По понижувачкото менување на името, наместо очекуван подем, Република Северна Македонија се покажува како однапред истрошена, уморна држава, која веќе нема национална енергија да исчекори од сопствената мрежа. Ниту власта покажува ист ентузијазам како при менувањето на името, ниту пак граѓаните имаат некаков нов мотив, нов поттик за поголемо политичко учество и за поголемо влијание врз одредување на насоките за политичко-демократски и економски развој. Македонија не е забревтана машина што влече напред, како што ветуваше СДСМ. Не се чувствува жарот на новото време, и покрај големите пропагандни напори на власта да докаже дека цутат рози. Нејзиниот долгогодишен лет во место ја нема сменето позицијата. Оттаму и раширената апатија за претседателските избори, најавите за бојкот и слично
Политичкото небо на Република Северна Македонија и на овие претседателски избори е сиромашно со ѕвезди. Ќе се натпреваруваат само тројца што ги предложиле политички партии или собрале над 10 илјади потписи со што ја добиле цензусната виза за учество во априлско-мајската изборна трка. Прашање е дали учество на тројца кандидати е многу или малку, но секако не може да се изрази задоволство од тесниот избор. За волја на вистината толкав избор имало и на претходните избори што од своја страна укажува дека нема некој видлив напредок во развојот на општата или партиската демократија, дека Македонија страда од дефицит на оспособени кадри за највисоките функции или дека внатрепартиската дисциплина и демократската култура во партиите е толку строга што не дозволува поединечни истапи.
Обидот на Влатко Ѓорчев во ВМРО-ДПМНЕ, самокандидирањето на професорот Ѓорѓи Филипов во СДСМ или потајниот обид на професорот Денко Малевски (како консензуален) да се најдат на листата кандидати јасно покажува дека без членство во партија, без солидна поддршка од лидер на партија и без партиска база секој таков потег, сечија желба, ќе завршува со неуспех. Колку и да е независниот кандидат квалитетен, колку и да има богата политичка и подруга биографија или успешна кариера секогаш ќе биде аутсајдер во однос на партискиот избраник, обично однапред договорен и фиксиран. На Северна Македонија ќе ѝ треба долго време да ја надмине оваа фалинка, можеби откако ќе поминат неколку години практика како членка на Европската Унија. Далеку е, но перспективно можно.
Кај треба да се бараат другите причини за малата заинтересираност на политичарите за кандидирање за формалноправно највисоката функција во државата? Најверојатно не е голема причина што таа функција во минатите 28 години никому не му се позлати, никој од нив, Глигоров, Трајковски, Црвенковски и Иванов, не заврши накитен со лаври. Напротив, на еден или друг начин, заслужено или низ лажни вести сите до еден беа искомпромитирани и делегитимирани, безмалку оневозможени да си ја вршат функцијата, секој во свое време. Вториот елемент би бил теснопартиски, односно неводење соодветна кадровска политика или политика на кариера во самите партии. Таму не се создава номенклатура на личности што напредуваат по способности, по придонес и по биографија, туку според моментен интерес и распоред, предизвикан, пред сѐ, од внатрепартиски интереси, дворски игри и пресметки и расположението на лидерот. Ниту една партија, од поголемите се разбира, при изборот на кандидати, не развила внатрешна конкуренција, не применила принцип на внатрешно гласање меѓу целото членство, што би бил јасен показател за вредноста на кандидатот, а е индикатор дека партиите се далеку од демократските односи на кои се повикуваат.
Како што е мало интересирањето за претседателската позиција толку е присутна и апатијата кај граѓаните, разочарувањето кај гласачкото тело. Од избори до избори какви било, (собраниски, локални, претседателски) се намалува бројот на гласачи, се губи довербата во изборните процеси, особено од ефектите од нив. Наместо работите да се исправаат, кај граѓаните сѐ пораширено е мислењето дека кој и да дојде на власт не може да поправи или да смени што било во позитивна насока. И по последните избори и смената на власта брзо спласнаа надежите за некаков значаен пресврт по соборувањето на разорната неконтролирана влада на Никола Груевски и ДУИ. И новата голема коалиција, пак со ДУИ, експресно ги потроши предностите стекнати од вештачката, но многу добро организирана Шарена револуција и од несомнената меѓународна поддршка.
