Адаме, кај си? (1)

Сите нешта, драг читателу, имаат темел во некое Пра. Генеза. Па и митот, како што вели Елијаде, е втемелен на некој пранастан, кој мора да носи важна содржина, па се обликувал во траење што ги надминува границите на времето, станувајќи шифра со име Мит. Но нас во овој есеј нè интересира првото прашање што е воопшто поставено од некого и упатено некому. Се разбира, мотивирано исто така од настанот со префикс Пра. Тоа е прашањето не што го упатува човекот, туку нему му е упатено од некого. Му е упатено од Бог во Едем. И тоа прашање е наизглед едноставно, но страшно. Прашањето што е и наслов на текстов: „Адаме, кај си?“ упатено од Бог кон неговото прво богообразно создание. Прашање-грмотевица од кое се стресува збунетиот Адам, стуткан покрај Ева, предмалку излезена низ вратата на неговото ребро.
Наизглед едноставно прашање во кое нема ништо необично, ама од него вее јанѕа, откако ќе видиме со која цел е поставено и до каде стасува со својата вртоглава длабочина тоа. Така. За најпосле, соземени, да видиме дека тоа не е само прашање, туку е истовремено и одговор што расветлува до ниво и на непроѕирност една исклучително важна ситуација. Такво, тоа прашање ни кажува всушност дека, сами по себе, се излишни одговорите, бидејќи на нив априори одговара самото прашање. Оти тоа е шифрата што ја содржи есенцијата на постоењето. Поаѓајќи од ова спознание, имено, и Јасперс не тукутака рече дека животот е составен од шифри. Што значи од битни прашања. Одговорите доаѓаат задоцнето, и речиси излишни, a posteriori, како нешто видено и веќе спознаено во прашањето.

„Адаме, кај си?“, првото прашање што ја обиколи вселената, а поставено од страна на Бог на исплашениот Адам во Едем по штотуку сторениот „грев“. Првиот грев за кој зборува Светото писмо. А ти понатаму ќе видиш, драг читателу, зошто него јас го ставам во наводници со мала буква, сомневајќи се во грешноста на моите и твоите прародители. Притоа, уште и да ти кажам, и можеби ќе те зачуди тоа, дека не сум атеист, како што можеш да помислиш, туку верник, кој верува дека синаповото зрно на верата може да поместува планини од место и да ги фрла в море. Да појаснам, верник сум, но не сум теолог, а тука има битна разлика.
Но продолжуваме. Исправени сме пред толкување на првото воопшто поставено прашање по создавањето: „Адаме, кај си? Адам, стутулен покрај Ева, веќе чувствувајќи ја силно вината, го чу него и со треперлив глас полн со јанѕа одговори: „Го чув твојот глас во градината Боже, се исплашив, зашто сум гол, и се скрив.“ Потоа почнува да се одврзува јазолот на прашањето. Господ вели: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од дрвото, за кое ти заповедав да не јадеш?“ И познато е како тече понатаму драматичната приказна, која тешко дека ќе може и трпеливата Шехерезада да ја раскаже, па и нашиот Цепенков, кој фатил нешто од неа. По прашањето на Создателот, Адам му го раскажува нему настанот со јаболкото и змијата по што тој, како што го знаеме од Стариот завет, суров, ја проколнува змијата, а потоа и „грешниците“ Адам и Ева. На Ева ѝ вели: „Ќе ти ги умножам многу маките на твојата бременост, во маки да ги раѓаш децата (…)“, а потоа на Адам: „Земјата ќе е проколната заради тебе: во маки ќе се храниш од неа сите денови на твојот живот! Со пот на своето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата, зашто од неа беше земен – прав си, и во прав ќе се вратиш!“

