Од случувањата во Украина (кои треба да се следат со огромна претпазливост и резерва поради бескрупулозната пропаганда и од Исток и од Запад) само едно е јасно: тоа е земја на пат без враќање! На тој пат е можеби и за човештвото… Или барем јас не гледам ниту еден разумен глас што ќе повика на запирање на војната ВЕДНАШ и ПО СЕКОЈА ЦЕНА (додека пишувам, слушам за воените вежби на НАТО во Грузија и за ракетен напад на американската амбасада во Ирак). Во претставата на „вооружениот народ“ (за војската и паравоените формации и платеници и да не зборувам) нема ништо романтично, како ни во онаа за „голораки народ“. Сведоци сме на восхит за вооружување украински мајки и деца, девојки со нацистички ознаки на униформите и правење молотови коктели. Тоа не важи за оние во други делови на светот – тие се терористи. „Јастребите“ што профитираат од војни го охрабруваат Зеленски да не попушта. Но уште потрагично е што и оние што се сметаат за прогресивци, либерали, левица или антивоени активисти навиваат, без оглед на цената платена во страдања и жртви. Во отсуство на иницијатива за прекин на огнот, за сини шлемови, за мисија на ОБСЕ, за инспектори за биолошко оружје, за што било – изгледите за Армагедон стануваат реалност. Според Библијата, тоа е местото на кое ќе се случи финалната пресметка меѓу Доброто и Злото, а во секојдневниот говор со овој збор го означуваме секое сценарио што води до крајот на светот. Најголемата цена со уништени животи и домови ја плаќаат жителите на Украина, но несреќата се шири во концентрични кругови кон сите други, вклучувајќи ги и граѓаните на Русија, Европа, Балканот, САД.
Среде сето лудило и воена хистерија има само неколку гласа на разум, кои повикуваат: војната е злосторство! Еден од нив е Виџеј Прашад, кој на неодамнешниот форум за мир на движењето Progressive International потсети дека самата војна е злосторство, па затоа и е парадоксално нејзините одделни секвенци/дејства да се нарекуваат „воени злосторства“. Војната е злосторство сама по себе, и затоа мора да запре, или како аждер ќе нѐ проголта сите. Да се биде против војна кога таа се смета за праведна и за неизбежна е опасна работа. За тоа зборуваат животите и особено начинот на кој се убиени Роза Луксембург и Карл Либкнехт, лидерите на „Спартаковиот сојуз“, кој се спротивстави на одлуката на социјалдемократите да ја поддржат војната на Германија со царска Русија. И денес Роза звучи толку разумно со тезата дека војните се империјални по својата суштина, секогаш на штета на најсиромашните (тоа допрва ќе го доживееме сите). Говореше Роза дека во време на мир работниците од светот се обединуваат, а во војна си ги сечат грлата меѓусебно во интерес на богатите. (Фондацијата со нејзино име најсрамно го поддржува милитаризирањето на денешна Германија.)
Ако сме против војна, како левица и како антивоено движење, ние немаме избор, освен да сме против ескалацијата и дотурањето масло на огнот од двете (или сите) страни. Ова е време да се осудат сите војни, да се побара демонтирање на НАТО заедно со демилитаризацијата на преостанатите светски сили, да се воспостави нов меѓународен систем што ќе ги замени ОН, затворање на огромната индустрија на смртта во која влегуваат не само производителите на оружје и воена опрема, туку и медиумите, академијата, приватната индустрија за војување. На тоа се надоврзува мировното образование засновано на разбирање дека конфликтите не се зло сами по себе, но дека насилството ги прави неприфатливи. А насилството постои во три форми, кои се денес толку живи, за тие што сакаат да ги видат: физичко/воено насилство, структурално насилство (глобалниот систем и државните системи што убиваат и без куршум, засновани на социјална нееднаквост и експлоатација, расизам и шовинизам) и културно насилство, се велича низ воено херојство, симболите на сила, културни и медиумски содржини што оправдуваат едно насилство додека осудуваат друго. Најстрашниот производ е дехуманизацијата на „непријателот“, кој е луд ѕвер што треба без милост да се уништи.
Не многу одамна, водевме мирољубива политика во „оазата на мирот“: Глигоров ја разви мудрата политика на еквидистанца кон соседите и политиката на ненасилство дома и особено при распадот на Југославија, повика мировни превентивни сили уште за време на мир. Малкумина знаат дека за време на преговорите за повлекувањето на ЈНА, кога и неговиот живот можел лесно да биде загрозен, неговата порака до државното врв и јавноста била: ненасилен отпор кон надмоќниот непријател, нежртвување на животите и имотот на и онака најсиромашната република, а потоа барање меѓународни механизми на колективна самозаштита и ненасилен граѓански отпор. За среќа, ЈНА замина мирно, носејќи го со себе сето оружје. Македонија (о)стана демилитаризирана среде воени конфликти и со не баш пријателски соседи околу неа, но остана негибната и неразурната. Сѐ до 2001 година, кога некои помислија дека е време за борба за човекови права со оружје… Денес истите тие му се чудат на насилството од 21 век! Какво подбивање со жртвите на тоа насилство, кои и онака останаа заборавени и без судска правда!
