Нова година исти стравови

Не постои едноставен начин да се сумира годината во заминување. Бурна, застрашувачка, мачна. Година во која се разбудивме со фактот дека умираме. Едно беше да ја признаеме смртта на другите, а друго да ја прифатиме сопствената. Да го направите ова значи да ја замислите, да сметате на неа и, што е најважно, да го персонализирате вашиот живот низ својата смрт. Коронавирусот нѐ присили за неколку кратки месеци да направиме интроспекција на нашите животи и она што го зедовме здраво за готово, наметнувајќи се да биде катализатор за дефинирање на тоа како живееме. И на крајот, без оглед на овој вирус или нешто друго, без разлика дали сте млади или стари, богати или сиромашни, смртта сепак доаѓа по своето.

Коронавирусот во 2020 г. нѐ стави пред два избора: да го споделиме животот со смртта или да бидеме ограбени од смртта. Изборот е личен и во годината што доаѓа.
Наместо да доведе до некаква глобалистичка консолидација, во годината на владеењето на коронавирусот светот се соочи со сопствените слабости и недостатоци. А таму каде што беа најголеми, пандемијата се рашири со посебна бруталност. Вирусот ги изложи глобалните субјекти или како слаби и политички компромитирани, во случајот на Светската здравствена организација, или ирелевантни, во случајот на Обединетите нации. Ги обнови или зајакна националните граници, ја спречи миграцијата, ја пренесе моќта од меѓународната заедница кон националните влади. Да, коронавирусот предизвика антиглобалистичка параноја: вистинскиот глобализам во годината што изминува е дискредитиран и перманентно ослабен. Не сакам да верувам дека 2020-та е годината кога почна неговото дезинтегрирање. Иако реалноста на 2020-та ме потсетуваше секојдневно за самракот на глобалистичката ера, без да ја видам зората на новиот светски поредок.

Пандемијата на коронавирусот сериозно ги затресе и темелите на нашите општества во 2020 г. Ги соголи нееднаквостите, слабите здравствени и социјални системи и дигиталниот јаз. Годината на пандемијата ги стави општествата и меѓународниот поредок на голем стрес-тест на кој колективно паднаа. Во 2020 година коронавирусот и автократијата станаа исклучително опасен и експлозивен коктел. Автократите и оние другите во коронавирусот видоа шанса во името на заштита на здравјето да приграбат уште поголема моќ, продлабочувајќи и влошувајќи ги постојните проблеми со човековите права, особено за најранливите. Пандемијата се искористи како изговор за кршење на човековите права, а протоколите за јавно здравје повикаа на итни мерки што ги ограничуваат слободите, проширувајќи ги границите на новите здравствени регулативи надвор од прифатливиот концепт на човековите права. Цензурата, дискриминацијата, произволното притворање, надзорот над граѓаните и нивната приватност, слободата на движење беа жртвите во борбата против пандемијата. Некои ја заграбија можноста под плаштот на коронавирусот не само да ја цензурираат критиката туку и да ги нарушат механизмите за контрола и рамнотежата на нивната моќ.

Земја на бесперспективност, безалтернативност, промашувања, импровизации, дилетантизам, неспособност и бескрајна сервилност. Тоа беше Македонија во 2020 г., тоа ќе биде Македонија и во 2021 г. Станавме елдорадо на глупоста и лагата. За жал, глупоста и лагата со годините длабоко пенетрира во нашата перцепција и практикување на политиката. Македонија во 2020 г. успеа да ја оспори претпоставката дека глупоста може да се избегне. Сеприсутност на глупоста во актите на власта не направи да веруваме во нејзината неизбежност. Соочувајќи се со неа на нашиот пат кон ЕУ, ја откривме оваа неизбежност како проблем не само на политиката туку и на размислувањето. Политичкото лидерство нѐ направи глупави затоа што мислиме и постоиме како Македонци. Конечно го достигнавме врвот на малограѓанскиот менталитет во политиката. Со ајвар и патлиџан политика успеавме да креираме општество во кое е невозможно да се разликува априори глупава мисла од исправна, праведна мисла. Функционалната глупост на власта во 2020 г. стана организиран обид да се спречат луѓето сериозно да размислуваат за тоа што прават од државата и нејзината историја и како ја разградуваат и обезличуваат на безалтернативниот пат кон Европската Унија.

Каде беше обичниот граѓанин во 2020 г.? Дома, уплашен за своето здравје, својот живот и својата егзистенција. Во овие денови на пандемија, чувствува осаменост и гнев, плашејќи се дека може да го напушти овој живот без наклоност и топлина. Изолација, тага за изгубените сакани, грижа за своите работни места или страв од нова потенцијално позаразна варијанта на вирусот. А како поинаку да се чувствува сочен со руиниран и нефункционален здравствен систем и оставен самиот на себе, напуштен од државата. А државата? Државата крахира со кризата на коронавирусот. Авторитетот на власта се распрсна како меур од сапуница и почна да колабира до точка каде што основните услови и одговорности на суверена влада веќе не функционираат правилно. Здравјето и животот на граѓаните станаа влогот на власта за некои за неа повисоки цели. Како што беше добрососедството и Европската Унија. Кога веќе немате што да продавате, а не испорачувате резултати, ви останува свесно манипулираниот страв од кризата со коронавирусот и „портпаролот на смртта“ да ве пасивизираат и одвратат од помислата дека власт што страда од недостиг од легитимитет и прифаќање во очите на нејзиното население треба да се повлече. Да отстапи место на оние што знаат и можат.

Со оглед дека тоа нема да се случи, да ви посакам во новата година да се грижите за себе и за своето здравје, зашто поголема цена од животот нема. И да се свртите кон себе и своето семејство и да ја побарате среќата во малите заборавени нешта. Зашто видовме каде нѐ однесоа големите. Ако веќе не можеме да го промениме она што го гледаме, барем да го промениме начинот на кој го гледаме во новата година. Единственото нешто што знаеме за годината што доаѓа е дека ништо не знаеме. Затоа да сте ми живи и здрави и чувајте се за да се читаме и во годината што доaѓа.