Ајде да отвориме дебата, макар и со колумни! Тоа ретко се случува, бидејќи дури и кога е нешто провокативно, најчестиот одговор е игнорирање на оној со кого не се согласуваш (или озборување зад грб), а тивка поддршка на оној што го кажал она што ти не се осмелуваш. Темата што ја зафати Венко минатата недела е, признавам, исклучително значајна и малку третирана. Колумната не само што допре некои табу-теми, туку во реакциите по неа испливаа сите предрасуди и стереотипи со кои живее македонското општество. Мнозина ќе се скандализираат од мојот обратен став. Особено ќе бидат погодени оние што сметаат дека да се биде „добра Македонка/Македонец“ нужно мора да се држат конзервативни ставови и почитуваат „традиционалните/верски/семејни“ вредности. Последниве месеци и јас веќе не ги препознавам луѓето што сум ги сметала за разумни и умни, па меѓу нив откривам (прикриени или отворени) ксенофоби, хомофоби, антиваксери, теоретичари на заговори од најневеројатен тип итн. Тие, се разбира, за себе имаат мислење дека се многу доблесни луѓе. Така, наидувам на фејсбук-статус со следнава содржина: „Увозот на мигранти и извозот на деца се вика трговија со луѓе“. Се обидов да влезам во дискусија, објаснувајќи дека ваквиот став кон мигрантите (и создавањето страв и одбивност кон нив) е чиста ксенофобија, дека само во теориите на заговор постои „увоз на мигранти“.
Меркел ги отвори портите за над 800 илјади економски мигранти и бегалци, но тоа беше рационален одговор на потребата на Германија од евтина работна сила, а не алтруизам или заговор за менување на германскиот карактер на општество и неговата култура/идентитет. Европските општества стареат, а и нашето исто така. Увозот и извозот на кој се реферира овде воопшто не можат ниту да се споредат ниту стават во иста реченица. Превезувањето мигранти на црно не е увоз, туку криминал, но, за жал, некогаш единствен „спас“ за мигрантите е да прифатат таква опција, бидејќи државите низ кои минуваат ги гледаат како да се чума. Сцените од 2015/2016 сè уште се свежи. Трговијата со деца е кривично дело, тоа е барем јасно. Добив жесток одговор од, за мене, непозната госпоѓа, која распали жестоко: „Моите симпатии исклучиво се на страна на ДЕЦАТА!!! Мигрантите кои никогаш ништо нема да работат и прават што сакаат (а законите ги штитат како бели мечки) и кај таа Меркел и сегде кај што стапнаа. Од илјадници колку се увезени на прсти можат да се избројат чесни и добри луѓе меѓу нив.“ Останав без текст, особено кога видов дека госпоѓава е наставник во основно училиште! Не е само до електронската платформа што паѓа; многу посериозно е прашањето кој ги воспитува децата и на какви „вредности“.
Односот кон истополовите партнерства е нешто со што нема да се согласам. За волја на вистината, најтешко ме има измамено еден човек, кој припаѓа на геј-популацијата, познат активист кому му се најдов кога остана сам и не можеше да ја погребе својата стара мајка – за потоа да одбие да ми ги врати парите што му ги позајмив во мака; но тоа нема врска со генералната популација, туку со човековиот карактер и/или неморал. Едно е трговија со деца, саеми, педофилија, и секаква друга злоупотреба на децата (вклучувајќи и политичка). Но реакциите на колумната покажаа како си ја сфатија луѓето (се разбира, авторот не е виновен за тоа): преку наводната грижа за децата се оправдуваше сопствената хомофобија. Ќе се сложам и со многу ставови изнесени во колумната: да, светов се чини дека забегал (повторно и повторно); сè е комодифицирано, сè е предмет на трговија, па и човечките души и умови (кои се продаваат и купуваат зависно од понудата и побарувачката). Да, работите отидоа толку далеку што навлегува и во детските животи, најранливата популација, што нужно предизвикува аларм. Ќе се сложам и со нездравото помодарство (мене она неверојатно мултиплицирање на кратенката ЛГБТИ+ ми се чини не само глупава, туку и контрапродуктивна за правата на оваа популација). Дефинитивно ни ја натураат тезата дека сè што доаѓа од Западот како напредно и пожелно. Ќе се сложам дека сурогат-мајчинството (изнајмување на матката на жената) е нешто што е неприфатливо и неморално, најмногу поради тоа што младите жени се често принудени на ваков потег поради социјални причини (исто како што луѓе продаваат бубрези или други органи за да обезбедат егзистенција или како што се проституираат). Суров е овој свет, колку на Западот, толку и во оваа тешка периферија. Но суровоста се огледува и кон предрасудите, кои (не)свесно се изразуваат спрема „различните“. Затоа, решив гласно да проговорам во нивна одбрана.
