Траумите со кои се соочуваме денес, директно или индиректно, ја имаат својата генеза во репресивната историја на режимот пред деведесеттите години на минатиот век. Премногу имаме отворени историски рани во Македонија, рани што не може да се залечат со свесно наметната амнезија од наследниците на бившите џелати од комунизмот и бришење на настаните од репресивното минато на Македонија. Болните рани од тој период требаше одамна да ги залечиме преку правда, вистина, меморија и добра практика за човекови права; во спротивно гледаме како тие продолжуваат да ги повредуваат луѓето и да го нарушуваат мирот во општеството. Вистината и меморијата не се едноставно само прашање на државната политика. Тие се, исто така, одговорност на секое општество што се стреми кон безбедност, еднаквост, правда. Правото на вистина е конкретен израз на уставните принципи на човечкото достоинство, владеењето на правото и демократскиот облик на управување. Во Македонија успеавме да ја вулгаризираме идејата за историска вистина и правда, вооружувајќи ја меморијата преку манипулација со вистината на штета на жртвите од комунизмот, како и нивна стигматизација. Затоа: дали на Македонија навистина ѝ треба вистина? Зашто без неа и понатаму не само што ги живееме лагите на комунизмот туку и нѐ научија да веруваме и да ги браниме како непроменлива вистина.
Велат дека оние што го забораваат минатото се осудени да го повторат. Во преодни контексти со историја на груби повреди на човековите права, сеќавањето на минатото е од суштинско значење за усогласеност на правото на вистина, правда, надомест на жртвите како гаранции дека злото нема да се повтори. Правото на вистина треба да овозможи гласовите на жртвите да играат јасна улога во градењето на меморијата. Тоа се оние гласови што наследниците на комунистите не сакаат да ги слушнат, одржувајќи го живиот молк и страв во за нив креираното општество. Но вистината мора да биде кажана. Таа е отпор против наметнатата тишина и стравот. Таа е долг кон жртвите. Она што светот го призна како фундамент на транзициската правда: правото на вистина на жртвите за сторените ѕверства во комунизмот и историја без лаги и негирања, кај нас е ерес. Свесно сакаат да заборавиме дека негирањето или попречувањето на потрагата по вистината за најтешките прекршувања на човековите права од претходниот режим може да значат, само по себе, современо кршење на човековите права. Толку околу сериозноста на државата во разбирањето на својата историја. Онаа нивната, репресивна.
За Македонија и во 21 век останува вистински предизвик прочистувањето од наталожениот комунистички човечки отпад и пристап до вистината за злоупотребите на човековите права во претходниот режим. Или како што милуваат да си го нарекуваат „социјализмот со (грдиот) човечки лик“. Македонија не треба да знае за егзекуцијата на младата и убава партизанка Панде Чесноска од двајца високи раководители на ОЗН-а или, пак, за убиството на Лена Стојчевска по наредба на народен херој од Алејата на великаните, поради невозвратена љубов.
Ниту да ги чуе бруталните приказни за ограбените жртви на комунистичкиот терор, како онаа на познатата битолска трговска фамилија на браќата Секулови, разграбана од канџите на УДБА. Или, пак, на оние што комунистите ги жигосаа за цел живот со дијагнози за шизофренија и други тешки психички болести, дадени од нивната новоформирана медицинска фела. Или на прогонуваните за идеите за независна македонска држава чии животи завршија трагично. За сево ова историјата молчи, а гласовите на жртвите се игнорираат во градењето меморија за ваквото брутално минато на овој народ. Има толку сведоштва, а малку реконструирана, споделена и легитимирана вистина. Затоа наследниците на злото без срам и грижа на совест ќе именуваат улици и ќе ги слават егзекуторите и носителите на теророт и репресиите на претходниот режим. Колку да нѐ потсетат на злото, не на жртвите на злото. Како намерно да се одржува и потхранува недостигот од заедничко разбирање на историјата за да биде извор на постојана траума за илјадници Македонци и натамошно садистичко понижување на жртвите од комунизмот и нивните деца. Што друго може да очекувате од ваков човечки гној. Одамна ја умреа вистината во Македонија. Заедно со жртвите на комунистичкиот терор.
Лагите што треба да нè засегаат се лагите што продолжуваат да влијаат деструктивно на нашите животи, индивидуално и колективно. Затоа новата власт во Македонија на ова мора да одговори со правото на вистина како нова уставна категорија, за да избегне нови кадифени или обоени револуции, кои намерно ја ревидираат историјата и ги негираат злосторствата од минатото, за да легитимираат, да поттикнат недоверба, па дури и нови циклуси на насилство. Само низ легитимирањето на правото на вистина ќе се поттикне создавање историски запис што спречува ваква манипулација. Лагата на комунизмот не смее веќе никогаш да добие политичка веродостојност, зашто на крајот вистинската жртва е целата нацијата. Наместо да го потхранува и одржува сеќавањето на егзекуторите и човечкиот шљам што го произведе комунизмот, државата конечно мора да се соочи со вистината за минатото и да ја прекине меморијата на молкот во Македонија.
Обединетите нации на 24 март секоја година го слават Меѓународниот ден за правото на вистина во врска со грубите повреди на човековите права и за достоинството на жртвите. На овој ден им се оддава почит на жртвите на кршење на човековите права и се промовира важноста на правото на вистина и правда. Очигледно ние не ја славиме вистината. Ниту правдата. Ние го славиме злото. Она на комунизмот од кое никогаш не се оградивме. Затоа добро е да се потсетиме дека злото во Македонија е со име и презиме и дека сѐ уште живее меѓу нас.