Не е доволно само да се викаш Зоран Заев. Треба навистина да си Зоран Заев за да бидеш убеден дека новата влада под негово раководство има силно изразени стабилни позиции, дека ќе издржи цел мандат од четири години и дека во најголем дел ќе ја оствари програмата што ја предвидел Социјалдемократскиот сојуз, мнозинскиот дел од владејачката коалиција во Македонија.
Ова сега е втор мандат за Зоран Заев како претседател на Владата. Во принцип, првиот мандат е задоволство, вториот е грижа. Ако првиот е гордост и занес вториот е тежина и мака. Ако првиот е идеализам, вториот е сурова реалност. По некое непишано правило, а се однесува не само за претседатели на држави и премиери туку и за други функции, вториот мандат секогаш е потежок од првиот и завршува понеславно од претходниот.
Третиот, во многу случаи, се ближи кон целосен, личен, владино-персонален и партиско колективен крах. Македонскиот пример со Никола Груевски и со ВМРО-ДПМНЕ, кои беа на власт 11 години, е недамнешен, близок, посведочен и поучен, гледан во тие временски релации. Секако и од аспект на епилогот со неговото бегство од земјата и со закрвавените позиции на неговите партиски наследници, не само во битката за тронот.
Реално кажано, штотуку избраната влада го има најтесното собраниско мнозинство во 30-годишното повеќепартиско политичко организирање на државата по нејзиното осамостојување.
За кој било објективен посматрач, мнозинството од еден или двајца пратеници не дејствува ветувачки за толку сигурно и храбро да се тврди дека Владата ќе има долг век. Нејзината судбина е во рацете на еден или два мандата, конец што лесно може да се скине. Не треба да се заборави дека времињата се лажливи, а луѓето во политиката секогаш превртливи, зависно од понудата. Искуствата во некои парламенти покажуваат дека тесната разлика во пратеници понекогаш е плодотворна, понекогаш уништувачка. Има примери на долготрајни влади со тесно мнозинство, но и за нивно брзо паѓање предизвикано само од тоа што на еден или на двајца пратеници не им биле задоволени апетитите, какви и да биле тие.
Во сегашна мултиетничка, мултикултурна и мултирелигиска, Северна Македонија, повеќе е проблем одошто предност што Владата е составена од (главно) две партии, кои речиси по ништо не се блиски и исти, односно по трите наведени одредници се различни. Освен целите со членството во НАТО и намерите за интеграција со Европската Унија, двете водечки партии, СДСМ и ДУИ, немаат многу допирни, заеднички точки.
Ниту национални, ниту регионални, ниту идеолошки, освен некои практични. Различни, хетерогени им се и интересите, особено националните, етничките, културните, дури и надворешните врски. Нивниот по сѐ изгледа принуден брак е од поинаков интерес и тој ќе функционира додека не дојдат на дневен ред посложени прашања што може да донесат противречности, можеби и конфликт.
ДУИ за овие дваесет години израсна во моќен државен фактор, исфрли на површина една способна албанска групација, која програмирано, организирано, мудро и стратегиски одлично одработено, експресно издејствува права што порано беа незамисливи, низ горчливо чувство меѓу мнозинството Македонци. Нивната кохабитација во Владата ја држи потребата за меѓунационален мир и странскиот, пред сѐ американскиот и германскиот, фактор.
Во оваа смисла и сега кај еден не мал дел од Македонците и кај помалите етнички заедници е присутно горчливото чувство дека помалиот владин партнер добил поголеми, поважни и побогати министерски и управувачки ресори, што во извесна смисла него го прави и поклучен при донесувањето на одлуките. Таквата ситуација со простиот јазик се прикажува како давање премногу власт и премногу права на албанскиот политички блок на штета на македонскиот.
Но можеби токму тука лежи умешноста и улогата на претседателот на Владата Заев за зближување на тие интереси и за функционирање од обострана државна корист. Заев во минатите три години на тоа место покажа високи способности за кооперативност, за постигнување прифатливи компромиси, за наоѓање креативни решенија, како и гравитациска сила околу себе да привлече луѓе и да обезбеди мнозинство и тогаш кога тоа изгледало просто невозможно.
Сигурно дека во оваа влада лесно ќе се донесуваат решенија за попериферни прашања, но неизвесно ќе биде за посложените, особено за распоредот на буџетските и вонбуџетските пари, како и за одлуки за кои е потребно двотретинско мнозинство. Познато е дека Заев успешно и на изглед без голема мака обезбеди осуммина од минатиот собраниски состав за клучните одлуки за промената на името, за албанскиот како втор службен јазик, за приемот во НАТО. Но ако тогаш требаше да премисли, убеди, намири и концесионира осуммина, сега ќе треба најмалку осумнаесет. Иако цената за осум и за осумнаесет не е иста, се покажа дека нема цена што не може да се изложи кога е во прашање остварувањето виши цели.
