Мислењето на одделни академици дека политичарите требало да застанат зад научниците е груба замена на тезите. Имено, најсилното оружје на научниците се неоспорните факти и аргументи и ним не им е потребна поддршка од политичарите, освен материјални услови за работа, кои, за жал, многу малку ги добиваат од државата. Напротив, политичарите се тие на кои им треба поддршка од научниците, но не купена и сервилна поддршка за одбрана на нивните најчесто лични политички интереси, каква што главно бараат и, за жал, ја добиваат од поединци
Негирањето на македонскиот идентитет со барања за преобликување на македонската историја и преименување на македонскиот јазик – двата столба на идентитетот на секој народ – според бугарски терк, е безочно, дрско и невидено однесување во 21 век, и тоа од страна на членка на Европската Унија, која пак се цени како највисок демократски облик на политичко здружување и дејствување на европско тло досега, иако во случајот со Македонија не го докажа тоа.
Барањата од бугарските политичари најпрвин за поинакво толкување на македонската историја, здушно се поддржани или, пак, премолчено прифатени од „научници“ од двете страни, што воопшто не изненадува, бидејќи политиката отсекогаш се обидувала, и во помала или во поголема мера, за жал успевала да ја стави науката во своја служба. Тоа го има и денес, пa дури и во најдемократските земји, само што тоа таму се прави суптилно, на прикриен и измазнет, а не на безочен и дрзок начин како во балканските држави.
Иако начелно сите се против мешање на политиката во науката, во јавноста се слушаат повици за вклучување на историчарите и лингвистите во одбрана на идентитетот те. за побивање на барањата од бугарска страна. Притоа се заборава дека полето на дејствување на научниците не се комисии формирани од политичарите за оправдување на нивните политички интереси и со рок за донесување на однапред испланирани „решенија“, туку научни собири каде што се разговара на рамноправна нога, со неоспорни факти и без уцени. Таа битка македонските научници отсекогаш ја биеле, ја бијат и одамна ја имаат добиено, особено на лингвистички план. А бидејќи барањата од бугарската страна се политички – врзани за нашето членство во Европската Унија – прашањето не е научно, туку политичко, битката треба да ја бијат политичарите, се разбира со користење на резултатите од науката.
Но како да ја бијат кога однапред ветиле дека ќе најдат „решение“ за нешто за кое не може да се договара и преговара, нешто што во никаков случај не може да се доведува во прашање и за што никој и никогаш во историјата досега не преговарал. Примерот со француско-германските комисии за историски прашања е ноторно незнаење и неразбирање на суштината. Имено, тие комисии се направени од историчарите на двете земји, на доброволна основа, а не по диктат на политичарите, без никакви условувања и без поставени рокови, како што е случај со нашиве комисии со соседите.
А дека историските факти не може да се скријат или преправаат според желба и по нарачка на политичките моќници се гледа од примерот на Прокопиј од Кајсареја, 6 век н.е., кој, освен нарачаното дело за воените дејства на Јустинијан Први, паралелно напишал уште едно дело, насловено „Тајна историја“, со вистинските причини и мотиви за дејствувањето на царот (а патем и за неговиот карактер и приватен живот), кои не можел да ги напише во официјалната верзија.
Мислењето на одделни академици дека политичарите требало да застанат зад научниците е груба замена на тезите. Имено, најсилното оружје на научниците се неоспорните факти и аргументи и ним не им е потребна поддршка од политичарите, освен материјални услови за работа, кои, за жал, многу малку ги добиваат од државата. Напротив, политичарите се тие на кои им треба поддршка од научниците, но не купена и сервилна поддршка за одбрана на нивните најчесто лични политички интереси, каква што главно бараат и, за жал, ја добиваат од поединци.
Доказ дека ваквите политички битки треба да ги бијат политичарите е примерот со менувањето на името на нашата земја, со што сериозно се загрози нашиот идентитет. Имено, иако во почетокот симпатиите на меѓународната јавност, особено на интелектуалната, беа на наша страна, дури имаше и исмевања за нелогичните барања од грчката страна, едно време дури имавме и поддршка што нашите политичари не знаеја да ја искористат, сепак работата заврши спротивно не само на логиката и на здравиот разум туку и на сите меѓународни норми, со кои се гордеат евроатлантските демократи.
А уште помалку е логично тоа што, од една страна, не ги спроведуваат своите одлуки што понекогаш успеваат да ги донесат во согласност со нивните демократски правила и закони (пресудата од Хашкиот суд во корист на Македонија), а пак, од друга страна, од петни сили се трудат да нѐ натераат на почитување на правото. Имено, како резултат на постојаната и упорна работа на грчките дипломати, додека нашите неуки политичари спиеја наивно верувајќи дека во политиката има правда, меѓународната заедница, тргнувајќи од своите интереси, ги „присили“ (сите знаеме како и со што) не само да го сменат името на државата туку и да прифатат понижувачки клаузули за толкување на нашата историја и за именување на нашиот национален идентитет.
Оригинален демократски изум на меѓународната заедница и целосна сервилност од страна на нашите политичари. Од овој пример треба на сите, а особено на нашите политичари да им биде јасно дека и барањата на бугарската страна, во последно време засилени со несфатливи барања за јазикот, ќе поминат кај европските демократи, ако останат пасивни како во случајот со името. И да не сe залажуваат со неодамнешната пресуда на Судот во Стразбур за правото на здружување на Македонците во Бугарија, која сигурно ќе биде исто толку почитувана колку и пресудата на Хашкиот суд, со што самите себе си се поплукаа.
Е па, господа политичари, наместо мудро да молчите пред уцените од источниот сосед, повелете покажете дека знаете кои сте, што сте, од каде сте и каде ви се корените. А ако не знаете, тогаш прочитајте во книгите на историчарите и на лингвистите, барем на македонските, а уште подобро и на странските – се разбира ако можете – како што на сите нас ни порача хрватскиот македонист проф. Горан Кaлоѓера.
Повелете, поклонете се (пред овој народ) и почнете да ја биете битката!