И времето поминато, народите што ги снема,
сѐ е длабоко минато, без кое ништо нема.
Пол Валери
Како што гледаш, мотото на оваа наша колумна, драг читателу, е од песната „Столбови“ на Пол Валери што имав задоволство да го препеам на македонски. Што вели мудриот француски поет: дека „сѐ е длабоко минато / без кое ништо нема“. И Англичанецот Т.С. Елиот вели нешто слично, дефинирајќи го поимот сегашност како „многу минато и малку иднина“. Слично и свети Августин, кој од теолозите најмногу размислувал за загатката на времето, не може сегашноста да ја замисли без минатото. И кај Индусите, во нивните веди и упанишади стојат така работите во нивното големо и безвремено Сега.
Без минатото е незамислива и иднината, која кај нив е реверзибилна. Во европската филозофска мисла, пак, покрај поетите Валери и Елиот и средновековниот теолог Августин со алхемиската синтеза на минатото, сегашноста и иднината, со посебен акцент на сегашноста и адорацијата на минатото како архетип од кој извира митот како збита слика на светот и егзистенцијата се занимаваат Шопенхауер и Ниче, и двајцата исто така силно инфицирани од индуистичката филозофија на ведите и упанишадите. Посебно во тој контекст е фасцинантна Ничеовата теорија за вечното враќање во кое, пак, енергетски perpetium mobile доминира живата енергија на минатото, алфа и омега на цикличните историски и метафизички кругови на постоењето. Кај Есхил, Еврипид и Софокле и на судбината на човекот, нешто пак слично на индуистичката религиозна филозофија на кармизмот.
И зошто го кажувам ова, за минатото, драг читателу на почетокот од оваа колумна, кое малку на прв поглед и стрчи од нејзиниот тежиштен наслов како што е поставен. In medias res: затоа што нашите (да ги оставиме странските) сегашни политички сатрапи во власта и Владата, која ни ја пресече, како да се француски револуционери од 1879 година, идентитетската глава (централното кубе на храмот на колективот) имено со претекстот на иднината, како нешто единствено значајно, а што беше алиби за нивното брутално и малоумно игнорирање на минатото. Него како историски и културно-цивилизациски имот подарен од Господ тие го префрлија во катастарот на други, на оние што нѐ понижуваат и постојано мислеле на нашата идентитетска смрт, служејќи се патем штедро и со физичката. Така, без да го прашаат базичниот носител на таа скапоцена меморија како наследство, тие античкиот македонски цивилизациски и културолошки имот им го подарија на Грците „лицем светци, срцем волци“ (Прличев), а оној таканаречен словенски на нововековната цивилизација по Христа (со Кирил и Методиј, Климент и Наум сѐ до преродбенскиот 19 век и малку потаму во 20 век до АСНОМ) на Бугарите со договорот за жалното добрососедство.
Толку. Проклетството, клетвите, солзите и тагата на народот нив ќе ги следи, нашите политички сатрапи, до крајот на животот, па и потоа во гробовите, но од тоа нема посебен аир колективот, „столченото племе“ (Б. Конески), кое со продажбата на Името е целосно обезглавено и дотолчено. Тоа сега е без воздух за дишење, убиено и положено во историската мртовечница во која Западот положил и други народи, а ќе положува по примерот на Македонија уште во неа. А за малку Европа во двете нејзини крвави светски војни и таа да стапе во таа мртовечница. Но нејзиниот агресивен, деструктивен нарцизам не ѝ дозволи и по таквите катастрофи да се опамети и морално облагороди таа. Слушаме како Хан и другите бриселски политбирократи ни се закануваат со изолација доколку докрај не го изиграме орото на нивната свирка.
Идиоти, па тие од 1990 година наваму постојано нѐ држат во изолација, во карантин како чумави. За таа расистичка, нацифашистичка цел ја стокмија 1993-та и срамната Лисабонска декларација. Европа на силните и силниците (Франција, Англија, Германија, Холандија…) сѐ уште не го скротила својот колонијалистички нагон за понижување и грабеж на други народи под претекст на нејзината демократија, што ја чуваат само за себе, и пласирајќи ја истата таа не само со кредитите на своите банки, гоејќи се економски уште повеќе, туку и со своите моќни бомбардери, по потреба, во Алијансата со американските НАТО-каубои: Сирија, Јемен, Либија, Ирак, Авганистан…
Колку да сакаш пепел и смрт за удобноста на некој друг. Западната машинерија, таа нивна „цивилизациска“ deus ex machina на деструктивен нарцизам, профитабилен грабеж на други, и софистициран садизам (Кој го измисли и реално озакони Маркиз де Сад?) денес, како никогаш досега, под маската на својата перфидно лажна либералдемократија, функционира беспрекорно. И во Македонија. Се лажеме ако мислиме дека десната рака на Хитлер доктор Менгеле се повлекол од нивната модерна историско-цивилизациска сцена. Напротив, тој го умножил своето експериментално семејство на смртта.