Потоа се знае што станува. Адам и Ева мора да го напуштат Едем, пределот без темница и време, полн само со светлина и вечност. Беа изгонети од Создателот од него и фрлени во челуста на Непознатото, во новото искуство што допрва требаше да го запознаат и спознаат. Веројатно уште по првиот нивен чекор во него тие влегуваат во она што Сартр го дефинира како „мачнотија на постоењето“, која меѓутоа тие, соочени веднаш со неа, ќе се обидат, и тоа успешно, да ја преобразат и да ѝ дадат трансцендентална димензија и правец.
И што всушност се случи по изгонот од Едем, каде што беше озаконет, пред тоа непознат, „гревот“, архигревот што потоа од еден навлезе во сите и така беше отворена првата страница на науката со име генетика. Тоа го знаеја Адам и Ева: дека тие се првиот нејзин експеримент. Тие знаеја дека уште пред да го минат работ на едем, со она проклето и веќе проколнато Јаболко, се бремени со сите поколенија однапред, што ќе се родат со печатот на кобниот „грев“. Поколенијата безбројни како песокот во пустината, кој, според Јахве, требаше да го симболизира множењето на избраниот народ. Што ги носеше без остаток сите веќе во утробата (на „гревот“ ли) Ева како Големата космичка Мајка од која најпосле се излачи и безгрешната Марија од Назарет.

И еве ги, исфрлени од блаженството на едем, двајцата „престапници“ во просторот на Непознатото. Во Постоење, кое како космичка венчална ружа се отвораше пред нивната несигурна стапка. Постоењето што им идеше во пресрет како бучава на огромна катастрофа. И таа бучава беше страшна, ама во тоа Страшно, како што рече и Хелдерлин, расте и Спасоносното. Во неа, Некој како да го носеше подмишка за Ное спасителниот кораб со сите семиња за растенијата, животните и птиците за обнова на светот очистен од „гревот“, плус уште и Арарат на кој ќе се закотви спасително тој.
И не само тоа. Всушност, бучавата на таа катастрофа со име Непознато и Страшно беше целата составена од знаци, чие писмо штотуку изгонетите од Едем требаше да го читаат и растајнуваат. Знаците, пред истите тие да ги опколат од сите страни: едни како закана, а други како спас и екстаза на блаженство, кое има поширок опфат дури и од она што беше понудено од Создателот горе. Екстаза сведена не на вечност, туку на минута, на секунда сал, ама со блесок на молња што го осветлува простор-времето, проширувајќи го и неговиот бескрај дури и ја сече надве ноќта на двајцата прогнати проколнатици. А минува како златна жица низ рудите и на Оној што ги изгони нив од Едем. Жицата-ламба што веќе ја осветлува неговата меланхолија по изгонетите, кои, создадени од прав, повторно ги испрати во правта. Во смрт. Оти, остана сам и осамен, и оти не му беа доволни ангелите, чиј шум на крилјата само ја зголемуваше сенката во неговата душа. Да. Оти, тој се сепна од она што го сторил и поита да го побара веќе заминатиот со Ева зад неговите граници Адам. Генијалниот меланхолик Микеланџело, сведнат до згрбавеност целиот свој живот над ова старозаветно: „Адаме, кај си?“, него се обиде да го протолкува со фреската „Создавањето на Адам“ во Сикстина во Рим. На неа го гледаме како космички виор Јахве како јури кон несвесно испружената дланка на Адам штотуку оживеан од глината, и речиси рамнодушен кон сè што се случува надвор од него. Оти сè уште не беше проработило неговото внатрешно Јас и се наоѓаше во некој вид на блажена аморфност. Да.

