Кај нормалните бремености, нивоата на витаминот Б12 паѓаат за 30% до третиот триместар од бременоста. Бидејќи витаминот Б12 игра важна улога во пролиферацијата на ткивата, дефицитот може да биде асоциран со инфертилитет и повторувачки абортуси. Доенчињата на ексклузивно доење од мајки со дефицит на Б12 може да имаат невролошки испади
Автор: Д-р Ивана Наков, гинеколог
Витаминот Б12 или кобаламин е многу важен, есенцијален витамин, од групата на Б витамини, растворлив во вода. Во организмот на човекот не може да се создава, туку мора да се биде внесен преку исхраната или преку суплементација.
Во бременост има големо значење затоа што заедно со витаминот Б9 (фолна киселина) превенираат создавање на дефект на невралната цевка (spina bifida) или други анмоналии на централниот и спиналниот нервен систем кај бебето.
Кај нормалните бремености, нивоата на витаминот Б12 паѓаат за 30% до третиот триместар од бременоста. Бидејќи витаминот Б12 игра важна улога во пролиферацијата на ткивата, дефицитот може да биде асоциран со инфертилитет и повторувачки абортуси. Доенчињата на ексклузивно доење од мајки со дефицит на Б12 може да имаат невролошки испади.
Витаминот Б12 генерално се наоѓа во храна од животинско потекло. Дефицитот се појавува како резултат на намален внес или лоша апсорпција.
Сепак, најчеста причина за дефицит на витамин Б12 кај бремените жени е вегетаријанскиот или веганскиот начин на исхрана.
Функцијата на витамин Б12 во бременост
-кај бебето заедно со фолатите (витамин Б9) е неоходен во формирањето на невралната цевка, развојот на мозокот и на спиналниот мозок
-заедно со фолатите, учествува во синтезата на ДНК и еритроцитите
-кај мајката има улога во функцијата на мозокот, нервите и создавањето крвните зрнца
-помага во подигнување на нивото на енергија, расположението и намалување на стресот
-помага во одржувањето на нормалните функции на централниот нервен систем и невролошките функции преку регулирањето на синтезата на миелин и масни киселини.
Жени кои се со ризик од развивање на дефицит на витамин Б12
-Пациентки кои се на вегетаријанска или веганска исхрана
-Пациентки со гастроинтестинални нарушувања или со претходен оперативен зафат на гастроинтестиналниот тракт, историја на целијакија или друга инфламаторна болест на цревата
-автоимуни заболувања (воспаление на тироидната жлезда, витилиго)
-пролонгирана употреба на лекови кои можат да влијаат на апсорпцијата на витаминот Б 12 ( инхибитори на протонска пумпа, антагонисти на H2 рецептор , бигваниди-т.е. медикаменти за хронични киселини или метформин кој се користи за контролирање на нивоата на шеќер во крвта)
Знаци и симптоми на дефицит на витамин Б12
Симптомите се развиваат бавно и можат да се појават и по 5 години од исцрпувањето на нивоата. Недостигот се манифестира со невропсихијатриски симптоми како парестезија, вкочанетост, губиток на меморијата, атаксија, депресија, иритабилност и нарушена когниција. Суплементацијата со фолна киселина може да ги маскира (или делумно да ги маскира) хематолошките манифестации на недостатокот, но не влијае на симптомите од страна на нервниот систем.
Клинички знаци на дефицит на Б 12 се и воспаление на јазикот (glossitis) и честа појава на улцерации во усната празнина-афти.
Дијагноза на дефицит на витамин Б12
Интерпретацијата на серумските нивоа на кои одредуваат присуство или сериозен дефицит, може да биде предизвкувачки поради физиолошкиот пад на нивоата на витамин Б12 кои се гледаат во бременост. Дефицитот се дијагностицира преку холотранскобаламин (HTC-активен витамин Б12 ≤35 pmol/L). Холотранскобаламинот е посигурен показател за ниски резерви на витамин Б12 отколку вкупниот витамин Б12, и е корисен кога нивоата на вкупниот Б12 се ниски или намалени.
Во крвната слика се присутни зголемени вредности на MCV (абнормално големи еритроцити) кои можат да бидат маскирани од истовремено присутна железо-дефицитна анемија или таласемија. На крвна размаска можат да се види неутрофилна хиперсегментација.
Скрининг за дефицит на витамин Б12
Скринингот треба да се направи кај:
-пациентките кои имаат зголемен ризик од дефицит
-жени со необјаснета анемија
-жени кои не одговараат на третманот на железо-дефицитната анемија
Скринингот опфаќа одредување на серумски нивоа на витамин Б12. Доколку нивоата на вкупен витамин Б12 се под 250 pmol/L, треба да се одредат и вредностите на HTC.
Превенирање и третирање на дефицит на Б12
Дневните потреби за витамин Б12 се 2,4 mcg/ ден за не-бремени пациентки. Суплементацијата се препорачува за бремените пациентки, особено на оние кои се на вегетаријанска или веганска исхрана во бременост и лактација со препорачан дневен внес од 2,6 mcg/ ден во бременост и 2,8 mcg/ ден во лактација.
Кај недотстаток на витамин Б12 поради нарушена апцорпција, се препорачува парентерална употреба на витамин Б 12. Ако постои сомнеж за диетарен дефицит на витамин Б12, се дава краток курс на орален Б12 (на пр, цијанкобаламин 1000 mcg/ден). За 3-4 недели се препорачува повторно да се одреди серумското ниво за да се процеи одговорот на терапијата.
Кај тешки дефициити се препорачува парентерална терапија со хидроксикобаламин (1000mcg/1mL), кој се дава преку интрамускулна инјекција, еднаш неделно во период од 3 недели. Ако пациентката има и невролошки симптоми, се препорачува почесто дозирање.