Тоа е тоа. И тоа што се случи кај нас, драг читателу, пак ќе повторам, се вика идентитетска смрт. Според антрополозите најстрашната од сите видови смрт. Сега, пак, во оваа и таквата ситуација прашањето е како ние, неодродените, здравото неразболено ткиво на овој народ што нема диво месо, да ја надминеме страшната болка што ни е нанесена. Како да се кренеме од смртта во која нѐ ставија? Ние Македонците како колектив по долгите столетија на толчење испловивме на површина во сјајот на автентичниот идентитет со АСНОМ, и тоа во срцето на една голема европска и светска катастрофа. Прашањето е: дали и сега по овој подром над нас треба да ја чекаме новата европска катастрофа за повторно како феникс, што ни е генетско и духовно наследство, да воскреснеме од смртта? По сѐ, за жал, изгледа да.
А тоа, драг читателу, верувам и ќе се случи? Да. Но како дотогаш да преживееме како идентитетски мртовци? Како? Поодамна, кога ги читав есеите на Адорно за антрополошкиот песимизам ми се чинеше наивна неговата теза (до која како коинциденција дојде и полскиот поет Тадеуш Ружевич) дека е невозможно да се пишува поезија по Аушвиц. Но реалноста ја поби таа крајно песимистичка теза на германскиот филозоф; продолжи да тече реката на поезијата. Тоа, оти природно, нема друго чаре, животот продолжува и по големите антрополошки катастрофи. А по нив, како што вели Рике: „Тука никој не зборува за победа/туку за тоа како да се издржи“ (во поемата: „Тажачка за грофот Волф фон Клакројт“). Готфрид Бен вели дека целата негова генерација по војната се храбрела и држела за тој Рилкеов стих. И ние Македонците, по нашето идентитетско гилотинирање сега сме исправени пред дилемата на тој, со хамлетовски мирис, стих на австрискиот поет.
Исправени сме пред суштинското судбоносно прашање како да се издржи и надмине таа антрополошка свињарија (со должно извинување сепак на свињите, кои се многу подоблесни и поневини од свињите што нѐ суредија нас)? Како да ја издржиме новата кич-симбологија што се става на местото на нашите спепелени од варварите архетипови. На пример симболот на една минорна министерска дама на хеликоптер, облечена во американска нацифашистичка воена униформа со ознаките на најмоќната светска криминална воено-профитерска организација НАТО, која со нејзиниот морален капацитет и вишок интелигенција го збогатува осиромашениот ураниум на нашите дарежливи западни пријатели. Таква, таа во некоја смисла е нашата постмодерна ураниумска Марија Кири, подготвена за Нобелова награда за која ќе ја добие поддршката и од оној тип (како се викаше?) на Меѓународната кризна група, задолжена за производство на кризи како најрентабилна западна фабрика.
Тоа. Оваа дигресија беше потребна, иако дамата во неа, сиромашна како сиромашниот ураниум, за миг го тргна од сцена Адорно. Размислувам за неговото, како покајнички Германец, сочувство со трагедијата на Евреите во германските (јас би рекол и европски) концлогори на смртта. Беше замислено физичко уништување на избраниот народ. Арно ама тоа не се случи. Евреите што преживеаја во логорите и надвор од нив, витални како никој друг народ, го реализираа молскавично брзо својот ционистички концепт и ја основаа, ја обновија од пепел својата држава Израел (како ние Македонија во АСНОМ).
Ја обновија и под менторство на најмоќната, модерна Римска Империја, Америка, што гази и кај што сака сѐ престорува заради своите профитабилни интереси во пепел под своите железни стапала. Евреите во нацифашистичка Европа не беа подложени, како Македонците сега, на страшниот идентитетски туку само на физички геноцид. Тука изгледа дека европскиот гениј Менгеле нешто промашил во своите математички пресметки и алхемиски формули на смртта, па сега тие свои грешки акрибично ги исправа на примерот на Македонија и Македонците. Се сети со убедувањето дека никогаш не е доцна за исправка на идентитетската смрт, која не бара толку голем напор и трошење смртоносен гас (бидејќи Западот е во сѐ штедлив), туку само со еден потег со употреба на ариевската фашистичка гума (пак измислица на напредната либералкапиталистичка цивилизација), која ја брише целата идентитетска меморија на еден колектив, може да се реши целиот проблем. И тој смртоносен идентитетски потег на Западната гума, имено, сега го почувствувавме (не и луѓето од власта и одродените изроди и Ироди од родот), ние неодродените Македонци, новите Евреи на либералкапиталистичка Европа, која со просветителството на Револуцијата се откажа од Бог.