По понижувачкото менување на името, наместо очекуван подем, Република Северна Македонија однапред се покажува како истрошена, уморна држава што веќе нема национална енергија да исчекори од сопствената мрежа. Ниту власта покажува ист ентузијазам како при менувањето на името, ниту пак граѓаните имаат некаков нов мотив, нов поттик за поголемо политичко учество и за поголемо влијание врз одредување на насоките за новиот политичко-демократски и економски развој. Или, пак, за зголемен ангажман во полето на своето дејствување, освен ако се исклучат незапрените зделки и наместени тендери низ кои и натаму вртат милионски суми и се полнат приватни џебови на држава сметка. Секој напор нешто да се исправи се покажа залуден, понекогаш и на сопствена штета, секоја реформа се заменува со нова реформа при што се губи трагата од каде сѐ почнало, а ништо не се завршило.
Промената на името и на Уставот со него, не донесоа ништо позитивно во материјална смисла. Тој историски негативен чин е награден само со формални фалби за земјата, но не е проследен со финансиска поддршка од големите западноевропски земји. Ако се прави некаква споредба со Бугарија, Албанија, Романија или други земји, или огромните милијарди што гратис ги доби Грција, ќе се види дека само Северна Република Македонија нема никаква материјална помош за покажаната волја за влез во НАТО и во ЕУ, никаква видлива компензација за промена на името и губењето на дел од идентитетската лика на мнозинскиот народ во неа. На сите им е јасно дека последици ќе има само народот, кој ќе треба сам да си ги плаќа, ни крив ни должен, сите сметки што ќе произлегуваат од промената на личните документи. И не само за нив, ќе плаќа и за сите погрешни политики, за промашени реформи и за катастрофални кадровски решенија во клучни државни сектори.
Македонија не е забревтана машина што влече напред, како што ветуваше СДСМ. Не се чувствува жарот на новото време, и покрај големите пропагандни напори на власта да докаже дека цутат рози. Нејзиниот долгогодишен лет во место ја нема сменето позицијата. Оттаму и раширената апатија за претседателските избори, најавите за бојкот и слично. Со сета почит кон кандидатите, но станува сѐ појасно дека претседателската функција со мандатот на Ѓорге Иванов го има загубено сето државотворно значење. Катастрофална по авторитетот на државата е лесно изговорената констатација дека по Иванов секој може да биде претседател, мислење што никако не му оди во прилог на претседателот што ќе биде избран. Тоа, во секој случај е голема навреда за институцијата претседател, но и за оној што ќе дојде на тоа место.
Исто така на мнозинството граѓани (гласачи) им е јасно дека тој што ќе биде избран, иако ќе се труди да докаже дека е претседател на сите граѓани, не ќе може да се откине од канџите на партијата што го предложила или од лидерот што застанал зад него. Во согласност со уставните и законските акти, нему му се врзани рацете за поголеми дела или за учество во промени. Тој за кој било проблем прво ќе треба да прашува, а потоа да решава. Ништо не ќе може да реши без одобрение на партискиот лидер. Секако дека за секое отворено прашање ќе треба да биде на линија со американската амбасада, со претставниците на НАТО, ЕУ и на ОБСЕ во Македонија, без чија дозвола или одобрение не ќе може да донесува или да потпишува какви било важни одлуки. Доминацијата на Вашингтон во македонските работи ниту некој ја крие ниту ја оспорува. Тој ноторен факт сам по себе го наметнува заклучокот дека претседателот на Северна Република Македонија ќе биде повеќе „американски човек“, одошто северномакедонски, најмалку македонски. Во таква атмосфера се очекува да поминат претстојните избори.