Прифаќањето на луѓето со различна сексуална ориентација оди тешко дури и во општества што се фалат со широкоградост. Доволно е да ги чуете вицовите на нивна сметка. Попусто креирање „политички коректна“ литература и кинематографија (да, видливо е дека речиси нема литературно дело или филм во кој нема меѓу карактерите да најдете припадник на „различните“). Не ми се допаѓа таа божем суптилна ама изнасилена „едукација“. Но кога ќе го чујам арсеналот на (скриените) хомофоби помислувам дека можеби не сум во право. На пример, тезата дека хомосексуалците си го одбрале начинот на живот и живеејќи во истополово партнерство се откажале од родителството не ми е прифатлива. Прво, хомосексуалноста не е прашање на избор (или болест), туку вродена склоност. Второ, родителскиот инстинкт е универзален. Го имаат и луѓе што (природно) не можат да зачнат живот, некогаш се подобри родители од биолошките. Зошто би било поинаку со хомосексуалците? Зошто нивна демонизација? Трето, иако не сум за нарачки на новороденчиња поради огромниот број деца без родители, посвојувањето дете од хомосексуалци е хуман чин исто како кога тоа го прави хетеросексуален пар.
Онака како што хетеросексуалците (особено конзервативните) не им зборуваат на децата за секс, зошто би било инаку со хомосексуалните парови. Она што родителите го прават во спалната соба, останува таму. Загрижените се вџашени: ама како ќе пораснат здрави и нормални деца? Еве, во земјава 99,9 отсто се зачнати во „нормални“ семејства, ама видете колкумина останаа нормални. Што значи „нормално“? Дали се нормални децата растени во нефункционални семејства, во оние во кои има семејно насилство, алкохолизам, ментално болни а запоставени родители, родители под стрес од социоекономска несигурност?
Во Хрватска (која сериозно се движи кон крајна десница) неодамна беше одобрено првото посвојување дете од геј-пар. Знаете кои беа најхистеричните гласови против? Оние на поддржувачите на „семејните вредности“ и усташтвото. Но нема место за паника, барем во конзервативното македонско општество. Овде хомосексуалците сè уште се борат за сопствената егзистенција, се кријат, па за нив протестираат активисти. Овде не мислам на енџиоизацијата (и особено на нивните шарени активисти). За жал, како што имаме професионални Албанци, така имаме и професионални ЛГБТ-претставници (што им донесе повеќе штета од права на загрозените). Јас не би им препорачала брак (од едни причини), но и посвојување дете од други. Тоа дете би било острахирано, стигматизирано без вина и крајно несреќно, бидејќи оваа нехумана средина ќе им ги загорчи животите само затоа што не се вклопуваат во општото (конзервативно) сфаќање на моралот и вредностите. Возрасните одлучуваат за себе и ризиците што можат да ги преземат, но на душа да носиш детски живот е сосема друга работа. Овие загрижени верници можат да здивнат. Овде не сака да живее никој кој сака да дише слободно, бидејќи го толчат од сите страни.
Хомосексуалноста била повеќе почитувана во древните цивилизации (па и онаа на Аце Големиот, нели, а за Кама сутра и да не ви зборувам), отколку во Македонија во 21 век. Да се биде геј не значи да се биде прогресивен, бидејќи во таа популација има и десни и леви, и конзервативци и прогресивци, и црни и бели, и богати и сиромашни, и добри и лоши луѓе. И да се биде стрејт, не е никаква работа за гордост. Ако некој со векови профитирал и профитира од трговијата со луѓе и деца, тоа се мнозинството стрејт-луѓе. Наместо да се размислува за поедноставување на политиката за посвојување деца, овде се морализира и осудуваат оние што се подготвени да си ја земат таа тешка и одговорна работа: да подигнат дете и да му дадат среќно и безбедно детство, далеку од ужасите на домовите за сираци, кои се како да излегле од страниците на „Оливер Твист“.
Се сеќавате на сексуалното искористување (хетеро!!) на штитенички на домовите? И никој не одговараше! Ајде прво да си погледнеме во душите и во сопствените дворови, пред да им береме гајле на оние од забеганиот џет-сет. Бидејќи овде можеме многу повеќе да влијаеме на згрижување на децата, во кои толку се колнеме. А импутирање дека геј-популацијата е умоболна или предаторска (педофилна) е нешто врзано со перверзната фантазија на некои зелоти „верници“.