Кампањата за локалните избори е во полн ек. И во такви услови несомнена должност на сите жители на нашата земја треба да биде достојно одбележување на 80-годишнината од големиот и многу значаен 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ против тогашниот фашистички окупатор. Започнувањето на востанието во Прилеп и во Куманово во 1941 година е еден од најсветлите настани во македонската историја. Овој датум како државен празник секогаш бил и треба да остане симбол на поддршката на антифашизмот и патриотизмот за слободна Македонија, за самобитност, рамноправност, соживот и човечност.
Во релевантните историски документи е констатирано дека три групи на штотуку формираниот Прилепски партизански одред, ноќта на 11 октомври 1941 година, извршиле напад на бугарскиот полициски участок, на затворот и на телефонско-телеграфските линии во Прилеп, со што е означен организираниот почеток на оруженото востание во Македонија против фашистичките германски, бугарски и италијански окупатори, за национална и социјална слобода и за создавање сопствена македонска држава.
На 12 октомври пред цели осум децении, од Куманово излегоа два партизански одреди, Карадачкиот и Козјачкиот. По два дена од излегувањето, Карадачкиот одред со 15 борци бил разбиен кај Белановце на Карадак од полицијата и војската на фашистичкиот бугарски непријател, при што загинале седум борци: командантот Боро Менков, политичкиот секретар Перо Георгиевски, Киро Бурназовски, Аритон Димковски и Наце Ивановски-Буџони. Животот го загубија и младата Магдалена Антова, прва партизанка, и Бајрам Шабани, прв партизан Албанец, загинати во оружена борба со окупаторските сили. Другите осуммина борци биле заробени и однесени во затвори на тогашна фашистичка Бугарија.
Пет дена по излегувањето и кумановскиот Козјачки партизански одред со 23 борци бил нападнат од бугарската војска и полиција кај козјачкото село Малотино, при што загинале Стојан Геогиевски-Тане и Васе Гелев. Обрачот го пробиле тројца борци, а 18 биле заробени, малтретирани и однесени во бугарските затвори.
Во Народноослободителната војна во Македонија имаше голем број жртви, меѓу кои и извонредни личности што дадоа значаен придонес во севкупното учество на македонскиот народ во победата над фашизмот и за остварување на вековниот сон за создавање на македонската држава.
Од тој аспект за истакнување е дека со започнувањето и успешното развивање на Народноослободителната војна во нашата земја против фашизмот во Втората светска војна се создадоа услови за одржување на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија на 2 август, Илинден, 1944 година, во манастирот „Прохор Пчински“, што е и тесно поврзано со 8 Септември 1991 година – Денот на осамостојувањето на Република Македонија.
Спомените за сето тоа треба да се чуваат и негуваат. Тоа посебно се однесува и за почитување на фактите од историјата на Втората светска војна кај нас и меѓу балканските народи за создавање искрена солидарност и траен мир.
Кога е во прашање мирот, не случајно се потсетив на мојот коментар објавен во МТВ во 1993 година и печатен во публицистичката книга „Траги за иднината“. Поради ограничен простор цитирам само два дела од коментарот.
„Актуелната ситуација во независна Република Македонија се карактеризира со напорите за зачувување на мирот и за ублажување на економските проблеми предизвикани од блокадите, нафтената криза, инфлацијата и намаленото севкупно производство. Претпријатијата се оптоварени со тековни проблеми, а неизградениот економски систем уште повеќе ги усложнува условите за стопанисување и барањата решенија за опстанок и обезбедување плати за нормално живеење. Како што констатира и македонската влада, падот на индустриското производство во 1992 година изнесува над 15 отсто, користењето на капацитетите е сведено на педесетина проценти, додека 80 отсто од семејствата се доведени на работ на голата егзистенција…
…За успешно остварување на пазарната економија ќе треба да се создава пореална трансформација на општествениот капитал и да се утврди стратегијата на развојот на Републиката, со поттикнување на економскиот напредок на стопанско неразвиените краишта и на ридско-планинските подрачја за да се создадат услови за живеење на стари и млади. Некои ќе речат ’Отсекогаш бевме сиромашни и ништо не ни недостасуваше‘. Но како што ни ја погодува мислата, нобеловецот Габриел Гарсија Маркес во познатото дело ’Генералот во својот лавиринт‘, вистината е токму во спротивното ’Секогаш бевме богати со дух и никогаш ништо немавме премногу, но доволно за среќен живот‘. Затоа иако минаа повеќе празници камбаните и натаму треба да бијат за меѓународно признавање на нашата земја, за мир, стопански растеж и благосостојба“.
И триесет години по осамостојувањето, проблемите како да се пресликани од почетоците на нашата независна држава. Зачувувањето на мирот сѐ уште е актуелно, блокадите за почнување преговори за влез во Европската Унија и натаму се секојдневни, така е и со економската криза како последица на пандемијата на коронавирусот, како и со зголемувањето на животните трошоци со најава на инфлацијата и други тековни прашања. Ниските плати и пензии и високите цени на лековите за превентива и лекување од коронавирусот, како и честото зголемување и на другите животни трошоци, очигледно придонесуваат сиромаштијата сѐ повеќе да станува загрижувачка појава кај повеќе поединци и семејства.
Затоа спомените за октомври нека придонесат за заедничко надминување на проблемите за остварување поубави денови и подобар и поквалитетен живот на сите жители во нашата мила татковина.
Авторот е новинар и публицист, експерт за трета доба