Заврши периодот на неолиберализам, наметнат од САД и другите развиени западни земји, преку ММФ и Светската банка, или благодарение на неправедните меѓународни услови и механизми. Тоа е период на современ империјализам овозможен преку отворени пазари и политики на слободен проток на стоки, услуги и капитал, ама не и на луѓе. Името за масовна употреба беше – глобализација. Таа започна кон крајот на 1970-тите и траеше сѐ додека САД не сфатија дека тој систем го овозможи незамисливото кинеско економско чудо, кое, за многу краток период, ја загрози американската доминација. Трамп го направи суштинскиот пресврт. Започна уште во предизборието, кога главна лозинка беше „Америка пред сѐ“.
Tоa личеше на германското „над сѐ“. Според аналитичарите, сега Трамп отворено води политики на економски национализам, промовира меркантилизам (клучна е трговијата и затоа ги менува постојните договори), а користи и протекционизам. Отвори трговски војни со Кина, Ј. Кореја, ЕУ, на Далечниот Исток (ТПП), со Мексико и Канада (НАФТА)… Практично, во зародок е нов меѓународен (економски) поредок, чии концепции не се јасни. Главна цел е да се спречи или, макар, забави натамошниот подем на Кина. Последиците ќе бидат многу пошироки, со голем број жртви.
Досегашниот светски поредок беше целосно во корист на најбогатите западни земји, бидејќи им овозможуваше максимална пљачка на преостанатите. Во нивни раце се банките, телекомите, осигурителните компании, информатичките, фармацевтските, воените и другите најпрофитабилни индустрии и сервиси… преку кои доминираат. Токму затоа, главните светски фактори (САД, Германија, Франција, Велика Британија, Јапонија…) воопшто и не помислуваа, камоли да преземаа некакви посуштински внатрешни реформи, преку кои би отвориле простор за промени и на меѓународен план. Наместо тоа, водени од корпоратократијата, политичките елити правеа сѐ за да ги задржат и засилат своите привилегирани позиции и дома и во неправедниот свет.
Неолибералниот капитализам, или глобализмот, беше добар сѐ додека функционираше во корист на западната доминација.
Сега, кога Кина им ги наруши сметките, бидејќи најмногу профитира, системот веќе не важи. Се отвора нова фаза, која е, сепак, задоцнета. Кинеската економска моќ е стварност што никој не може да ја игнорира ниту земјата да ја изолира, без огромни сопствени штети. Според реалната вредност на националната валута, ППП (Purchasing Power Parity), кинеската економија е пред американската и е најголема во светот. Од друга страна, политиките на Трамп се доста ризични, бидејќи немаат поширока поддршка од сојузниците.
Тоа може да води во нивни жестоки судири, кои веќе се наѕираат (САД против ЕУ). Отворена е нова етапа во развојот на светот, со многу неизвесности. Ќе следуваат сериозни прегрупирања на меѓународен план. Како и секогаш, најзагрозени ќе бидат неразвиените земји, кои се и најмногубројни. Ако сакаат да преживеат, тие ќе мора да се организираат за да влијаат врз новите меѓународни механизми што ќе се структурираат. Мора да заврши времето на ММФ, СБ…, кои работат во корист на богатите.
Тие, меѓутоа, не можат сами. Потребни се нов фактор и лидер, какви што на времето беа неврзаните, на чело со Југославија, Египет и Индија (Тито, Насер и Нехру), кои би овозможиле важна улога на онеправданите во реформите што треба да се наметнат. Денес таа улога може да ја игра или Кина или Русија. Трет кандидат, нема. Пекинг веќе има иницијатива „Појас и пат“, која води во таа насока и има доволно пари за да инвестира во неразвиените земји.
Меѓутоа, како главен конкурент на развиениот Запад, таа многу веројатно ќе биде жестоко попречувана, со крајно нелегитимни мерки. Ако треба, земјите и нивните елити ќе бидат уценувани за да се држат подалеку од кинеските иницијативи. Државниот секретар Помпео веќе јавно предупредуваше дека не треба да се соработува со Кина, што е невиден политички и дипломатски преседан.
Русија, пак, иако нема доволно економски ресурси за еден таков проект, има капацитети да се појави како лидер на овие земји, бидејќи, во својата основа, проблемот е политички. Сами, Кина и Русија не можат да го менуваат светот. Меѓутоа, заедно со неразвиените, тие можат многу да сторат.
