Цревниот нервен систем претставува екстензивна мрежа составена од неврони и трансмитери, кои се вгнездени во ѕидот на хуманото црево. Нивна примарна функција е да ја менаџираат дигестијата, но поновите истражувања засегаат во комплексноста на овој систем, сличен на мозокот, и откриваат некои негови „тајни“ способности
Искуствата во хуманата еволуција покажале дека постои несомнена поврзаност меѓу гастроинтестиналниот систем и мозокот. Не е без основа народното толкување, ми пукна жолчката од секирации! Или, цревата ми се подигаат кога ќе го видам него! Луѓето преку сопствените искуства сфатиле дека овие два система, иако далечни по локализација во нашето тело, се извонредно блиски по своите функционални поврзаности.
Цревниот нервен систем претставува екстензивна мрежа составена од неврони и трансмитери, кои се вгнездени во ѕидот на хуманото црево. Нивна примарна функција е да ја менаџираат дигестијата, но поновите истражувања засегаат во комплексноста на овој систем, сличен на мозокот, и откриваат некои негови „тајни“ способности.
Постои специјален вид неврони во ѕидот на цревото што комуницираат преку сигнали со неврони надвор од цревото, поточно сместени во ’рбетниот мозок близу мозокот (мозочно стебло). Комуникацијата црево – мозок е една од најмалку објаснетите појави, особено кај болеста на Паркинсон.
Поврзаноста на цревото со мозокот претставува како еден вид „монитор“ за случувањата во интестиналното ткиво и неговата содржина (бактерии и диетални содржини), а со тоа се регулираат физиолошките интестинални функции, какви се апсорпцијата на храна и мотилитетот, а особено поведението поврзано со исхраната. Со тоа, логичен заклучок е дека постои циркуит (круг) што ги детектира микроорганизмите во цревата и овие информации ги праќа во делови на мозокот, кои, за возврат, ја регулираат физиологијата на цревата.
Цревните микроби ја модулираат активноста на цревните симпатички неврони. Докажано е дека во цревата постојат околу 100 милиони неврони, што како логичен заклучок наложува овој дел од човечкото тело да се нарече – секундарен мозок. Голем предизвик на современата наука е да се разјасни како невроните во цревата комуницираат со невроните во мозокот и како недостигот од овие процеси доведува до болест.
Зголемен број микроби во цревата доведува до зголемена експресија на неврален транскриптивен фактор цФос, што во стерилното црево предизвикува продукција на кратковерижни масни киселини, а овие како повратна информација ја смалуваат продукцијата на цФос во цревните симпатични ганглиони.
Истражувањата покажале дека цревните бактерии играат директна улога во овие невронски комуникации, детерминирајќи го мотилитетот на цревата. Наодите од анимални истражувања се објавени во најпрестижното списание „Нејчр“ во јули 2020 г. Оваа директна меѓузависност на микробите во цревото и функциите на мозокот имаат силна импликација во лекувањето на гастроинтестиналните проблеми.
Микробите го регулираат невронскиот циркуит, кој од цревото оди во мозокот и повторно се враќа на почетната локација. Некои од невроните во овој циркуит се здружени со феноменот опишан како „иритабилен колон“, па е логична претпоставката дека дизрегулација на овој циркуит предиспонира појава на ова растројство. Инаку, да потсетам дека иритабилен колон е едно од најчестите гастроинтестинални растројства во минативе децении.
Испитувајќи група глувци, кои од раѓањето биле чувани во стерилни услови, научниците покажале дека кај нив се многу активни гени наречени цФос, кои се маркери за невронската активност. Оваа зголемена невронска активност за возврат предизвикува храната да се движи многу побавно отколку вообичаено низ дигестивниот систем. Ако се смали активноста на овие невронски активности, тогаш се забрзува активноста во цревата.
Не е сосема јасно како овие неврони го чувствуваат присуството на цревни микроби, но се претпоставува дека тоа се случува преку кратковерижни масни киселини, кои во цревото ги создаваат токму бактериите. Помалку вакви масни киселини во цревата се асоцирани со поголема активност во невроните поврзани со цревата.
Друга загатка е како поврзаните неврони во цревата се активираат ако во нив нема микроби, па не се ослободуваат масни киселини директно на површината на цревниот ѕид. Во таа насока, обратниот експеримент покажал дека постојат неврони во мозочното стебло што ја забрзуваат активноста во цревата без присуство на микроби.
Понатаму, работата била насочена да се обрне внимание на сензорните неврони што испраќаат сигнали од цревото кон мозочното стебло и е покажано дека овие сензорни неврони се најмногу присутни на оние делови на цревото каде што има високо ниво на микроби, вклучувајќи и масни киселини. Тоа значи дека постои вистинска јамка помеѓу невроните во мозокот и оние во цревата и дека оние неврони надвор од цревата можат да ја контролираат функцијата и во самите црева. Понатамошен предизвик е да се потврди влијанието на цревата во развој на некои невролошки болести, промени во поведението и сл.
Со други зборови, поврзаноста на цревото со мозокот преку невронската мрежа навистина го потврдува народното толкување дека во некои стресни моменти проработува токму гастроинтестиналниот систем.
Најбитно од сѐ во овие нови сознанија се предизвиците да се најде точниот механизам за развој на невролошки растројства чија основа би била токму во лошото функционирање на цревата, а со можност и да се произведат соодветни медикаменти за нивно лекување.