Русија

„И в сонот си чудесно сјајна. / Не ќе ја допрам ризата твоја. / Сонувам а пред сонот – тајна. / Во неа пловиш, Русијо моја“.
Тоа не се мои, туку се стихови на сјајниот руски поет Александар Блок, драг читателу, колку да се види колку руските поети си ја сакаат татковината. Пример и за нашите писатели да ги потсилат своите родољубиви чувства. Туку, знам дека русофобите, кои кај нас најмногу ги има во владата и власта, бргу-бргу ќе ме осудат за русофилството како смртен цивилизациски грев во ова време на обновена макартистичка хистерија против Русите. Но што да правам кога сум тешко вљубен во руската култура, литература и филозофија. Па, и руско-македонските врски, и покрај сите историски искушенија, се цврсти. Не можеме постојано да им се лутиме на Русите зошто во 1878 ја создале како вампирско чудовиште санстефанска Бугарија, а не санстефанска Македонија, како што можеле да го направат тоа. Сепак на Русите им е јасно дека Македонија има голем влог во руската култура и цивилизација. Па, и самиот Путин јасно рече дека, мислејќи на Кирил и Методиј, писменоста на руска почва како плодно семе доаѓа од Македонија, та ја фрли во невидена хистерија бугарската политичка елита на Кан Аспарух. Исто така е епохален и македонскиот влог, преку Охридската архиепископија, на христијанизацијата на Русија во нејзиниот древен киевски период за време на кнезот Владимир. Уште повеќе, една од неговите жени, принцезата Олга, и била Македонка. Таа му ги родила Глеб и Борис, кои како мартири, по божја волја, се првите руски христијански светци, инаку прогласени за заштитници на руското небо. А и европското небо симболично го чуваат, озаконети со тоа од католичката црква, двајца мажи македонски Словени, Кирил и Методиј. Само македонското небо никој не го чува и е полно со црни грабливи птици.
Нужна дигресија, драг читателу, која патем коинцидира и со нашата рана и болка на „смачкано племе“ (Б. Конески). Туку да се држиме за конкретната тема, која воленс-ноленс се протега и кон вавилонската дама, која нашиот народ ја вика ороспија, Европа. Значи Русија – Европа. Тука работите отсекогаш не стоеле баш добро. Особено денес. Факт е дека Европа отсекогаш имала цивилизациски анимозитет кон Русија, иако Русија, спротивно на тоа, копнеела да биде дел од големата европска слика. Таа носталгија и страст за Европа, па и европеизација, особено е силна кај првиот творец на модерна Русија, Петар Велики, кој од своја страна како вонсериски државник-гениј не останал незабележан и од некои моќни европски умови со космополитски радар и димензија. Тука во прв ред мислиме на Волтер. кој напишал неколку тома за него. Патем, Макрон не примил ништо од духот на Волтер.
За да ги почувствува, пак, и да ги впие лично европската цивилизација и култура Петар се запатил заедно со својот главен архитект Растрели и неговата тајфа на запад, до Англија, Франција и Венеција. Потоа отишол и во Холандија, каде што останал подолго време изучувајќи го бродоградителскиот занает, за да создаде силна руска флота. Меѓу другото отпатувал и до Лондон, да се запознае со Њутн и да му понуди да дојде да работи и да живее во Русија.

