Многумина ќе забележат дека коронавирусот ја наметна дилемата за тоа како да се постави балансот помеѓу слободата и безбедноста. Неоспорна е директната врска помеѓу епидемискиот страв и широко распространето јавно прифаќање на политиките што инаку би се препознале како голо авторитарни. Пандемијата на коронавирусот го оживеа стариот наратив дека тоталитаристите настапуваат подобро во катастрофални времиња од демократите. Воскреснувајќи го вечното авторитарно искушение на демократијата. Затоа се плашам дека лекот за коронавирусот може да биде полош од катастрофата.
Денес сѐ повеќе луѓе се воодушевуваат на ефикасноста на тоталитарните режими, дизајнирани да ја заштитат заедницата од природни несреќи. Притоа забораваат дека ваквиот модел на тоталитарност и ефикасност, претставува сериозна егзистенцијална закана, не само за нашите животи туку и за нашиот начин на живот. На тој начин само продолжуваме да го копаме ровот на кризата подлабоко, правејќи ги луѓето поранливи и нарушувајќи им го животот што го познавале досега.
За жал, Кина и нејзините политики за справување со пандемијата се нудат како „мускулест“ модел за војна со коронавирусот. Воодушевувањето и пофалбите за кинеската брзина и ефикасност во насочување на тивкиот непријател што ја шири епидемијата на ковид-19, се промовира како предност на системот на оваа држава.
А она што го гледаме и аплицираме како модел за справување со коронавирусот е автократски режим, кој користи традиционални автократски методи.
Каде што деспотската власт ги присилува своите „субјекти“ да го прават она што таа смета дека е во најдобар интерес на заедницата. Режимот воспостави системи за дигитален надзор што ниту една демократија не може да го стори без согласност и проверка, или прислушува податоци од државните мобилни компании без никаква контрола, аплицира мобилни алатки за детектирање на изолираните за да бидат следени и обележани. Точно, многумина ќе кажат дека ова е во функција да се спасат животи, но да не заборават дека тоа е и начин да се зацврсти тоталитарниот начин на владеење. Да нема дилема: тоа е она што го прават тоталитарните режими.
И лажат. Прво, се лажат себеси, а потоа, го лажат светот. Системот создава таков страв кај луѓето што предизвикува „авторитарно слепило“. Со „авторитарното слепило“ авторитарните лидери се обидуваат да ја прикријат вистината, не затоа што се загрижени за спасување на животите на своите поданици, туку да се осигурат дека светот нема да ја открие смртоносната неефикасност на нивниот систем.
Да потсетам дека тоталитарниот модел на владеење на кинеската влада беше главен дел од проблемот со пандемијата.
Бидејќи кога коронавирусот започна да се шири, наместо да биде изложен на транспарентен начин во слободниот печат, кинеската влада се обиде да го прикрие. Рен Џикјанг ја обвини државата дека ја забрзала епидемијата што однесе огромни животи. И одеднаш исчезна, како начин да се замолчат „непријателите на народот“. Прикривањето го акцелерира ширење нa ковид-19 глобално.
Затоа, без оглед на големината на заканата по животите на луѓето што пандемијата на коронавирусот ја генерира, јасно е дека автократските влади и лидери ретко се раководат од најдобрите интереси на луѓето. За нив кризите ја оправдуваат нивната нетранспарентна моќ.
Сега гледаме колку ваквите кризи се ризични за демократиите. Тие се со тенденција да ги промовираат авторитарните политики, поткопувајќи ја и уништувајќи ја демократијата, преку зацврстување на авторитарните тенденции во државите со кревки демократии, каде што нивните лидери се обидуваат да ја консолидираат својата моќ.
За жал, либералните политики не се имуни на искушението. Сѐ погласни се пророците на планетарната несреќа, кои сакаат семоќна држава што би направила уставни ограничувања и водела политики со широки овластувања за „доброто на земјата“.
Веќе има голем број знаци дека владите потенцијално ја користат епидемијата за своја полза.
Суспендирани се повеќемесечните антивладини протести во Ирак, Алжир и во Либан, додека во Индија, појавата на коронавирус се користи од членовите на владејачката националистичка хинду партија на Нарендра Моди за демонизирање на мирните протести на муслиманите против контроверзните нови закони за граѓанство. Монархијата во Јордан нареди затворање на сите печатени весници и полициски час за распоредување на армијата на влезовите од градовите. Бенџамин Нетанјаху беше прв во демократскиот свет што наметна драконски режим во корона-кризата. Поради можноста да ја загуби функцијата, ја повика епидемијата за да побара итна влада, предводена од него шест, или дури 24 месеци.
Како да се спротивставиме на ваквите авторитарни искушенија? Кои се антидотите на ваквите тоталитарни закани по демократијата, во услови на пандемијата со коронавирусот?
Прво, мора да прифатиме дека сериозноста на тековната здравствена криза нужно бара итни овластувања на власта во нејзиното менаџирање, дозволени со меѓународното право за ваков тип закани. Но државите мора да бидат потсетувани дека овие мерки што ги преземаат за итни случаи мора да бидат пропорционални, неопходни и недискриминаторски.
Исто така, овие вонредни мерки не треба да функционираат како покритие за репресивно дејствување под маската за заштита на здравјето, ниту треба да се користат за да се замолчи критичката мисла, медиумската слобода и гласот на оние што се грижат за слободата и човековите права. За ова нема што да се грижиме како држава. Барем едно е сигурно со оваа влада: знае како не треба. И тоа го практикува добро.
Со оглед дека пандемијата на ковид-19 продолжува да се шири, мора да бидеме сензитивни за да ја препознаеме линијата помеѓу ефективното јавно здравје и сеопфатната репресија, која на тест го става демократското општество. Само така навистина ќе знаеме кои аспекти на справувањето со епидемијата се ефективни, а кои едноставно се изговор за авторитарно дејствување.
Се плашам дека оваа влада на „нашата држава“, која дејствува во вонредни околности, лесно може да забега во аплицирањето на тоталитарниот модел на справување со кризата, загрозувајќи ги владеење на правото и слободата, со закана по човечкото достоинство.
Влада со авторитарни предиспозиции многу веројатно дека ќе посегне по драконски ограничувања на слободата во време на криза, но, истовремено, ќе се обиде да протне политики што не беа верификувани од народот. Како онаа за печатење пари со новото име на државата или одобрувањето финансии за специјалното јавно обвинителство. Се прашувам: до кога мисли оваа влада да ја злоупотребува вонредната состојба да протурка одредена политичка агенда? Ослободена од одговорноста за правна проверка на нејзините уредби со законска сила.
Затоа, она што никако не смееме да го заборавиме е дека заводливата авторитарната терапија за борбата со коронавирусот, може да го осакати пациентот познат како „либерална демократија“. Веќе сериозно кородирана кај нас.