Министерството за надворешни работи информира дека утре (3 декември), во 9 часот, на скопскиот аеродром се очекува да пристигнат посмртните останки на 45 граѓани кои загинаа во трагичната автобуска несреќа во Бугарија.
Како што информираат од ресорното министерство, по пристигнувањето поворката ќе се движи по однапред утврдена патека до и низ главниот град.
„Во периодот од 10 до 13 часот, граѓаните ќе можат да оддадат последна почит преку положување цвеќе на плоштадот Скендербег, како и да ја проследат поворката која ќе помине по булеварот, веднаш до плоштадот, во периодот меѓу 11 и 12 часот“, се наведва во соопштението.
На плоштадот ќе биде поставен и видеобим, од каде граѓаните ќе можат да го следат целиот процес на пристигнување и движење на поворката.