин, и денешниот текст се вклопува во струјата на таа тема. Гоце во Преспа.
Имено, веќе ти кажав дека ја завршувам мојата книга поезија со работен наслов „Погреб во Преспа“. Јасно ти е за што станува збор. Гоце од смртта доаѓа да го види идентитетскиот колеж на столченото племе во неа. Својата тага и ужас од глетката тој ги споделува монолошки со Рацин. Туку, да не должам. Почнуваме. Цртичките го означуваат крајот на претходниот и почетокот на следниот стих. Две цртички означуваат нова строфа. И да појаснам. Тоа не се оние цртички на тој од Муртино и на бриселските политидиоти, кои означуваат ништо, замена за нашето име и идентитет. Чист фашизам.
Туку, значи, почнуваме. Гоце во Преспа (монолог со Рацин): Не доаѓај / брате Рацине тука. / Остани на Лопушник / во својата смрт и рана / пожива од животот / на изродите во Преспа. / Остани оти уште не е / кренато губилиштето / и само ги доусовршуваат / инквизиторите демократски / справите за мачење тука / Остани со знамето / „Слобода или смрт“ / забиено длабоко / во твојата бескрајна рана, / оти сè уште се доубива / она здраво што преостанало / од твоето столчено племе тука. / И не само она што преживеало. / И од смртта дури / ги доведуваат на губилиште / предците и прапредците тука, / за да се затре сè / што го носи и што е белег / на името од оваа / и од онаа страна на гробот. / Името межник на просторот и времето.
// Не излегувај / брате Рацине од смртта надвор. / Насекаде се поставени стапици и заседи. / И мене во заседа ме пресретнаа, / оти подлоста сега царува, / не Вистината на која / цивилизацијата ѝ заби нож во грб. / Оти се доведуваат сега / тука во Преспа / од историјата и столетијата / хероите и светците. / На нив ги испробуваат / справите за мачење, / а потоа ги убиваат. / Некои од нив и по двапати, / за да се уверат / дека вистински се убиени, / оти од Господов материјал, / и поцврст од глината / се создадени тие, / а не како нивните џелати / од сувоѕидица и мочка. //
И деноноќно, без застој / работи преспанското губилиште, / брате Рацине, по темница, / без месечина и ѕвезди, / и забранет е тука влезот / за твоите Бели мугри. / Насекаде по патиштата, / па и по беспатиците дури / се поставени стапици и заседи / каде крвниците ја чекаат / ладнокрвно жртвата / дури и ако е сè уште неродена таа. / Спремни се да ја чекаат и цело столетие да се роди / и да ја одведат на бесилка, / да ѝ стават нож под грло / ако е родена со печат на Името на чело. / Веднаш ја зграпчуваат / и пред докрај / да го исцица, мајчиното млеко / и ја носат на губилиштето во Преспа. / Крвниците кои го заклаа / и сонцето тука / натоварено со празората на плеќи / за да ја огрее ноќта / што легнала безнадежно врз светот. / А го заклаа тие / и петелот, тој царски убавец, / што ја довикуваше / и опеваше химниски неа. //
Оти и камењата надгробни / со печат на Името што се, / од кои избиваат како извор / твоите Бели мугри, / сега во Преспа се под блокада. / И нив на гибел ќе ги носат, / во каменоломот што ја дроби на парчиња / нашата златна карпа, / гласот на Архангелот / што ѝ се јави на Марија во Назарет, / нашето срце распарчено / во илјада рани. / Сè што има знак / на нашето Име, Рацине брате / се носи на губилиште во Преспа, / му се краде огнот од утробата, / се дроби на ситно, / и потоа столче, но во пепел / се става во мртовечка урна. //
Тоа е вистината која / тие ја прогласија за лага, / брате Рацине. / Не излегувај надвор од смртта, / што те прегрнала цврсто, / љубовнички и како Ленка / облечена во кошулата / тенка ленена, / на разбојот на сонот ткаена и недоткаена / и на ѓерѓеф везена и недовезена. / Не излегувај од смртта твоја / што е пожива од полуживотот сив / на изродите во Преспа. / Оти тука и смртта, не е смрт. / И таа е посрамена од нив, / не сака да ги прегрне и бакне, / иако еден ден / и против своја волја / ќе мора да го стори тоа / и да се покае што воопшто / ги запознала и морала / да ги прими во својот дом не како злато, / туку како распаѓање нив. / За разлика од јунаците и светците, / ставени под ножот на цивилизацијата / кои таа бргу-бргу ги прибира како невеста / во постелата свадбена на вечноста, / дијаманти венчални / што излегле од нејзината ноќ / и како летна Рамноденица / закована за летното пладне, / што не мрда ни лево ни десно / светат како венчален прстен. Рамноденица закована со клинецот / што се проби низ срцето / на Исус на Голгота, / ама со веста за воскресението, / со новозаветна нарав, / која ги префрли бездните на Стариот во Новиот завет. Темница, тага и очај / е сега Преспа, / која веќе не преспива, / не склопува клепки, / туку е јанѕа и несоница, de profundis, nocturno, memento mori.
