Вирусите веројатно ќе мутираат и без нас и долго по нас. Смислено или бесмислено. Само враќајќи се назад, од луѓе на животни, да не ја пренесат мутацијата на алчноста. Кој ќе ги лекува од нас?
Во денови на продолжена изолација, кога со човештвото суверено владеат микробите и паниката, се сетив на еден од најтажните примери на изолација (овој пат на небото): пред повеќе од половина век, кучето скитник Лајка стана првото суштество во вселената (три години пред човекот).
Леталото „Спутник 2“ заедно со Лајка ќе изгори во атмосферата на Земјата во еден месец април, по 162 дена во орбитата, но Лајка умира многу порано: само неколку часа или неколку дена по лансирањето, од прегреаност или задушување. Умира сама, врзана и исплашена на небото – уште едно во редот жртвувања на најдобриот човеков пријател.
Ќе биде запаметена како колатерална штета на технолошкиот натпревар меѓу два идеолошки системи и прв (жив) исчекор во вселената во име на човекот.
Шеесет и две години подоцна, под сонцето ги нема идеолошките предзнаци на тој натпревар, само голата борба за пазари и профит, а човештвото се „задушува“ во стравот од нешто невидливо и премногу тешко да лебди во воздухот.
Како станавме „заложници“ на таа гравитација?
Од вируси се разбирам колку од животот: поуспешно се соочувам со она што сум го „прележал“ на своја кожа.
Знам и дека од сите прележани болести сигурно се враќа (како бумеранг) само прележаното време. За разлика од вирусите, животот не се прележува, мора да се отстои. Тест е, со неизвесна точност, каде што е извесна само една од „бинарните“ состојби на „пациентот“ – жив или мртов. Нема вакцина за новите „трески и морници“ што се дозираат во таинствената лабораторија на животот, а наученото брзо застарува – не влегуваш двапати истиот во водата што „мутира“ сосе матното во неа. Заканите, како и стравот, еднакво мутираат.
Мутираат и вирусите. Отсекогаш мутирале. Кој да им замери? Се борат за живот, како и ние. Мора да мутираат, за да преживеат во еден измутиран свет. Мора да биле во ќор-сокак за да направат таков еволуциски скок, да преминат од животни на луѓе – онака, лаички размислувам.
Можеби не би го менувале „домаќинот“ да знаеле со кого си имаат работа, да знаеле како постапуваме со своето тело и душа, со своето природно живеалиште. Колку „знаеме“ да ги испоганиме и телото, и душата, и природата… Додека лошата храна некако ќе помине низ стомакот, ништо не минува тукутака низ човечкото срце. На тоа мислел и Исус кога велел дека човекот духовно се опоганува од она што излегува од него: од (лошите) зборови и постапки.
Дури и на вирусот му е потребна ниска смртност, зашто високиот степен на смртност е еволуциски ќор-сокак за вирусот, пишува новинската агенција „Спутник“.
Оттука, неговите мутации не би требало да станат поопасни за човекот одошто е тој самиот за себе.
Кога некој (или нешто) денес би му подал рака за спас на овој свет, можеби би требало да размисли за (по)безбедна „мутација“, да не заврши (повторно) распнат, каменуван или запален од она што сторил ниет да го спасува. Во овој свет добронамерноста лесно се губи во преводот. Или мутира во својата спротивност.
Шеесет и две години по Лајка, човекот не е поблиску до новите светови на небото одошто до световите за кои пишуваа Џорџ Орвел и Олдос Хаксли. Или уште поопипливо – до „капитализмот на катастрофите“ на Наоми Клајн.
Не знам од чија лабораторија (природна или корпорациска) излегла оваа мутација, но не е тешко да се претпостави способноста за мутирање на постојната неолиберална матрица, што ги користи кризите и катастрофите како подмачкување за својата одржливост и обнова, како нови пазарни можности.
Идејата за нивното искористување е „модус операнди“ на фундаменталистичката форма на капитализам, поткрепена со форми на принуда, пишува Клајн, а надзорот на кризните состојби е толку приватизиран што и самите се претворени во нов пазар.
„Шок-доктрина“ е предупредување дека демократијата не оди неизбежно рака подрака со непречените слободни пазари, а историјата на слободниот пазар, поточно, историјата на подемот на корпорациите, е пишувана со шокови.
За време на кризи, она што е вообичаено политички невозможно, станува политички неизбежно.
Самиот неолиберализам е мутација на класичниот либерализам. Најновото негово име е глобализација. Ако во либерализмот трговците бараа од државата да бидат „оставени намира“, неолиберализмот бара државата да им помага на корпорациите во тоа.
Идејата за чистиот пазар како бедем против тоталитаризмот, „прочистен“ од владини регулативи и бариери (како што беше широко промовиран и применуван од Чикашката школа на Фридман) – ја потврди опасноста од идеите што протежираат прочистена визија на светот, како што го правеа тоа и некои други идеолошки матрици пред нив, чија цена е бришење на цели народи и цивилизации.
Каква смисла би имало да се живее во една мутација на тој свет?
Каква смисла би имало да се изгради сè како порано?, прашува и Карло Петрини (основачот на „Слоу фуд“), уверен дека нема ништо да биде како порано, туку подобро од порано.
Извесно, од оваа криза некој ќе излезе пожилав: или неолибералистичката матрица за профит по секоја цена или матрицата за вредност по мера на човекот.
Или ќе надвладее онаа изрека на Луј XV „по мене потоп!“ или „со мене преобразба“.
Или суверенитетот на одржливоста и слободата ќе станат вообичаени, или ќе живееме во некоја нова суверена мутација на „капитализмот на катастрофите“.
Читам, вирусот мутирал во осум типа што шетаат по планетава небаре бандити во сиромашно мексиканско село од вестерн-филм.
Светот може и потсетува на глобално село што ги чека своите „седум величествени“ да го спасат од грабежот на алчноста, но седумте „величествени“ овде се седумте најразвиени земји (Г7), кои покрај апелите за светска солидарност и мултилатерализам, остануваат верни на корпорациските интереси во своите земји.
Каква е таа добротворност, кога нејзините корисници не се сиромашните во светот, туку најбогатите и каде што целта не е да им се помогне на оние што им е потребно, туку да им се помогне на богатите да им помогнат на овие другите (парафраза на еден новинар за донациите на Бил Гејтс).
Вирусите веројатно ќе мутираат и без нас и долго по нас. Смислено или бесмислено. Само враќајќи се назад, од луѓе на животни, да не ја пренесат мутацијата на алчноста. Кој ќе ги лекува од нас?
Човештвото нема време за бесмислени мутации на неодржливи системи.
Ниту седум величествени богови не ќе нѐ спасат од самите себе.
Ниту Лајка ќе ни ја прости залудната жртва.