Пред тоа го направил тоа со познатиот швајцарски математичар Ојлер. По враќањето, пак, во родната земја, Петар на Балтикот, крај Нева, речиси на мочуриште го крева во европски класицистички и барокен стил Петербург, еден од најубавите градови во светот. И тој град, како што вели и Пушкин, Петар го подигнал како прозорец кон Европа, за контакт со неа.
Приказната Русија – Европа по Петар Велики е долга. Иако природен дел на Европа, таа некако лицемерно ја сметала неа како диво месо на својот нарцистички ариевски организам. За тоа има многу сведоштва и кај руските писатели, кај Тургењев, Пушкин, Достоевски и други, како и кај руските религиозни филозофи: Берѓаев, Мерешковски, Шестов и Лоски. Европа никогаш не била искрена, туку секогаш била лицемерна кон Русија. Треба посебно да ја погледнеме преписката на Достоевски и неговите рефлексии за неа, па да се увериме во тоа. Кај него се мешаат воодушевувањето и горчината од Европа настрвена на неговата татковина. Толстој, пак, бил рамнодушен и нималку не бил восхитен од западната цивилизација, пред сè од нејзината аморалност. Постојат многу примери за анимозитетот на Европа кон Русија и на нејзината темна страст за нејзина деструкција. Кај Англичаните, Германците, Французите. Англичаните биле поинтелигентни, полукави и отстрана внимателно касале, додека Французите и Германците се одлучиле на луд руски рулет со Русите. Нивните играчи Наполеон и Хитлер влегле во Русија и таму ги изел мракот и студот на нејзиниот необјатен простор.
Но Европа не извлекла никогаш поука. Таа секогаш, за да си го отфрли и прикрие сопственото варварство, барала варвари од исток, вклопувајќи ги и Русите во азијатскиот мозаик на Монголите, Хуните и Аварите, иако, имено, Русија секогаш била штит на Европа за одбрана од нив. Сепак, Европа, полна со ариевски нарцизам, секогаш Русија во мислите повеќе ја туркала кон Азија, отколку привлекувала кон себе. Тоа добро го знаеле и Владимир Соловјов и Александар Блок, па во тој цивилизациски контекст ги напишале, првиот песната „Панмонголизам“, а другиот „Скити“. Западот одамна мечтаел да ја фрли Русија на колена, ама тоа никогаш не му успевало, иако и денес се обидува да ја оствари таа перверзна идеја. Сега со од него перверзно подготвуваната и фингирана војна меѓу браќата по род Руси и Украинци. Безброј аналитичари ја мантраат сè истата површинска анализа тука, имено дека Русија е агресор, а Украина жртва. Но, нели сегашната војна беше замислена уште пред осум години, во 2014-та, со Мајдан, кога некој од Запад ги плаќаше снајперистите најмени за воен хаос. Потоа беше запален и руски хотел во Одеса, во кој им беше забрането на Русите да излезат од него, а тие што се фрлаа низ прозорец беа убивани итн. И така почна оваа луда војна.

Св. Августин вели дека постојат праведни војни, но од антрополошки аспект тешко може да биде оправдана оваа негова теза, освен ако тој не мислел на западните темплари кои под претекст дека заминуваат да го бранат гробот на Христос го опљачкаа Ерусалим, а потоа и Константинопол. Не верувам дека светот мислел исклучиво на новозаветниот Армагедон во „Откровението“ на апостол Јован.
Било како било, драг читателу, руската позиција во Украина е амбивалентна, не само агресорска како што мислат еднозначните линеарни аналитичари. Точно е дека сега Украина е таа што во овој судир води одбранбена војна. Да. Но парадоксот е во тоа што во контекстот на целокупната ситуација и Русија води таква војна. Против кого? Против НАТО-алијансата која ја подготвуваше неа со разни прикриени и отворени манипулации и стратегии. Тоа е вистината. А ако се оди понатаму во анализата, со право можеме да се запрашаме не е ли сега повторно актуализиран планот „Барбароса“ на Хитлер за уништување, по Евреите, на Словените, пред сè нивниот православен свет.
Па, зарем во тој контекст и случајно рече Ескобар дека во Македонија живеат Албанци и православно население. Првин се почна од Македонија со нејзината идентитетска ликвидација, потоа со бомбардирањето на Србија во 1999-та од НАТО, а сега со фингираната војна во Украина. Звучи езотерично. Но не е. На крај сме, драг читателу. Колумната ја започнавме со Александар Блок и ќе ја завршиме со него. Со последната строфа од веќе спомнатата песна „Скити“, во која тој, во името на Русија, ја повикува Европа на мир: „За последен пат – вразуми се свете! На празникот братски од мирот што блика, / За последен пат на братска гозба – Лирата варварска те вика!“