Во предвечерието на добивањето на новиот „којзнае кој по ред“ датум за почеток на преговорите со ЕУ, си припомнив на еден важен и, во оваа пригода за нас, поучен историски настан, кој иако не е од нашата историја, сепак е илустративен за нас и нашите актуелни историски состојби. Настанот е доволно интересен за да посведочи и потврди дека сервилноста, субмисивноста и беспоговорното почитување на туѓите желби не се секогаш најдобриот избор ниту во животот ниту во политиката. Впрочем, никогаш не се најдобриот избор! Но, пред да видиме за кој настан станува збор, да дадеме краток „шлагворт“.
Ако ја следиме „реалполитиката“, не можеме да бидеме ирационални и да кажеме дека Македонија е силна и моќна држава, која е во состојба целосно суверено, апсолутно слободно и потполно неусловено да носи сопствени политички одлуки, особено надворешнополитички. Ние сме мала и неразвиена земја. Дури и за балкански услови, ние важиме за неразвиена и слаба држава, во која било смисла – економска, политичка, а да не зборуваме во воена! Таквите држави, како Македонија, се терцијални фактори во меѓународната политика, покрај примарните, нуклеарните, светски сили (империи) и секундарните, ненуклеарните, но сепак регионални политички сили. Тоа нè води до согледување на реалноста дека таквите земји како нашата всушност се најмногу подложни на отстапки и компромиси. Тоа е несомнено. Но она што е проблематично, сепак, е да мислите дека компромисот, „виткањето кичма“ и попустливоста секогаш ќе ве доведат до посакуваната политичка цел. Впрочем, ако постојаната попустливост секогаш ве води до посакуваната цел, тогаш парадоксално, но логички сосема конзистентно – ќе стигнете дури и до врвот исклучиво со виткање кичма.
Како во вицот со орелот и полжавот, во кој полжавот стигнал до врвот „со лигавење“! Во нашиов случај тоа би значело дека малите, слабите и неразвиените држави само со „лигавење“ во еден историски миг би требало да станат големи, развиени и моќни!? Но тоа никогаш не се случува! Речиси секогаш се случува обратното – големите, моќните, примарни политички сили, дури и империи, својот пад го започнуваат токму со премногу честите компромиси (најилустративен пример е Римската Империја). Евидентно е дека исклучиво со попустливост и сервилност може само да се слезе од врвот, но не и да се искачи на него.
И затоа секој и малку разумен политичар, особено во ваква мала, неразвиена, слаба, терцијална сила во меѓународните политички игри, треба да знае дека тие игри се мултифакторијални и дека, помеѓу другите фактори, политичката визија и волја, ако сакате и карактерот на политичките водачи, се сосема легитимни и важни фактори! Да, многу нешта зависат од парчињата оружје што ги поседуваме, од БДП, од развојот и видот на индустријата, од природните богатства, од географијата, од сојузниците, од… многу „природни“ и објективни фактори, но и од неколку субјективни фактори, меѓу кои и факторот политичар! Политичкиот став и особено карактер, исто така, се една од варијаблите што се земаат при политичката калкулација.
Илустрација за ова е токму историскиот пример со кој ја започнавме оваа колумна. Тој пример, всушност, е познатиот Минхенски договор, со кој тогашна Чехословачка губи дел од својата територија во корист на Германија, а подоцна и Полска. Договорот, т.е. спогодбата е потпишана во септември 1938 година, од страна на Германија, Британија и Франција (значи, дури и без Чехословачка), а со коja Судетската област, населена претежно со Германци, ѝ се отстапила на Германија. Веднаш по оваа концесија, се огласиле и Полска и Унгарија, кои го побарале истото тоа! Кога можевте да ѝ отстапите на Германија, можете и нам – тоа веројатно стоело и зад политиката, но и зад психологијата и логиката на нивните барања. Полска ја окупирала областа Тешен, ден по влезот на Германците во Судетската област. Чехословачка останала и без територии и без достоинство, но и големата војна, од која се плашела Европа, сепак не била избегната – и покрај отстапките, се случила неколку години подоцна! Што е интересно во примеров што го наведовме? Интересни се политичките констелации и психологијата на политичките актери.
Прво, интересно е што Чехословачка во тој момент веројатно можела да ѝ се спротивстави на секоја европска држава, дури и на Германија, затоа што економски била речиси на исто рамниште со тогаш развиените европски држави, вклучувајќи ја и Германија. Многумина сметаат дека дури и воено, Чехословачка можела да ѝ парира на Германија и да ѝ се спротивстави без никаков проблем. Чехословачката армија била одлично опремена, обучена и високомотивирана, државата самата произведувала оружје во три фабрики, располагала со современо оружје, а и границата со Германија била одлично обезбедена. Според сите воени процени, Чехословачка можела воено да ѝ парира на Германија и била во состојба долго да го одбива германскиот напад, барем доволно долго за некој друг да притекне на помош. Впрочем, судир во Централна Европа што нема да заврши брзо, како што се надевала Германија, ќе значел вплеткување на многу други држави, а со тоа и голема европска, но и светска војна, која Франција и Британија сакале да ја избегнат по секоја цена, затоа што, покрај Чехословачка, тие биле најголемите добитници од претходно склучениот Версајски договор, кој Хитлер имал намера да го уништи.
