Очигледно е дека сиромаштијата сѐ повеќе е загрижувачка појава кај повеќе семејства и поединци. Се наметнува потребата да се направи нова анализа на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата за 2020 година, за осознавање и овозможување посистематски пристап за новите влијанија на пандемијата врз економската криза и на загрижувачкото ширење на сиромаштијата во нашата земја
Пандемијата на коронавирусот над три месеци е актуелна во многу земји во светот и кај нас. Интерактивностите помеѓу пандемијата, економската криза и сиромаштијата се нераздвојни и меѓусебно многу зависни. Вонредната состојба, полициските часови, самоизолацијата, карантините со кои се соочивме поради пандемијата полека како да се надминуваат, но последиците за економската стабилизација, а со тоа и за сиромаштијата сѐ повеќе загрижуваат. Но и бројот на заболените наместо да се намалува во последно време како да се разгорува. Дневно се бележат од 100 до речиси 200 заболени лица. Во овој период значително е зголемен и бројот на починати, така што вкупната бројка надмина 220, од кои поголем број се возрасни лица. Со тоа споредбено на еден милион жители сме рекордери на Балканот.
Се покажа дека во вакви услови патот за излез од кризата не може да биде ниту лесен, ниту брз. Познато е дека во времето на здравствената криза огромна штета претрпеа најголем број компании. Најпогодени се угостителството, туризмот, транспортот, културни, спортски и други организации, кои поради корона-кризата беа принудени да престанат со работа. Бројот на невработени расте, а на вработените се намалува, што негативно влијае и на даночните приходи на државата и се рефлектира на рекорден годинашен буџетски дефицит. Бруто-домашниот производ значително се намалува, а со тоа се зголемува сиромаштијата.
Истовремено јавниот долг рапидно расне. За надминување на сево ова очигледна е потребата од поголема интензивна подршка од Европската Унија, како и од меѓусебна солидарност помеѓу јавниот и приватниот сектор и слично. Експертите со право сметаат дека економската криза може да се ублажи со побрзо успешно рестартирање, особено на поголемите значајни компании со поголем број вработени и истовремено да се заштитат од пропаѓање мали и семејни бизниси. Од моето долгогодишно новинарско искуство во следењето на проблематиката на економијата и бизнисот, сметам дека е многу значајно и во услови на криза да се зголемуваат домашното производство и домашната потрошувачка и да се задржи досегашниот режим на девизниот курс, што е многу битно за макроекономската стабилност.
Чувствувам дека е потребно повторно да се истакне потребата на сите граѓани од нашата, со устав прокламирана, социјална држава, да се најдат можности да им се доделат посебни средства како еднократна помош за да можат за време на корона-кризата да ги задоволат основните животни потреби. Меѓутоа и покрај честите укажувања, и со третиот пакет владини мерки, поради коронавирусот, пензионерите не беа опфатени. И кај нив, корона-кризата влијаеше на зголемувањето на животните трошоци, поради снабдување со нови лекарствата, зголемени цени на зелените пазари, задолжително снабдување заштитни маски, ракавици и средства за дезинфекција. Со други зборови кажано, животниот стандард на пензионерите сѐ повеќе е загрозен.
Околу 200.000 пензионери имаат пензија до 15.000 денари. Од нив 120.000 се ранлива категорија со 11.700 денари, односно над 70.000 пензионери со износ на пензии до 9.700 денари живеат под граница на сиромаштија. Во нашата земја се евидентирани 324.100 корисници на пензија, од кои со старосна пензија 214.700, со семејна 75.800 и со инвалидска 33.600. Вкупната просечната пензија изнесува 15.313 денари. Според најновите податоци од Фондот на ПИОСМ, евидентирани се 1.150 воени пензионери и нивната просечна пензија изнесува 22.970 денари. Корисници на земјоделска пензија има само 140, со просечна пензија од околу 8.000 денари. И уште еден значаен податок: во мај поради повеќе причини и дел од ковид-19 починале вкупно 1.442 пензионери од кои 210 жени. Претходно во јануари бројот на починати бил 1.420, во февруари 1.377, во март 981 и во април 1.074.
Очигледно е дека сиромаштијата сѐ повеќе е загрижувачка појава кај повеќе семејства и поединци. Се наметнува потребата да се направи нова анализа на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата за 2020 година, за осознавање и овозможување на посистематски пристап за новите влијанија на пандемијата врз економската криза и на загрижувачкото ширење на сиромаштијата во нашата земја. На тоа укажуваат и повеќе примери на земјите од нашето опкружување.
Владата на Србија веќе донесе уредба од 15 мај за исплата по 100 евра, на пензионерите и на корисниците на социјална примања како финансиска помош за санирање на последиците од коронавирусот. Во првата група се опфатени околу 1,7 милион пензионери кај нашиот северен сосед. Претходно уште на 15 април во Словенија е доделена солидарна помош поради коронавирусот на три групи пензионери. По 300 евра помош добија сите пензионери што имаат пензија до 500 евра. За оние на кои пензијата им изнесува до 600 евра помошта изнесуваше 230 евра, а пензионерите со пензија до 700 евра добија помош од 130 евра. На корисниците на пензија со поголеми износи не им беше доделена никаква помош. И сето тоа беше прифатено без забелешки.
Многу примери во нашето опкружување и пошироко укажуваат на потребата од максимално ангажирање на сите фактори и на граѓаните за сузбивање на коронавирусот со што помали последици. Во нашата земја и во услови на епидемијата за 15 јули се закажани предвремени парламентарни избори. Тие треба да се одржат со почитување на здравствените безбедносни мерки во фер и демократска атмосфера. Отворен проблем и натаму остануваат популистичките појави, ширењето на лажните вести и говорот на омраза. До кога?! Во борбата против овие негативни појави посебна улога треба да одиграат и медиумите со пообјективно информирање за предизборните и изборните активности. Тие, според сите сознанија, со точни и навремени известувања полагаат голем и значаен испит пред домашната и меѓународната јавност.
(Авторот е новинар,
публицист и експерт за трета доба)