Заземањето пацифистички став бараше од мене длабоко соочување со сопствените предрасуди и аргументи и, веројатно, со едно образование што беше оставило трага: растена на славата за саможртвата на партизаните, па Бошко Буха и стриповите за Мирко и Славко (фактички, деца војници, нешто што денес се осудува како злосторство), судирот на Доброто и Злото, „боље рат него пакт“ итн. Живеевме со кампањи за поддршка и солидарност со сите народи што се бореа против колонијалното ропство, во Алжир или Конго, во Никарагва и Куба, убиството на Аљенде – ние бевме секогаш на страната на послабите. Најмногу од сѐ влијание извршија онаа неверојатна издржливост и упорност на виетнамскиот народ против надмоќниот непријател. (Денес, кога западните медиуми зборуваат за Зеленски, јас мислам на Хо Ши Мин.) Подоцнежните генерации го сфатија ужасот и за двете страни преку филмските дела со антивоена содржина: „Коса“, „Апокалипсата денес“, „Роден на 4 јули“, „Ловец на елени“ итн. Потоа дојде демократијата, некогаш мирно, некогаш со бомби втерувана, некогаш со подарени устави и имиња. Некои други момци станаа јунаци, па покрај славниот Рамбо, „оскари“ добија филмови што ги славеа американските снајперисти и војници од Ирак, а Мајкл Мур беше замолчуван (како денес Оливер Стоун).
Дилемата е морална за оној што има совест и морал: како да им помогнеш на невините, на сиромашните, на оние што страдаат од трите вида насилство цело време и на сите меридијани? Застанувањето зад страната на украинските граѓани (од секој дел на земјата) е нешто што е прва морална должност, што не значи и фаќање страна на власта, на оние со „чудни“ симболи, на платеници, ниту оправдување на финална пресметка со Злото. Југословенските војни требаше да нѐ научат дека нема невини. Пуховски и денес повторува дека и тие што се на праведната страна можат да извршат ужасни злосторства врз невини (како што покажаа искуствата од Хрватска, БиХ и Косово). Војната е ѓаволска работа. Похрабро би било Зеленски, наместо да изигрува јунак на Марвел, да најде сили да се еманципира од западните пиар-советници и радикалите, па да седне на преговарачка маса наместо да најавува (Пирова) победа. Неговото јунаштво има превисока цена.
Не е популарно да се каже (па дури е и ризично) дека оваа војна не само што беше предвидлива туку можеше да запре: со почитување на Минските договори, со недолевање оружје и охрабрувања, со преговори за мирно раздружување, со демилитаризација и прочистување (ветинг!?) на (азовски) делови од безбедносните сили, со прогласување неутралност. Тажната вистина е дека Украина со години беше предмет на проекти за „демократизација на вооружените сили“, дури и од женевскиот центар во кој работев, туркање во насока на „либерализација и атлантицизам“ и слични мантри со кои и нас нѐ убедуваа дека чекориме кон светла иднина. Замислете! Елитите од земјата направиле една голема биолабораторија, што е флагрантно кршење на меѓународното право. Колку болен ум треба да имаш за да го проучуваш летот на птиците преселници кон Русија за да знаеш како да ги искористиш за биолошка војна?! Знам, знам, сега ќе ме нападнат дека Русите ми го испрале мозокот (исто како за Преспа). Камала Харис среде Варшава пелтечи како падната од Марс дека гледала на ТВ што се случува, а биолабораториите се руска измислица (иако Нуланд го призна тоа во Конгресот). Со децении не само што имаме очи ширум затворени за МИЛИОНИ цивилни жртви, не покажавме емпатија кон (само) 1,5 милион мигранти со онаква боја на кожа и религија, толерираме масовно кршење на човековите права, измислуваме оксиморони како „воени хуманитарни интервенции“ итн. Седиме на буре барут и палиме цигара додека навиваме „нашите“ да ги победат „нивните“ (по можност со звуците на „Јовано, Јованке“). Кога велам „ние“, мислам на глобалниот Север. Глобалниот Југ е многу попаметен: не зазема страна и потсетува на вековната брутална историја врз пионите на големите сили, бара дипломатски решенија и запирање на ескалацијата. Пјер Сане, бивш генерален секретар на Амнести интернешанал, вели дека украинската амбасада регрутира „доброволци“ од држави како Сенегал и Брегот на Слоновата Коска и нагласува „ако војната во Украина ескалира, ние велиме гласно: не носете ја до нашите брегови“. Нашите власти молчат додека амбасада повикува на извршување кривично дело, бидејќи овие „борци“ ќе одат да се тепаат за „праведна цел“, а не како оние што одеа на Блискиот Исток. И малку подзамолчува пред сеќавањата на жртвите на холокаустот, некако непријатно е сега да се зборува за тоа.
Ако не го доживееме Армагедон, ќе умреме од сопствената хипокризија.