/ До последната прашинка / од правта од која се создадени / како и сите други народи / се враќа сега пак во прав / столченото племе во Преспа. / Така како што гласи / траурно тоа во Стариот завет. / Оти како што рече и Вилијам Блејк, / некој е роден за вечна радост, / а некој за вечна тага, / како што е тоа случајот и со Македонците. / Оти уште на почетокот пред почетокот / како да ја раширила до зад бескрајот / тагата прегратката за нив. //
За нив, столченото племе. / Тоа на кое сега изродите / европски, балкански и домашни им забраниле / дури и да ја оплакува својата гибел, огнот / што го ставија во мртовечка урна. / Да ја оплакува, / оти уште пред да се родат, / невестите на тоа племе / се завиени во црни шамии, / и во нив блика само изворот со тажаленски глас. / А и не само тоа / туку сè што постои во оваа земја, / која сепак за ужас на крвниците / е не само со страдање / туку и со воскресение благословена, / е завиено во плач и тажаленка. / Па така и не случајно / нигде во светот / не експлодира така силно / од космичката тишина / облечена во црно / крикот на Богородица над мртвиот Исус / како во Нерези. /
Па и плачот на Рахела што ги крши / како спепелени гранки рацете / над мртвите деца во Марковиот манастир. / Па најпосле / и лелекот тажаленски на Неда / што се префаќа, глеј чудо, / со огнената елипса „И-и-и-их“ / на македонското свадбарско оро, / прстен искован во ковачницата / на космичката екстаза. / Неда што го оплакува / Кузман убиен од Гегите, / кои несигурни дека го убиле / уште го доубиваат. //
Тоа брате Рацине, / Остани злато во смртта / со знамето на Белите мугри / длабоко забиено, / до зад другата страна на вселената, / во твојата рана-безбрежно море, / полна со искон од кој / како новороденче, / како Исус во јаслите на Витлеем / се раѓа нашата иднина / со нашето сонце што го заклаа во Преспа. / Твојата рана во која пулсира / срцето на столченото племе, / кое и смртно рането, / како срцето на Исус / прободено со копјето / на римските војници на Голгота, / ѝ ги подарува своите отчукувања / на оваа бездушна цивилизација, / легната на мртовечка постела / за да закрепне и преживее. // Остани, остани, брате Рацине, / не излегувај од смртта, / оти јас се излажав, / излегов и тргнав на пат во Преспа, / да ја видам гибелта на племето.
/ Ама во заседа ме пресретнаа изродите / и како да ми е малку / оваа смрт во која постојам, / повторно ме застрелаа тие. / Сега дури и од претседателската палата на Водно. / Не. Не излегувај. / Надвор е страшно невреме / и дува од сите страни / ветерот на фарисејството. / Не излегувај. / Биди злато во златото на смртта / брате Рацине. / Биди, додека Господ / не ја отвори во Преспа / со клучот на воскресението / вратата за твоите Бели мугри. / Додека и за столченото племе / не го тргне ангелот, / како за Исус третиот ден по Голгота, / каменот од гробницата / во која го ставила / инквизицијата на цивилизацијата. //
Остани во смртта, / негибнат и цел / како дијамантска карпа, / и говори како извор пробиен низ неа, / оти тебе не мора сега, / како Исус Лазар / со гласот на своето космичко Јас / да те скорива од гробот. / Оти ти не си заспан, / туку само во смртта со животот си се споил. / Во смртта стократно пожива / од животот на изродите на твоето племе / што го подготвиле губилиштето во Преспа. / Оти ти си глас откровенски / составен од атомите на хаосот / и воскресението, / глас ороводен и преполн / од дното до врвот / со свадбарска екстаза. / Глас ѕвездена елипса на огнот / што е извор запечатен / во белутракот на нашето срце. / Глас „И-и-и-их!“, / кој може да ги покрене / за миг тешките воденички камења / меѓу кои си жртвено зрно / во постелата на љубовниците, / оние во смртта цврсто прегрнати, / полни со искон и надземна страст, / и оние што сега по преспанскиот колеж / или по столетија се зачнуваат. / Тие што идат од иднината / во големото Сега на нашето постоење / да го обноват и подмладат / столченото та дотолчено племе. / Рацине брате, / алка за алка што врзуваш, / столетија и напред и назад, / затворени во прстенот на вечноста и смртта. / Остани, не излегувај / надвор од неа, / не доаѓај во Преспа. / Оти надвор е невреме. / Страшно е.
/ Ќе те пресретнат подло / во заседа на пат / и повторно ќе пукаат во тебе тие, / како што ми се случи мене. / Рацине брате, / архангел и светец, / мартирски нимбус и венец / околу темето на твоето столчено племе, / светата глава на Јован Крстител / што пее и пресечена во сребрената чинија на Саломе, / златна гранка на која зреат поколенијата / што идат од иднина, / сè само скапоцени камења, / сафир, дијамант, рубин, / карнелијан, / ахат, / опал, жад. / Поколенијата што идат од иднината, / префатени како на оро / во прстенот на вечноста / алка за алка со предците и прапредците, / уште незачнати, и самите прастари веќе. //
Не излегувај надвор од смртта, / злато во злато. / Рацине брате. / Остани во гробот-чеиз, / заветен што е, / полн до врвот со виното на Името / од кое допрва треба да се причести / и облагороди цивилизацијата крвничка / што го закла твоето племе во Преспа. / Остани, Рацине брате, / оти јас се излагав и излегов, / и изродите како Сет во Египет / на парчиња ме издробија / и не знам дали татковината / преполна со нив / ќе биде сега Изида да ги собере / во црна шамија на болката нив / и повторно да ме состави, / да бидам конечно цел во гробот / и да ја затворам вечноста под клепки, / да не ги гледам повеќе / изродите од Муртино до Брисел и назад. / Да не ја гледам Преспа / и пепелта во неа / од која е украден / и во друга ноќ и огниште однесен огнот. Рацине брате, / златна гранко на очајот и тагата / на столченото племе. //
Крај на песната-бескрај, драг читателу. Прости за болката и јанѕата што веат од неа. Оти не може поинаква да биде таа. Оти е налик, според знакот на судбината, со тажаленката (реков) на Богородица Нерешка, на Рахела и на Неда. Ама да се надеваме дека сепак тој плач е преображенски. Те поздравувам до следната наша средба.