Компликациите од нелекување субакутен или хроничен синуситис може да бидат спуштање на инфицираниот секрет во долните дишни патишта со рецидивни бронхитиси со можно оштетување на белодробното ткиво, како и гнојни воспаленија на мозокот
Зимскиот период носи студено и влажно време што во комбинација со зголемената загаденост на воздухот во градовите и со престој во зачадени простории честопати тригерира појава на воспаление на слузокожата на синусите или т.н. синуситис. Синусите се парни празнини во скелетот на главата сместени околу носната празнина, исполнети со воздух и обложени со лигавица. Синусите се поврзани со носот со мали отвори низ кои во синусите влегува воздух, а од нив излегува секретот што го излачува лигавицата, која ги обложува синусните шуплини. Токму затоа состојбите што доведуваат до оток на носната и синусната лигавица и до блокада на нормалната дренажа на секретот преку синусните отвори, создаваат поволни услови за развој на акутно воспаление на синусите.
Акутниот синуситис е воспаление што трае помалку од 12 недели и најчесто настанува по несоодветно третирана вирусна инфекција на горните дишни патишта. Вирусните инфекции често доведуваат до оток на носната и синусната лигавица и засилена назална секреција, што резултира со блокада на синусните отвори, собирање обилен секрет во синусните шуплини и се создаваат поволни услови за развој на бактериски инфекции. Искуствено, најчести бактериски причинители за синуситис се стрептокока пнеумона, мораксела катаралис, хемофилус инфлуенца итн. Сепак, кај околу 30 проценти од пациентите брисевите се негативни. Во прилог на развој на синуситис се: присутен алергиски ринитис, девијација на носната преграда, природно мали синусни отвори, назални полипи и заби со кариес во горната вилица. Секој што барем еднаш се соочил со воспаление на синусите лесно ќе ги препознае симптомите: зголемено лачење жолтозелен секрет од носот, кој се спушта и кон грлото и белите дробови, главоболка и притисок на главата, очите и лицето. Пациентот може да пати од слаба треска, недостиг од апетит и отежнато дишење. Воспалението предизвикува лош здив и намалено сетило за мирис, како и кашлање што води и до проблеми со спиењето.
Од горенаведеното е јасно дека синуситисот е комплицирана инфекција, која бара прецизен и долготраен третман, како и внимателно однесување од страна на пациентите што имаат ваков проблем, со намера болеста да не добие хроничен тек. Во таа смисла многу е важно да се третира алергискиот ринитис (антихистаминици, инхалациски кортикостероиди итн.), да се избегнуваат базени со хлорирана вода, да се избегнува поминување подолго време на загаден и зачаден воздух а при ветровито и студено време соодветно да ги заштитиме главата, носот и устата (капа, шал). При појава на акутен синуситис пациентите може да преземат повеќе чекори, кои би им ги олесниле симптомите, а пред сѐ: испирање на носната шуплина со солени раствори, инхалација на комбинација од хипертоничен солен раствор, муколитик (пр. ацетил цистеин) и/или етерични масла, за разводнување на густиот секрет, одзатнување и добра дренажа на синусите. Навечер е практично да се користат деконгестиви (до 7 дена) за да се намалат отокот на слузницата и лачењето на секрет, и да се овозможи добар сон и одмор.
Притоа е важно правилно да се користат капките за нос и тоа: да се лежи на грб со главата зафрлена кон назад и десно, по што се ставаат капки во десната ноздра и се останува во истата положба 1-2 минути. Потоа истата постапка ја повторувате и лево. На тој начин капките пристигнуваат во синусните отвори и се постигнува максимален ефект. Користење топли облоги и зрачење на синусите со инфрацрвена ламба, исто така, ги чисти синусите и ја намалува секрецијата.
Во случај на силни главоболки може да се користат аналгетици, а како и при секоја друга активна инфекција важно е да се засилува имунитетот преку соодветна минералновитаминска поддршка (витамини Ц и Д, цинк), како и повеќемесечна употреба на пробиотици и бетаглукани. Ако симптомите перзистираат подолго од 10 дена, индицирано е спроведување на 7-дневна терапија со антибиотици, обично пеницилини, па во случај на неуспех цефалспорини, макролиди итн.
Сепак, голем број студии за терапија на акутен синуситис покажаа дека значењето на антимикробната терапија е мало и тоа треба да се земе предвид кога ќе се донесе одлука да се започне терапија. Во случај на алергиска компонента во терапијата се вклучуваат и кортикостероиди и антихистаминици. Доколку имаме појава на рецидивирачки (3-4 епизоди годишно) или хроничен синуситис, кој и покрај соодветен третман трае повеќе од 12 недели, индицирана е и консултација со ОРЛ-специјалист, кој во случај на неуспех на конзервативната терапија може да советува и хируршки третман. Компликациите од нелекување субакутен или хроничен синуситис може да бидат спуштање на инфицираниот секрет во долните дишни патишта со рецидивни бронхитиси со можно оштетување на белодробното ткиво, како и гнојни воспаленија на мозокот. Затоа од есенцијално значење е да прифатиме дека синуситисот е сериозен здравствен проблем и да ја почитуваме пропишаната терапија од лекар!
Авторот е м-р по фармација и топедукатор