Второ што е особено интересно во случајов е што притисоците кон Чехословачка доаѓале не од нејзините непријатели – Германија, туку од нејзините сојузници, пред сè од Франција, а потоа и од Британија. Тие ѝ биле први сојузници, голем дел од сопствената политика Чехословачка темелела на договорот за сојузништво со Франција, кое го сметала за вечно, непроменливо и апсолутно. Во првиот миг кога Германија притиснала, Франција ја изневерила Чехословачка и наместо да ја брани, во согласност со договорот, побарала од неа, за „мир во куќа“, да се откаже од Судетската област. А во оној момент кога Чехословачка се согласила на отстапките, сето она што подоцна го мислеле или имале да го кажат Чехословаците, веќе престанало да има какво било значење и од тој момент натаму нејзините сојузници престанале сериозно да ѝ се обраќаат на владата во Прага. Што, впрочем, кулминирало во парадоксалната ситуација со Минхенските договори, кога се договарало за Чехословачка, без Чехословачка.
Трето, отстапката што ја направила Чехословачка кон Германија, од нејзина страна била доживувана како доказ за нејзината верност кон „западните“ вредности и во интерес на зачувување на своите релации со „носителите на вредностите“ – Франција и Британија. Чехословачка сакала да ѝ припаѓа само и исклучиво на таа „вредносна хемисфера“, што дури не ги ни разгледувала другите можности, како на пример помош од тогашна кралска Југославија или дури и од СССР. Оваа „заслепеност“ од француското и британското величие, особено на чехословачкиот претседателот Бенеш, е клучниот фактор за лошата политика на Чехословачка. Впрочем, Едвард Бенеш би предупредуван дури и од самите француски претставници дека не треба толку да ѝ верува на Франција. Но вербата е посилна од реалноста, па во една пригода Бенеш дури и изјавил: „Ја познавам историјата на Франција. Таа никогаш не го прекршила сопствениот збор. Не значи дека токму сега ќе го направи тоа“. Односот на Бенеш и чехословачката влада покажал несфатлива сервилност и политичка кратковидост, што, и покрај рамноправноста на силите со сите тогашни европски држави, ја направило Чехословачка најголемиот губитник. И сето тоа, не поради материјалните услови (економската и воената моќ на Чехословачка), туку поради политичките, идејните, да не кажеме психолошките.
Овој случај со Чехословачка болно потсетува дека политиката и меѓународните политички односи во својата суштина се односи на сила (ако сакате дури и на пресликани класни односи), но исто така и дека се и крајно сложени, не се само материјални туку пред сè и човечки односи, во кои, покрај тенковите, улога играат и луѓето. А тоа значи дека на секоја влада, покрај материјалните услови, ѝ стојат на располагање и човечкиот потенцијал, мудроста и капацитетот да најде и спроведе автономна национална политика и програма. Дека помеѓу другите фактори, во калкулациите влегуваат и идеите, светогледот, ставот и интегритетот на водачот. Исто така, овој случај е типичен пример за политичка ригидност. Целосната посветеност на една опција во политичкото размислување не е предност, туку хендикеп. Целосното потпирање на Франција и само на Франција, на Чехословачка ѝ донело неповолност од која не можела да се извлече. Тие самите се довеле во таква ситуација поради слепото, би рекле покорно приклонување кон една опција. Играњето на една карта, враменоста во една рамка, принципиелно ве лишува од можноста да го увидите, исцрпите и искористите сиот опсег на политички можности.
Така што, не се кратковиди ниту политички непријатели оние што зборуваат за алтернативи, туку, напротив, оние што играат „ол ин“, кои ја базираат својата политика на такво човечко и политичко слепило што Чехословаците ги чинеше територија, а нас идентитет, а на крајот веројатно и држава.
Кога зборуваме за човечки и политички интегритет, а особено кога зборуваме за политички алтернативи, никој не ја негира целта, ги негираме политиките. Никој не го негира нашето место во ЕУ, ги негираме методите. Во државничките работи често целите се едноставни, но не и патот што води до нив. Затоа, секогаш кога ќе видите државник дека до целта ве води по „скратено патче“, имајте сомнежи. Националните цели може да бидат едноставни, но не и политиките што водат до остварување на тие цели. НАТО и ЕУ се доста едноставни национални цели, но не и политиките што водат дотаму. Играњето на повеќе карти, имањето алтернатива, но и политичката мудрост и зрелост… и тоа како се фактори од кои зависат калкулациите во носењето на одлуките во меѓународната политика. Верувајте, дури и една светска сила во своите политички калкулации, покрај воените капацитети на државите, ги зема предвид и човечките. И нашиот хендикеп не е толку што немаме тенкови, авиони или хеликоптери, туку што го имавме Заев. Всушност, долго време најголем хендикеп во нашата политика се политичките лилипутанци!
Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија