Семиотиката, како наука за означувањето, нè учи дека бришењето е речиси невозможно, без разлика што компјутерите денес ни ја даваат илузијата на дефинитивно бришење. Кога бришете на лист хартија, дури и да станува збор за најсовршена хемикалија или средство за бришење, на хартијата сепак ќе останат траги од избришаното…
Ниедна институција нема да стане подобра додека во неа не влезат добри луѓе
Еден мој драг пријател, уметник, пред многу години реши да се исели одовде и да си ја проба уметничката среќа во белиот свет. Овде го одбиваа, каде и да се јавеше за работа. И успеа таму, „надвор“, ама му остана раната што овде не го виделе и забележале. Го тешев со онаа „ниеден пророк не е омилен во сопственото село“, за да му кажам дека така било не само денес, туку од памтивек. Ама и да е вистина тоа со пророците и нивните села, треба да се знае „зошто“. Човекот, оној вистинскиот, што сакам да го скицирам во овие скици, секогаш се дефинира како суштество кое се прашува „зошто“. Оној лажниот, незаинтересиран за својата душа туку само за својот паричник, напротив, се дефинира само со прашањето „како“. Како до целта.
Денес говорам за уште една човекова „црна особина“ – не само да завидува, туку и да ГО БРИШЕ оној кому му завидува. А бришењето, како и премолчувањето, по дефиниција се елиминации. Фалсификации.
Пријателот смета дека тоа бришење од општеството, кое има корен во индивидуалната завист кон другиот, во нашата чип-ера има дополнителен стимул во магичното копче DELETE на компјутерската тастатура. Бришењето почнува со навидум „неопштествени“ стратегии на целосна депривација, а продолжува со деперсонализација. На пример, вели тој, почнува од навидум случајното одземање на личното место за паркирање. „Кога и да дојдев дома од странство“, вели тој, „секогаш пред мојата куќа во населбата стоеше паркирано туѓо возило.
На првото доаѓање едно, при следните доаѓања повеќе. На крајот, дојдов до ситуација да се распрашувам кои се тие луѓе: беа доселеници во мојата населба, во која градежната мафија дозволи на површина од обична барака да се подигаат четирикатни згради, така што по тротоарите немаше место веќе ни за староседелците. Војна водев со ‘новите’, докажувајќи им дека тука сум живеел од раѓањето, но нивниот коментар секогаш беше: ‘Но сега не живееш’. Тоа значи – ако те нема подолго време крај казанот на општеството, бришан си од списокот на абоненти.“
Тоа „заборавање“ и „бришење“, се разбира, не е инспирирано само од индивидуалната лакомост и максимата „грабни сè што е слободно, макар и паркинг-место“. Тоа бришење има корени во „колективната свест“, а бидејќи секоја колективна свест е лажна свест (свест има само личноста), тоа бришење е само имитација на една пеколна, колективна, идеолошка матрица останата од времето на комунизмот. И тогаш извесни политички неподобни личности беа „бришани“, односно – избегнувани поради нивните политички ставови, нешто што помладиве генерации најдобро можат да го сфатат ако ги проучат биографиите на писателите Венко Марковски или Јован Котески. Жигосани и избегнувани дури и од најдобрите дотогашни „пријатели“, по осудата од партијата на власт.
Но во случајот со пријателот, „заборавањето“ на поширок план не е од политички, туку од професионални (вредносни) причини. Мојот пријател вели дека тоа „бришење“ од вредносни причини не се разликува многу од политичкото, зашто се шири еднакво брзо, како дамка мастило врз бел лист хартија: првите години добивал понекоја покана за учество на разни домашни симпозиуми, концерти, уметнички настани. Потоа, постепено, неговата адреса како да престанала да постои. И покрај тоа што е европски познат уметник, наскоро го снемало во републичките, а потоа и во локалните антологии на најдобрите поединци во неговата уметност, за на крајот „случајно“ да го испуштат дури и од адресарот на друштвото на неговите уметници. И, ако примерот со одземањето место за паркирање пред куќата е класичен пример за депривација (лишување од материјалното), тогаш ова, второво, е пример за целосна деперсонализација: локално се брише сето она што НЕКОЈА ЛИЧНОСТ дотогаш го постигнала, а „надворешните“ успеси се премолчуваат.
Ако пријателот самиот не јави преку медиумите за своите успеси, медиумите сигурно нема да се сетат.
Минатиот пат реков дека многумина оваа „амнезија“ или „склероза“ ја поврзуваат со некаква наводна македонска особина, но јас сум убеден дека тоа не може да биде особина на цел народ, туку само на поединци со запуштена душа, неспособна за воодушевување од другиот. Да тврдите дека на планетава Македонците предничат во зависта е еднакво бесмислено како и да тврдите дека Македонците побрзо се опиваат од Шкотите или Србите. Дури и при пиењето алкохол не е пресуден алкохолот, туку поединецот што пие. Не е алкохолот тој што опива и дава квалитет на пијанството, туку душата.
Така, некој пијан се смее, некој крши и тепа, некој пее и плаче, некој сака да вози до Солун на кафе, некој им телефонира на своите претходни љубови.
И така, со текот на годините, мојот пријател бил избришан од „општественото книговодство“ на заслугите, но никогаш од општественото книговодство на обврските: плаќање данок, на пример. Не станува збор за организиран општествен акт на бришење поединец, туку за акт на доброволно, околу ист интерес здружени арамии со запуштени души, со талент тенок како тел од тамбура, и тоа од неговата уметничка фела. Друга работа е тоа што СИСТЕМСКИ функционираат поефикасно и од тоталитарна општествена структура, каква што беше источногерманската Штази. Премолчи го на овој фестивал, не ставај го ни во најширок избор за некое признание, исфрли го од учебниците, не спомнувај го кога ќе постигне успех… И? Мислат дека го избришале?
Семиотиката, како наука за означувањето, нè учи дека бришењето е речиси невозможно, без разлика што компјутерите денес ни ја даваат илузијата на дефинитивно бришење. Кога бришете на лист хартија, дури и да станува збор за најсовршена хемикалија или средство за бришење, на хартијата сепак ќе останат траги од избришаното: палимпсестите од средниот век се типичен пример за тоа. Со ноже, во недостиг од папирус, се бришеле стари текстови, за врз нив да се пишуваат нови. Но и кога ќе се напишел нов текст, меѓу редовите можеле да се забележат (и да се реконструираат) цели реченици од стариот текст. Само на компјутерскиот екран бришењето изгледа совршено, како совршен злостор. Но, за среќа, културата не е компјутерски екран, туку палимпсест, и тоа сочинет од многу, многу ракописи. И да избришете еден, ќе остане некој друг, кој можеби сведочи токму за избришаниот, а и избришаниот, ако малку го начадите, може да се појави. И конечно: кога бришете, дури и на компјутерски екран, вие секогаш ги бришете само означителите, но никогаш означеното. Ако ја избришете реченицата „Кралот е глупав“, вие сте избришале едно „к“, едно „р“, две „а“, две „л“… Само означители. Ама не сте ја избришале мислата, ниту фактот дека кралот е глупав. Некој сигурно ја прочитал пред бришењето, му се втиснала во свеста, и еден ден ќе ја сведочи.
Затоа: бришачи, заборавачи на вредностите, не играјте се со тој ѓаволски трик – бришењето. Да можете, и во генот на надарените би ја избришале дарбата, ама тоа не е можно. Затоа, пишувајте наместо да бришете. Ако немате за што, пишувајте за она што сте го избришале. Сетете се на тоа. Олеснете си.