Сѐ уште нема простор за никакво празнично опуштање, бидејќи пандемијата е тука околу нас и се шири мошне брзо. Секој од нас треба да биде одговорен, како за себеси, така и за другите. Да не дозволиме при крајот да се вратиме пак на почетокот, како што претходно се случуваше со појава на нови кластери и растечки бројки на новозаразени. Кога ќе го сфатиме тоа, на добар пат сме и да го победиме вирусот
До крајот на 2020-та и до почетокот на идната 2021 година, останува само уште еден ден. За 24 часа ќе ја испишеме последната страница од оваа, по многу нешта, исклучително тешка и трагична година, која не само нам, туку и на целокупното човештво на Земјината топка му донесе многу страдања, маки, премрежиња и несреќа, како и милиони изгубени човечки животи.
Деновиве со најголемиот број соговорници со кои разговаравме речиси сите до еден, па дури и тие што директно не ги почувствувале последиците од пандемијата, велат дека Нова година ќе ја пречекаат дома и оваа година едвај чекаат да ја испратат и да ја заборават, дури ако можат да ја избришат од меморијата. Но колку и да се трудат во тоа, сепак сите ние 2020 година уште долго ќе ја паметиме, по големиот број изгубени човечки животи, трауми, карантини, изолации, полициски часови, затворени граници, затворени дуќани, изгубени бизниси, работни места… Тоа се главните карактеристики по кои ќе остане запаметена 2020 година. По многу нешта таа беше година, во која во одредени моменти умираа по десетици и стотици наши сограѓани дневно и во која човечкиот живот буквално беше обична статистичка бројка.
Тоа беше година кога илјадници наши (со)граѓани ги изгубија своите најблиски. Трагично беше и тоа што сите што ги изгубија своите најблиски од ковид-19, поради строгите протоколи, не можеа како што е вообичаено ни да се простат од нив и со вообичаените црковни служби да ги испратат на оној свет. Голем број од нас во оваа година изгубија понекој близок, роднина, сограѓанин, пријател, другар, комшија. Затворени во својот страв и секојдневна грижа да не се инфицираме од коронавирусот некогаш дури отпосле, по неколку дена дознававме кој ја изгубил битката со пандемијата.
И покрај сите напори на здравствените и медицинските работници, кои буквално не излегуваа од инфективните клиники, сепак последиците и траумите од пандемијата се тешки за сите. На еден ден пред испраќањето на старата и пречекот на новата година, пандемијата како да се смирува, а во некои земји почна и масовното вакцинирање против пандемијата. Според податоците на Институтот за јавно здравје, кај нас, а и во другите земји од соседството се регистрира тренд на намалување на случаите со ковид-19.
Последните денови не само што се намалува бројот на позитивни случаи туку за околу 18 отсто се намали(л) и бројот на починати од вирусот. Но и покрај таквите бројки, поради непредвидливоста на пандемијата нема простор за никакво опуштање, како за граѓаните и за здравствените работници, така и за сите нас. Напротив, сега треба уште повеќе да се зголемат присебноста и (само)дисциплината. Потребата од тоа еден познат битолски здравствен работник и голем љубител на планината и алпинизмот деновиве мошне поучно ја објаснува со животната судбина на најдобриот битолски и македонски алпинист, првиот македонски освојувач на Монт Еверест, Димитар Илиевски-Мурато, кој вели дека „Димитар Илиевски-Мурато не загина на качување на Монт Еверест, туку при симнувањето од покривот на светот. Кога Диме, заедно со Стипе Божиќ и Виктор Грошељ, се искачуваше на Монт Еверест, тој беше крајно сконцентриран и како секој искусен алпинист добро го мереше секој негов чекор. Но тогаш кога се искачи на врвот и кога го оствари својот животен сон, се опушти, му се препушти на задоволството што се искачил на врвот, кој од мали нозе го сонувал, му падна концентрацијата и на слегување се изгуби по хималајските беспаќа“.
Затоа сега, кога бројките од коронавирусот паѓаат и кога вирусот стивнува и полека ја губи својата вируленција, нема простор за никакво опуштање. Напротив сега треба да бидеме посовесни и повнимателни од кога било и докрај да ги почитуваме мерките и препораките на здравствените работници. Не треба сега претседателот на комисијата, Жарко Караџовски, или министерот Венко Филипче да ни кажуваат и повторуваат дека за Нова година и претстојните празници, Божиќ, Бадник или Водици не треба да се групираме и сите празници да ги прославиме во своите домови, со своите најблиски. Тоа не треба да го прават ни премиерот Зоран Заев, ни министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој најавува строги контроли и преземање остри мерки и санкции против прекршителите на препораките и владините одлуки.
Тоа треба да го прават самите граѓани. Одговорност за евентуални нови празнични корона-кластери сега е во рацете на граѓаните. Во нивната свест, совест и граѓанска одговорност. Со оглед на тоа што пандемијата сѐ уште е присутна и се заканува да однесе уште многу човечки животи, 2021 година најголемиот број од нас ќе треба да ја пречекаат во своите домови, со своите најмили. Поради препораките на Министерството за здравство и владините мерки, оваа година ќе изостане празнувањето на градските плоштади, рестораните, кафулињата, дискотеките. Забранети се собирањата и групирањата и во домовите и во излетничките места. Здравствените стручњаци предупредуваат дека пандемијата можеме да ја совладаме само со почитување на мерките, одржување дистанца, носење заштитни маски и одржување хигиена, „терапија“ што ја „пропишуваат“ сите здравствени работници каде било во светот. Сѐ уште нема простор за никакво опуштање, бидејќи пандемијата е тука околу нас и се шири мошне брзо. Секој од нас треба да биде одговорен, како за себеси, така и за другите. Со почитувањето на мерките и препораките покрај тоа што се штитиме себеси, ги штитиме и своите најблиски, а штитејќи ги нив ги штитиме и другите наши другари, пријатели, соседи, сограѓани… Време за прослави и групни радости и собирања овој пат не треба да има. Да го оставиме тоа за тогаш кога ќе биде објавен крајот на пандемијата.
Крајот се наѕира. Светот е на добар пат да ја победи пандемијата. Се гледа излезот од тунелот, во кој бевме и сѐ уште сме речиси една година. Полека во сите земји од светот стигнува и вакцината против коронавирусот. Ако издржавме речиси една година, можеме да издржиме уште малку, дали тоа ќе биде месец, или неколку месеци, во овој момент е сеедно. Да не дозволиме на крајот да се вратиме на почетокот, кога пандемијата во целост ни го смени животот и нѐ раздели од своите најблиски. Таков луксуз сега никому не му треба, па дури и на тие што не веруваат во вирусот. Зашто верувањата се едно, а реалноста, бројките и статистиката нешто сосема друго. А тие се поразителни. Кога ќе го сфатиме тоа, на добар пат сме и да го победиме вирусот.