„Ама, за кого и да гласаме, што и да избереме, на крајот не одлучуваме ние туку Америка и Европа! На Калето се избира премиерот. Амбасадорката на Соединетите Американски Држави решава наместо нас. Меркел го има клучот за Балканот. Макрон сѐ уште не знае што да прави со ситуацијата. Ние сме никој и ништо. Нашите политичари се марионети во рацете на странците. Сите се корумпирани. За кого и да гласаме нема да се случи ништо различно затоа што сите се исти. Македонија е земја што служи за меѓусебно раскусурување на соседните балкански народи. Македонците се неединствени и за ништо не можат да се договорат. Ние не знаеме да управуваме со држава. Не бидува ништо од нас“.
Ова не се цитати извадени од книги или реплики од филмови туку искази на обичниот мал човек во потрага по одговор на прашањето: што се случува со мене и со мојата земја?! Секако, сите овие прашања ги поставив јас, па логично се вбројувам во редот на оној мал човек по потрага по одговори. Драги мои, никој нема сосема егзактни одговори на овие прашања. И да расчистиме уште на почетокот, мојата намера не е да давам можни одговори на овие или слични прашања.
Ќе се обидам само да ве соочам со вистинитоста и потребата од постоењето на сите ваши сомнежи, но и на сите ваши „неверици, неволици и несоници“ како што егзалтирано испеал поетот Гане Тодоровски! Растењето на еден народ и една земја не секогаш се одвиваат во исто време. Тоа се процеси што најчесто не се паралелни. Како и општото движење на универзумот тоа државотворење е цикличен процес, кој има општи закономерности, но и специфики што се единствени за секоја држава и за секој еден народ, па, така, и за Македонија и за Македонците. Не дозволувајте да ве лажат дека имаат рецепт, правилник, учебник, закон, норма или универзитет за тоа како се раѓа, гради и како се брани и опстојува една земја. Нема таква работа, драги мои. Па да имаше, ќе беа ли Курдите безземни? Ќе постоеше ли држава Тибет да имаше дури и од Бога зададен систем за постојаноста? Режисерот Бранко Ставрев во неговата книга „Делос или остров што плови“ (голем дел од настаните опишани таму се случуваат на островот Тасос во Егејско Море што е уште поголема игра со преносното сфаќање на нештата!) поставувајќи ги прашањата за тоа како се прави театар, најмудро на свет ни нуди одговори како се живее животот, па преку карактерот на Режисерот како творец, како своевиден демиург на нови светови нѐ подучува дека животот како и уметноста се афирмираат јадејќи ги!
„На ниту еден грозд нема упатство за употреба! Ниту на една јаболкница, риба, море, сонце, љубов, смрт…“! Сето тоа мора да се проба. Мора да се живее. И живеејќи го да го осознаеме, утврдиме, да го отфрлиме или да ни се допадне и да го посакаме, продлабочиме и доразјасниме и да им го пренесеме на оние до нас, со нас, во нас и по нас! Држава и општество, драги мои, не се прават во книги, во песни или во филмови! Или, пак, во кабинет или во лабораторија! Тоа не е живот! Тоа е нечија друга идеја за животот! Тоа е блудно и неприродно и на крајот води кон тоа да веруваме на фикциите на литературата и личната уметничка егзалтација за совршенството, хероизмот и идеализмот на некои други луѓе, во некои други, некои минати и големи епски времиња и да се убедиме дека тие се поважни и попотребни од нашиот несовршен живот тука и сега! Или, пак, да се обидуваме во кабинет и лабораторија да создаваме интелектуални флоскули и монструми, а не реални луѓе и животни состојби!
Немојте да очајувате затоа што имате недостатоци. Тоа е така затоа што сте природни. Не сте измислени во нечија желба за совршенство. Самиот факт што како народ и држава сме со стотина мани и недоследности зборува за тоа дека сме природни и реални, а не измислени!
За ова што ви го зборувам не ви е потребна никаква потврда. Погледнете само околу вас како изгледаат сите оние работи што ви се допаѓаат како естетика или вкус, на пример? Знаете сите дека онаа храна што изгледа совршено мазно и убаво е создадена вештачки и не ги содржи природните вкусови, мириси и ароми. Онаа што може да се нарече убаво, најчесто однадвор изгледа грдо и несовршено. Ете, така ви е тоа и со народите и државите. Ама со сите. Речиси со сите! Да не мислите дека богатите, убави и успешни Норвежани живеат во храмонија со својата национална и државотворна совршеност?! Норвешка, (ја земам како општоафирмиран пример за успех на една нација и држава) живее со своите трауми од историјата затоа што таа нација и држава и ден-денешен се предмет на оспорување и негации од соседните шведски и дански нации и држави.
И денеска, во овој момент додека го пишувам ова, милиони Швеѓани и Данци го негираат постоењето на норвешката нација, а нивниот јазик го нарекуваат измислен, дијалект на данскиот и шведскиот, а нацијата непостојна, проста и селска! Да, да! Некои Данци и Швеѓани ја имаат истата теза како и некои Бугари или Грци, кои за македонскиот јазик ламентираат дека е бугарски дијалект што се практикува со српска машина за пишување! Па што мислите вие, дека сето тоа норвешкиот народ во минатото, но и во сегашноста го прима со леснотија и општа егзалтација и воодушевување?! Не, но научиле да го прифаќаат како факт за несовршенството на природата и општеството и секој ден, ама секој ден, и ден-денеска, дури и во овој момент додека го пишувам да ова се борат и бараат начин како да го поднесат, надминат, расчленат, расчистат и отфрлат – еден ден!