БРИКС, кого го нема во последно време, во кој се и двете, не успеа во своите обиди, кои имаа исти намери. Тоа покажа дека е потребна посилна иницијална каписла. Ако тргнат во таа насока, Кина и/или Русија, заедно или посебно, ќе треба да извршат значајни промени во своите надворешнополитички доктрини, за да ги артикулираат интересите на малите и на сиромашните земји, а не само сопствените. И двете ќе имаат голема корист од своите улоги во таквите промени – Кина на економски, а Русија на политички план. Порамномерниот светски развој, базиран на праведност, би бил од историско значење. Дефинитивно би се надминале практиките од …17, 18 и 19 век. Инаку…
Не може уште долго да се толерира огромни маси да осиромашуваат, а малобројните да се богатат. Најбогатите дваесет и шестмина да имаат колку и 3,8 милијарди луѓе, или 50 проценти од светското население! Каде е тука логиката, без да бараме некаква правда? Која е смислата на тоа? Ако условите се нормални и праведни, никој не може да заработи милијарди евра или долари. Без да се враќаме кај Маркс, тоа не може да се постигне без вработените кај нив и со реални даноци, провизии и профити. Незадоволството во светот расте, реакции има сѐ повеќе, ама нема критична маса за посериозни промени.
Прашањето е само кога, каде и на кој начин тие ќе започнат. Дали тоа ќе се преточи во опасен исламски фундаментализам, кој е непомирлив со моралната декаденција на развиениот Запад? (ИСИС е речиси поразена ама ако нема сериозни промени, калифатите не ни гинат.) Дали меѓународниот тероризам ќе се развие како клучен одговор на неправдите и ќе земе таков замав што никој нема да биде безбеден? Или ќе следува ново библиско преселување на народите, кое ќе има катастрофални последици токму по мирот и имотот на најбогатите? Не треба да се исклучат ни нуклеарни војни, главно во Азија, од страна на држави пренаселени главно со сиромаси, кои не можат да се прехранат а имаат историски проблеми со соседите. Опциите се многубројни, а во основата сите се страшни. Единствено позитивно е што двете главни нуклеарни сили нема да ги активираат своите арсенали, бидејќи тоа би водело во меѓусебно уништување.
Од таа гледна точка, колку и да звучи апсурдно, нуклеарното оружје е најголема гаранција за мирот.
Поради сето тоа, Кина и/или Русија би требало да ја преземат одговорноста за изградба на поправеден свет, при што малите и сиромашните земји ќе можат со нив и преку нив да играат соодветна улога. Овие земји секогаш биле жртви на посилните и побогатите. Така било со векови, а истото тоа се повторува и во XXI век. Класичните неправди продолжуваат. Со светот и понатаму владее аргументот на силата, наместо обратно, а така ќе биде уште долго, ако ништо не се менува. Постигнат е огромен технички и технолошки напредок, демократските принципи, човековите права и владеење на правото се шират, се патува во вселената… ама правда нема, ниту ќе има, ако не се преземат соодветни мерки. Моќните доминираат и на внатрешен и на меѓународен план исто како и пред векови.
Тие бескрупулозно ги бранат своите најтесни интереси на сметка на сиромасите, што мора да се промени.
Светот е пред раскрсница. Покрај кинеската економска закана, причина за промените иницирани од Трамп е и фактот што САД се повеќе ја губат позицијата на единствена светска суперсила. Тоа отвора простор за сериозни реформи на крајно неправедниот меѓународен поредок, карактеризиран со целосна доминација, или во корист на мал број на држави. Во спротивно, ќе следуваат настани многу пострашни од сегашната пандемија. Може дури да се постави и едно крајно хипотетичко прашање. Дали промените на овој план, кои започнаа и се неизбежни, имаат некаква врска со коронавирусот? По него, ништо нема да биде како што беше.
Многу земји ќе мораат прекумерно да се задолжуваат, а кредитите тешко ќе можат да ги враќаат. Ете мотив за нивна дополнителна зависност. Дали ова е сигнал на природата (Господ!) дека треба да се тргне во изградба на поправеден свет? Скрупули во политиката никогаш немало. Војната за реформи би била жестока и неизвесна. Ако поведат, благодарение на американската ароганција и егоцентричност, Кина и/или Русија би можеле да сметаат и на одредена поддршка и меѓу поразвиените. Еве шанса за посериозни промени на меѓународната сцена, кои се инаку неизбежни. Без нив, светот ќе продолжи да се движи кон бездна. Мора да се спречат негативните тенденции што ја загрозуваат иднината на сите.
Ова не е некаков идеализам туку обид за поширока перцепција на тоа што може да нѐ чека и што треба да се преземе за да се спречи катастрофата, која е неизбежна. Јасно е дека промените не може да бидат брзи, ама е важно тие да почнат и да се трасираат. Да се знае во која насока се оди. Без тоа, долго можеме да се вртиме во круг. Богатите многу тешко ќе се откажат од своите вековни колонијални привилегии и погодности. Тие треба постепено да се кратат. Светска револуција не е можна, ама сериозен пресврт е, и треба да се случи.