Работата на новата влада со старите коалициски партнери ќе мора да се заснова на неколку принципи, кои не само што се наѕираат туку се и потврдени. Имено, како што е веќе кажано, главното врзивно ткиво е НАТО, придружено со активностите за приближување до ЕУ. Сепак, тие две теми како такви ќе ја немаат во иднина силата за влијание врз граѓаните за некаква позитивна промена на нивното мислење, ако работите не одат добро на домашен терен. Во согласност со таа линија, Владата ќе се труди докрај да ги спроведе сите меѓународно признаени и прифатени обврски, нема таму што да преиспитува и да коригира. Тука нема ништо да биде дискутабилно и спорно освен, евентуално, делови од договорите со Бугарија и со Грција. Станува збор за оние сегменти што се неповолни за македонската држава (за Гоце Делчев, на пример), а за кои ќе преговараат министри што не ги познаваат доволно македонската историја и борбата на македонскиот народ за стекнување слобода и потврдување на неговата самобитност.
Ако веќе се декларира како демократска, отворена и транспарентна, дека ќе работи посветено, во согласност со Уставот, законите и интересот на граѓаните, дека ќе направи структурни реформи во јавната администрација, во делот на правото и обнова на правната држава, ќе мора тоа и да го прави. Никој веќе не верува на празни фрази, дури ни самите фразери. Секако, во тие приоритети е и борбата со корупцијата, пред сѐ во сопствените редови, и нејзиното намалување, ако не и искоренување. Таа долгорочна антикорупциска операција треба да ги извади најжешките костени од зовриениот котел, ако сака Владата да ја поврати репутацијата на чесност во овој сегмент на владеењето. Секое скршнување ќе биде голем минус, непоправлива грешка. Секое нечинење ќе шири атмосфера за криминогеност, на едно болно општество и на држава немоќна да се справи со политичкото и влијателно бизнис-подземје.
Ако се остават намира политичките флоскули и познатата политдемагогија, најклучното прашање од интерес на државата и граѓаните е економијата, а со неа растот на животниот стандард. И така слаба, технолошки застарена, нископродуктивна, уште послабо платена, како важна потпора на една држава, македонската економија ги доживува своите црни денови предизвикани од корона-епидемијата, но и од други фактори. Битката да се санираат штетите, да се најдат нови пари и да се надоместат долговите нема да биде ниту лесна ниту кратка.
Егзалтираните изјави дека сѐ ќе оди подмачкано повеќе може да се сфатат како фигуративно цвикање од стравот што може да се случи одошто како резултат на реални проекции. Непризнавањето дека доаѓа тежок период што ќе го почувствуваат и фирмите и граѓаните на истава влада може да ѝ се врати како бумеранг и да му ја оттргне од под нозете и така тенката и лизгава черга. Почетниот оптимизам на владеење, речиси по правило, на крајот завршува со некаков песимизам. И кај оние што владеат и кај оние што биле владеани. Белким никој не очекува наесен и во зима од небо да врнат долари наместо дожд и снег за да бидат задоволени сите потреби и барања.
Убаво се напишани партиските програми, пријатно е да се читаат големи планови, восхитувачки е да се чекаат грандиозни проекти, красно е да се живее во надежни очекувања, но секогаш постои опасноста од силна разочараност поради малите остварувања. Не е невистина ако се рече дека нема влада на светот што сто отсто ги остварила ветените програми во еден мандат. Ретки се владите на кои им успева тоа да го остварат со педесет отсто, под успешни се подведуваат оние што остваруваат нешто над триесет отсто од ветеното. Во Македонија, во сегашниве политички, меѓунационални, економски и здравестевни констелации да дојде и германската канцеларка Ангела Меркел на чело на кој ладата тешко дека ќе успее да стори нешто повеќе.
А Меркел нема да ја види Македонија, ниту пак ќе прати еден воз пари. И НАТО не е познат како фирма со широка рака, напротив, традиционално, повеќе зема одошто дава. Целиот товар останува врз Владата и врз нејзиниот претседател, помалку и на неговите соработници. При последните избори СДСМ на чело со него умешно и успешно се извлече. Тешко е да се поверува дека низ таа тесна капија ќе може да се провлече уште еднаш ако нема видливи резултати.