Ама треба да се знае дека тоа е сликата на Адам, вратена во свеста на Јахве по изгонот на своето првоиздание од Едем. Повеќе од веројатно по неговото покајание за неговиот изгон со Ева. Така. Ама на сликата на бескрајно меланхоличниот Микеланџело Јахве не успева да му ја допре, да стигне до дланката на Адам. Меѓу неа и неговата дланка постои едно наизглед безначајно растојание од само два-три милиметри. Да. Но тоа е всушност просторот бездна, просторот на нивното недоразбирање што зјае како отворена космичка рана меѓу нив и никако не може да се затвори. Ни до ден-денес не е затворена. Неа се обиде по столетија, по милениуми од тој кобен настан во Едем да ја зацели и затвори Исус, Синот Божји, кога слезе наземи меѓу проколнатиот род. Но неа, парадоксално, тој не ја лекуваше со ништо друго, туку пак со рана. Она што го рече и Исаија: „Оти тој доби рани, за ние да бидеме излекувани со нив.“ Оти тие, како што стојат работите, и не од теолошка, туку од чисто егзистенцијална гледна точка навистина се тоа: и лек и преврска за раната на изгонетиот од Бог човек, па сега доаѓа да го утеши и излекува неговиот син, поблагороден и посочувствителен од него. Тој што, покрај другото, и ја рехабилитира старозаветната сурова слика на отецот што бара „Око за око, заб за заб“ од оние што само што ги беше премалку избркал од Едем да прогледаат со нови очи и да им никнат и нови заби во мачното постоење. Избркани заради оној прагрев во кој, не треба да бидеме Фројд за да констатираме дека ним им е натоварена вината со име телесна наслада. Телесната љубов во еротска екстаза, која ако ја одбраниме од копитата на „тешките теолошки коњи“ (Де Ружмон) што ја газат безмилосно неа, ќе дојдеме до заклучок дека таа најпосле е и трансцендентална. Дело на обожествената плот, како што би рекол Мерешковски.

Анатемисано е телото, најубавиот органон на божественото создавање на кој Бог, како Орфеј на лирата, свири на неговите чудесни струни. Оти без таа божествена тамбура, како што беше тоа и со тамбурата на Ристо Цингов во Негрево, нема ни песна ни оро не само во Негрево и кана Галилејска, туку ни на свадбата на Јагнето во Небесниот Ерусалим горе.
Доволно. Јасна ти е ситуацијата во која се наоѓаа нашите прародители по првиот „грев“, драг читателу, кој, ќе се осмелам надвор од теолошката догма да го посматрам како избрзана „грешка“ на Бог, кој, откако го сфати тоа го испрати меѓу проколнатото човештво Синот да ја испрати неа. Тоа. И сепак, во сè ова, што се вика Постоење, ние пак стоиме во првата минута, или и секунда по изгонот од Едем, протегната низ долги столетија и милениуми. Во таа минута, потоа растегната во бескрај, се и Првите Нешта што го обликуваат постоењето и што му даваат смисла, или, парадоксално, како што мислат филозофите на егзистенцијализмот, го фрлаат и во апсурд. Во таа минута бескрај се откриваат пред збунетите прогнати сите за прв пат видени „чуда“ на постоењето во облик на екстаза и страв, како легура слеани едно со друго. Првите глетки и спознанија. Така Адам и Ева, вчудовидени, видоа како пред нивни очи вечноста напукнува, се разбива и прснува во парампарчиња околу нив, раситнета во секунди, минути, денови, години, столетија. Така го сетија феноменот време што води кон ентропија, кон смрт на човекот и на сите ствари. И сè почна да се аби и капе низ водената, а потоа да се рони во зрна низ песочната клепсидра, додека под самите стапала на изгонетите од Едем, пред да седне на брегот покрај неа Хераклит, бучеше реката на времето во која не може двапати да се згазне, а притоа да е истата таа. Оти сè, и спомените ги носи во заборав. И Адам и Ева така, наспроти рајската вечност ја спознаа земната минливост. И тоа е константата невроза, како што би рекол Фројд, на човековото битие. Оти човекот знаеше уште на самиот егзистенцијален почеток дека реката на времето силно ги заврте камењата на воденицата што ги меле секундите и минутите во ништо сосе жртвеното зрно, откорнато и исфрлено надвор од Едемската градина.

Да. Ама глеј чудо, имено од тоа зрно фрлено во постоење, во судбина, се полнат штедро вреќите на животот. Се полнат со хиерогамиско свадбено брашно во кое се спојуваат силите на небесното и земното, па ангелите макар и само во легендите (доволно е) слегувале од небо да си земат земни девојки за невести. Потоа, кога зборуваме за таа долга прва праминута, која веројатно сè уште трае како одблесок, е и меланхолично откровение на смртта. Нашите прародители сетија, знаеја дека е таа веднаш тука, во нивна близина. Првата смрт и првиот гроб со кои беше озаконет печатот на првиот „грев“. Авел, убиен од брата си Каин беше таа прва, света жртва принесена на олтарот на суровиот Создател, натаму немилосрдно функционален.

(продолжува)