Фото: Нова Македонија/Илустрација

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЦЕНТАРОТ ЗА ГРАЃАНСКИ КОМУНИКАЦИИ (ЦГК)

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) направи истражување, кое покажува една сурова реалност во земјава. Според податоците од истражувањето, кое било спроведено од почетокот на годинава, а последните податоци се од минатиот месец, во земјава недостигаат 340 пожарникари, а противпожарните возила што ги користат се просечно стари по 27 години. Натаму, ништо поразлично не е ниту на примарното ниво во областа на здравствената заштита во синџирот на преземањето на обврските на т.н. брза помош со амбулантни возила, кои треба да им служат на граѓаните во здравствена нужда, за брз и безбеден транспорт на пациентите до некој од клиничките центри во земјава. Амбулантните возила, кои ги имаме 263 на број, се просечно стари по 12 години, а само 30 од новонабавените вакви возила се нови, додека другите се купени на старо…

Највисок граѓански интерес, во смисла на обезбедување висок степен на сигурност и безбедност со брза интервенција на одредени специјализирани институции во државата, претставува имањето високоспецијализирани обучени и опремени интервентни органи и синџир на реакција за вонредни ситуации на тие органи, кога граѓаните ќе се најдат во одредена опасност. И противпожарната служба, како и популарно наречената брза помош се значаен дел од таквите државни и локални институции. Јасно е дека тие се посебна област на здравствена и друга заштита, која се организира со цел преземање на неодложни и неопходни интервенции, кои доколку не се преземат, тогаш би дошло до потешко нарушување на здравјето и сигурноста на граѓаните и нивниот имот, или би се загрозил нивниот живот. Таквите видови интервенции, односно помош за граѓаните, се спроведуваат во согласност со законите и прописите на државата. Затоа, оваа област изискува споменатите служби да бидат во извонредно висока кондиција, опремени со човечки и технички капацитети, за да можат да одговорат на сите предизвици на современото динамично живеење. Но дали е тоа така?

Кусок на пожарникари, кусок на противпожарни возила

Како што информираат од ЦГК, горенаведените информации и бројки се резултат од најновите истражувања и бази на податоци на сите амбулантни возила и возила за противпожарна заштита, како и за бројот на пожарникари во сите 34 единици во земјава.

Според резултатите од истражувањето, бројот на пожарникари во земјава е помал од законски предвидениот минимум во 16 од 34 противпожарни единици во земјава!
А токму во главниот град Скопје најмногу недостигаат пожарникари. Дури 200 пожарникари се кусок во главниот град, за противпожарната бригада да може да одговори на потребите на граѓаните. Скопската противпожарна бригада има само 190 од потребните 405 пожарникари.

Куманово е во слична состојба. Тука има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот. На Битола ѝ недостигаат 21 пожарникар, а на Тетово 17 пожарникари.

Сепак има и добри единици. Ресен има дури шест пожарникари над законскиот минимум. Гостивар, Струга, Кичево и Делчево имаат по четири пожарникари повеќе.
– Инаку, 34-те противпожарни единици вкупно имаат 284 возила, од оние што гаснат пожар до цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата. Половина од вкупно 284-те возила се постари од 30 години, додека само 15 проценти од возилата се стари до 10 години. Во последните три години се набавени дополнителни 65 возила, но и тие се со просечна старост од 17 години. Најстари возила со просечна старост од 39 години има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане – велат заклучоците од истражувањето.

Со просечно стари возила од 38 години е Кратово, а 36 години просечна старост имаат возилата на валандовската противпожарна единица.
Најнов возен парк имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години.

Лидер во категоријата најстаро противпожарно возило има Валандово, чиј камион ТАМ датира од 1966 година. Неговата старост е дури 57 години.
Во другите општини не е ништо подобро. Возила произведени во 1967 година имаат Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП имаат Крива Паланка и Демир Хисар.

МАЛ БРОЈ САНИТЕТСКИ ВОЗИЛА, ПОВЕЌЕТО ЗАСТАРЕНИ И КАКО ВОЗИЛА, НО И СО НИВНАТА ОПРЕМЕНОСТ ЗА ИТНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ

Амбулантни и санитетски возила во земјава вкупно има 263.
Според истражувањето, санитетско или амбулантно возило поседуваат вкупно 58 здравствени установи.

И тука има мошне стари возила, најстарото е од марката „мерцедес“ од 1988 година, кое го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево.
Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово. Просечната набавна вредност на возилата е 38 илјади евра.
– Најскапо купени воопшто вакви возила во земјава се двете возила подарени од Министерството за здравство на Клиниката за детски болести од Скопје во далечните 2001 и 2013 година, со набавна вредност од 105 и 135 илјади евра. Дури 73 проценти од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22 проценти од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства – се вели во соопштението.

Најчесто, возилата се донации од други земји иако има и такви што се донирани од страна на Министерството за здравство.

Споредбата со истото вакво истражување покажува дека сега има 80 вакви возила повеќе отколку во 2019 година, но само 30 од новостекнатите 80 возила се нови, односно произведени во последните три години, додека другите се повторно стари возила.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од фондацијата „Отворено општество“ – Македонија.

Според претседателот на Центарот за граѓански комуникации, Герман Филков, најголем проблем е тоа што се набавуваат нови, но половни возила.
– Во пандемиските две-три години, 2020, 2021 и 2022, кога правевме истражување, беа набавени службени возила во вредност од четири милиони евра. Надлежните треба да направат приоритет, дали им се потребни пожарникарски и санитетски возила или службени возила – истакна тој.


Што претставува Центарот за граѓански комуникации?

Центарот за граѓански комуникации е формиран во април 2005 година како невладино, непрофитно и непартиско здружение на граѓани. Во своето осумнаесетгодишно дејствување, ЦГК ја фокусира својата работа врз две групи меѓусебно поврзани активности: (1) мониторинг на државните институции и врз основа на тоа, препорачување мерки и политики за унапредување на работењето, доброто владеење, економскиот развој и за намалување на просторот за корупција и (2) унапредување на способноста на новинарите и на посебната улога на медиумите и на невладините организации во борбата против корупцијата и зголемувањето на транспарентноста, одговорноста и отчетноста на државните институции. Во оваа насока, ЦГК досега има изработено и предложено неколку стотини конкретни препораки за преземање мерки за унапредување на регулативата и практиката во насока на потранспарентно, поотчетно и поодговорно работење на централната и на локалните власти, има обучено повеќе од 250 новинари од националните и од локалните медиуми за истражување и известување за корупција, исто толку претставници на граѓанските организации, а има објавено и триесетина истражувања и прирачници. Претставници на ЦГК редовно учествуваат на работилници и во експертски групи за креирање стратегии и мерки за борба против корупцијата и за други прашања од областите на дејствување на ЦГК.

[email protected]