Но, сега гледаме дека се откажала и од духот и моралот, кои Волтер и неговата просветителска братија ги ставија пред Бог. Тоа, се разбира, е трагична грешка што ја разбра и Достоевски, кој констатира болно дека „ако нема Бог сѐ е дозволено“. И тоа сега, кај неколкуте моќни нации на Европа, кои го делегитимираат тој поим, е видливо. Европа сега, воопшто, е далеку и не се сеќава на моралниот императив на Кант: „Ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“. За неа сега не постои ни ѕвездено небо, ни морален закон. Постои само материјален профит и ништо друго.
И така ние Македонците, драг читателу, сме жртва, но не Аврамова, на новиот светски поредок. Капитална. Оти, иако сме мали влечеме зад себе неверојатно голема историско-цивилизациска меморија, и тоа на некои белосветски и домашни сатрапи не им се допаѓа. Блаже Конески, можеби единствената светла и без какви било валкани дамки во МАНУ личност, не случајно дијагностички уште кога не беше начнат видливо проектот на нашата идентитетска ликвидација рече: „Големо ни е името ќе повтат да ни го земат“.
Тука, пак, со Името е и Јазикот. Со договорите со Бугарија и со Грција, како и со таканаречената со силен геноциден мирис за нас Тиранска платформа и тој се изведува на губилиште. Се става геноцидната шепа врз нашите песни и ора, врз сѐ што е знак, симбол, архетип на нашето Име и автентично постоење. Да, драг читателу, а јас и пред Хајдегер го знаев тоа, дека човекот е создание на јазикот, а не обратно како што тврдат мајмуноликите еволуционисти. Знаев и пред Октавио Паз дека тој е битие составено од зборови, а не од црева и од задник како што мислат нашите странски и домашни ликвидатори. Знаеше и Конески, па по патеката на тоа скапоцено спознание го прогласи јазикот за „наша Татковина“. Татковина на нашето колективно, но и индивидуално битие на секој поединец како природен дел на тој колективен организам, кој сега се ништи. Јазикот со кој родот и неговите членови се служат како со катадневен насушен леб. Да се присетиме во тој контекст и на пораката на Исус дека луѓето ќе се хранат не само со леб, туку и со Зборови, Лебот на Божествениот Логос. Оној кого сега ни го отимаат и забрануваат меѓународните и домашните сатрапи на темнината и злото, кои одат рака под рака со Сатаната, Кнезот на темната светска ноќ без ѕвезди. Арно ама ние не сме го заборавиле тој Свет Леб, нашиот Дух е тоа и ние него како Света Нафора и Вино, повторно ќе ѝ го подариме на безбожната Европа како тогаш пред две илјади години кога по Божја заповед дојде апостол Павле во Македонија.
При крај сме. Доста е сега засега, драг читателу. Знам, сега бараш уште од мене и конкретен одговор на заглавието од нашата денешна колумна: како да се надмине бескрајната наша болка? Одговарам. Нема со што друго освен со страдање, кое нам, на Македонците не ни е туѓо. Македонското историско мартирство тешко дека може да се споредува со некое друго. Ќе ја надминеме таа болка со страдање, но и со очекување (слично на апостол Јован во неговото новозаветно апокалиптично „Откровение“ на големата спасителна катастрофа што ја очекува оваа безбожна цивилизација, посебно „вавилонската ороспија Европа“ (Цепенков), заедно со железната империја Америка, како казна за нивниот грев кон Македонија, но и кон други: Сирија, Либан, Авганистан, Ирак, Јемен, Либија, Србија, Босна и Херцеговина итн. Кој ќе ги доброи. И правдата ќе биде задоволена, како што им вети Бог дури и на праведниците во гробовите. Не е важно што мислат Трамп, Меркел, Макрон, Меј и другите сатрапи на оваа сатанистичка цивилизација. Планот на Божествената Правда и Вистина е немилосрден, доаѓа и ќе дојде за нивна жал, а за наша радост. Можеби и по милениум, два, оти како што рече и Исус тие нешта како датум и час ги знае само Таткото. Но ќе се случат.