Норвежаните не живеат во лагата за совршенството. Живеат во живиот живот, приспособувајќи се на сѐ што тој жив живот, живо го носи со себе. Животот, драги мои, во голема мера е болка. Страдање. Потрага по себепримерување и смирување на интензитетот на тој бол. Во таа потрага по себеси, по лек за сопствените болки – совршената Норвешка го создаде Андрес Брејвик, масовен убиец што пред десетина години уби повеќе од седумдесетина деца, Норвежани! Замислете, само поради тоа што тие млади луѓе не ги споделувале неговите социјални и политички убедувања! Па ви се молам, во емпиријата на Македонците не постои човек што убил повеќе возрасни луѓе како момент на лична егзалтација, за деца, или за дете не станува ниту збор. Ние немаме сеќавање, памет или пренесено писмено или усно сознание дека некогаш, некаде некој Македонец ладнокрвно убил деца!
И сега, драги мои? Каде сме ние со одговорите на прашањата поставени на почетокот на оваа колумна? Животот мора да се живее и живеејќи го да го утврдуваме, дефинираме и карактеризираме. Така е и со општеството и со државата. Не постои држава во Европа, која по неколкупати во стотина години не ги променила своето општество уредување и официјалната историја за сопственото постоење. На Балканот, пак, да не зборуваме. Турција во само педесетина години од 1908 до 1958 година, од апсолутна монархија и муслиманска држава расположена на три континенти, губи две третини од териториите, војува против Србија, Бугарија и Грција, станува република и секуларна држава од прозападен тип, од феудална земја сопственост на отоманската аристократија се трансформира во капитализам со кој управува нова буржоаска елита, војува еднаш во сојуз со Англија против Германија, па заедно со Германија против Англија и Америка и на крајот во 1952 година во ист ден со својот вечен ривал и непријател Грција станува сојузник и членка на НАТО!
Ама вие навистина ли мислите дека тоа било правено со национален, социјален, политички, верски, идеолошки и културолошки консензус на мнозинството Турци? Не, секако. Тоа било процес на внатрешни борби и конфликти, интервенции, закани, корупција и уцени врз турски политичари и влијателни интелектуалци од страна на Англија и Америка и нивните плитки и длабоки држави! Од денот на влегувањето на Турција во НАТО, во таа земја се извршени четири воени удари. Неколкупати пропаѓа националниот монетарен систем и се произведуваат инфлации во кои милиони Турци губат сѐ што спечалиле во животот. Трипати се случуваат катастрофални колапси на економијата, социјална беда, идеолошки судири на левицата и десницата. Во Турција има постојана драматична нетрпеливост помеѓу секуларниот и религиозниот дел од општеството и бескрајни идеолошки судири, кои се движат од борбата на левиот спектар што пропагира доаѓање на власт, рушење на капитализмот и создавање на комунистичка држава и силна радикална десница убедена дека деспотизмот и цврстата рака на власта се гарант за прогресот на државата и нацијата! Да не ги додавам тука курдскиот проблем, сириското прашање и ресловите на отоманизмот, кои сѐ уште имаат свое општествено влијание. И сето тоа се случува во земја со политичка, воена, стратегиска и економска моќ и секако, на почетокот и на крајот од сѐ со силата на речиси деведесетмилионското население.
Каде сме сега ние, драги мои? Повторно на почетокот од ова мое пишување. Еве ја првата реченица: „Ама, за кого и да гласаме, што и да избереме, на крајот не одлучуваме ние туку Америка и Европа“! Секако дека тоа во многу работи е така, иако не би сакал да е така, иако знам дека никој од вас не би сакал тоа да е така! Сепак, тоа не е никаква причина да не го живееме животот во кој сите пресвртници, сите радости и таги, сите подеми и падови им се случуваат на тие што се дел од тој живот! Сите убави и сите грди нешта се дел од циклусот на животот, кој не треба и не смееме да си дозволиме да го гледаме како народ што се родил во кабинет и лабораторија. Па ние имаме емпирија и памет дека никогаш и ништо не ни било дадено без борба и без саможртва! Без херои и без предавници! Без посветени и без малодушни! Без лични и национални страдања и без потрага по себеси како лек за нашата и колективната болка!
Живејте го животот, тој ги има сите одговори на сите поставени и непоставени прашања. Живејте со сопствениот, семејниот, општествениот и националниот живот затоа што во животот можеби има само едно и единствено правило: ако ти не го живееш својот живот – некој друг ќе го живее наместо тебе! Затоа не прашувај каков е вкусот на она јаболко на она дрво таму. Најди скала, направи ја, качи се на дрвото, откини ги тие јаболка и вкуси ги заедно со оние што ги нарекуваш свои браќа и сестри, свои пријатели и другари и свој народ! И посади нови јаболкници. И нови овошки. И сѐ друго што ѝ треба на една градина на животот во која, секако, покрај убавите има и гнили јаболка. Секогаш и во секое овошје има понекој црв. Пронајдете го, извадете го и фрлете го во јалова и пуста земја.
Авторот е режисер и универзитетски професор